Втора недела од Великиот Пост

Православното учење за посниот подвиг со особена сила се открива во Втората недела на Великиот Пост, посветена на Св. Григориј Палама и неговото учење за благодатната сила којашто слегува одозгора и го озарува целиот човек, откривајќи му ги најтаинствените доживувања на неговиот дух. Оваа седмица и Недела е своевиден повик од Црквата кон Господа – Дарителот на Светлината – со кој таа проси благодатно просветлување за оние кои духовно се подвизуваат. Самото богослужение на оваа седмица и недела го повикува човекот да чекори по патот на смирението, и во скрушеност да Му се обрати на Бога за Он, просветлувајќи го неговото внатрешно битие, да ги исцели слабостите на неговата природа.

Славниот Солунски архиереј и пофалба на архиереите, Свети Григориј Палама, и самиот многу строго се подвизувал на Атон и го просветлил својот сопствен живот предавајќи се на умната молитва. Неговата остроумност била плод не само на познавањето на науките, туку и на неговиот благодатен живот во Христа. Со нивна помош тој го побил еретичкото учење на Варлаам, кој го отфрлал православното учење за несоздадената светлина и не ја допуштал можноста за достигнување на тоа озарување, како плод на молитвата, постот и другите духовни подвизи на самоодрекувањето. Имено, на Соборот свикан во 1341 година во Константинопол овој свет син на Божествената светлина го разобличил споменатиот еретик и го заштитил православното учење за несоздадената светлина, со која Господ засветил пред Своите ученици на Таворската гора.

Црковната служба во чест на Св. Григориј Палама и неговото житие ги составил Константинополскиот Патријарх Филотеј во XV век, а канонот е дело на Генадиј Схолариј (XV век).

Втората недела од постот не била отсекогаш посветена на Св. Григориј, туку претходно била во спомен на евангелската парабола која зборува за покајанието на блудниот син. Сведоштво за тоа постои во Ерусалимскиот Устав од VII век, како и во Синајскиот Канонар (X – XI), а додека, пак, во Уставот на великата Цариградска Црква (IX – X век), оваа недела била посветена на Св. Поликарп епископ Смирненски. Евергетидскиот Устав (XII век) нема некои особени спомени за оваа недела. Кај него за овој период од постот во богослужбите преовладуваат претежно воскресни песнопенија. Во денешната служба од словенскиот Триод првиот канон зборува за покајанието на блудниот син, како за стар спомен, а вториот канон, пак, го пофалува светлиот пример на Св. Григориј. Оваа специфичност не се забележува во грчкиот Триод.