Делото на Црквата
Светиот апостол Павле го одредува делото на Црквата со следниве зборови: И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји (Ефес. 4,11-13).
На тој начин, Црквата која ја создаде Христос Спасителот поседува совршена организација. Таа е органско тело чија глава е Христос, патеводител Светиот Дух, Кој ја поучува и ѝ ги пренесува Божјите дарови.
Црквата е органско тело. Таа е видлива и сите свои членови, како светите, така и слабите, ги собира во една целина. Болните членови на Црквата никогаш не престануваат да бидат делови од нејзиното Тело. Бидејќи се препородени преку светите тајни и станаа деца на благодатта, повеќе не можат да се оддалечат од неа, дури ни доколку би се нашле под дејство на црковна казна. За оние ослободените од првородниот грев, освен во Црквата, не постои повеќе ниту едно место на кое би можеле да престојуваат. Во светот за човекот постои само едно место за престојување: рајот. Таму се наоѓа Црквата, во која е спасението на човекот.
По падот на првосоздадените и појавата на гревот, оние кои отпаднаа од Бога создале друго место, место на гревот. Црквата Божја која е вечна, ги вклучувала во себе единствено оние кои својот поглед го насочуваа кон Бога и го очекуваа доаѓањето на Спасителот. Црквата во себе носела вера и надеж во ветеното спасение на човештвото, во Христа-Спасителот. Оние кои поседувале таква вера и таква надеж се наоѓале во Црквата Божја, го очекувале Спасителевото искупување на човештвото и на крај го добија. Оние, кои ја немале таа вера и таа надеж, се наоѓале надвор од Црквата. Адамовиот грев стана причина за постоење на места надвор од Црквата. Поради тоа од времето на Адамовиот пад, постојат две места – место во Црквата и место надвор од Црквата.
Оние кои доаѓаат од местото на гревот и преку тајните влегуваат во местото на Христовата Црква, засекогаш стануваат нејзини членови. По крштението и исчистувањето од првородниот грев, за нив повеќе не е можно да се вратат на местото на гревот. Бидејќи не постои ниедно друго место, оние кои влегуваат во Црквата остануваат во неа дури и ако се грешници. Црквата ги одделува, како што и пастирот ги одделува болните овци од здравите, но тие со тоа не престануваат да бидат овци од тоа стадо, кога болните овци ќе се опорават, тие повторно се соединуваат со здравите. Во случај да се покаже дека се неизлечиви, тие умираат во грев и ќе им биде судено според нивните гревови. Меѓутоа, додека се во овој свет, тие се сметаат за овци на заедничкото стадо, или, со други зборови, како чеда на Христовата Црква.
Согласно православното учење, постои само една Црква, видливата Христова Црква. Во неа се препородува човек кој дошол од местото на гревот и во неа ќе остане независно од тоа дали е грешник или светец. Бидејќи се членови на Црквата, грешниците не можат да ги заразат нејзините останати делови, бидејќи и тие се членови на Црквата – тие се природни и слободни битија, кои значи, не се лишени од слободата како што е случај со телото на животните, каде што болеста на една од нив се пренесува на сите останати.
Грешат протестантите кои веруваат во невидливата Црква која се состои од избраници кои Му се познати единствено на Бога. Невидлива Црква не може да постои. Доколку луѓето не се непорочни и доколку нема безгрешен човек, каде ќе се пронајдат избраници? Невидливата Црква на избраните постојано би страдала од постојани промени, од вечна замена на своите членови, макар и како последица на човечката предиспозиција да отстапува и да паѓа од една страна, а од друга страна поради Божјата сомилост (сострадање) и поради Неговата љубов кон човекот, бидејќи Бог ги прима сите кои Му се враќаат.
Вистинската суштина на Црквата е во тоа што таа истовремено и се бори и триумфира. Таа се бори кога води битка со злото, а за владеење на доброто. Таа триумфира на небесата и во срцата на праведниците кои во текот на борбата се усовршиле во верата и во добродетелите.
Оние кои веруваат во невидливата Црква доаѓаат во противречност со вистинскиот дух на Црквата, бидејќи таа не ги раздвојува оние кои се наоѓаат на патот на усовршување, од оние кои веќе станале совршени. Таквото раздвојување е Божјо дело. Единствено Он, по човечката смрт, ги раздвојува праведниците од грешниците. Христос не се одвраќа ниту од оние кои ги ослободил со Својата сопствена крв, како што ни во времето на Својата земна икономија не се одвраќаше од грешниците. Исус Христос ги смета како членови на Својата Црква и до последниот момент го очекува нивното преобразување.
Превземено од: Хондропулос, С. (2007). Свети Нектариј Егински: Светител од наше време. Ѓаконија. (Pages 360-362).