За празникот Цветници и почетокот на Страсната Седмица

Од денес Христос влегува не само во Своите Страданија, туку и во онаа страшна осаменост што го опкружува во текот на сите денови од Страсната Седмица. Таа започнува со едно недоразбирање. Луѓето очекуваат дека Господовиот влез во Ерусалим ќе биде торжествена поворка на политички, народен водач, кој ќе го ослободи својот народ од угнетување, од ропство, од она што тие го сметаат за безбожност, бидејќи секое паганство, идолопоклонство е негирање на Живиот Бог.

Оваа самотија подоцна ќе прерасне во страшно недоразбирање дури и од страна на Неговите ученици. На Тајната вечера, кога Спасителот за последен пат разговара со нив, тие цело време се прашуваат за значењето на Неговите зборови. И после тоа, кога Тој оди во Гетсиманската Градина, за да се соочи со страшната смрт што Му претстои, Неговите најблиски ученици Петар, Јован и Јаков ќе заспијат од безнадежност, замор и очај.

Конечно, последниот чекор во оваа осаменост ќе биде крикот на Христос од крстот: Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави? (Марко 15:34). Напуштен од луѓето, отфрлен од народот Израилев, Тој влегува во крајна напуштеност и умира како без Бога, без луѓе, Сам, единствено со Својата љубов кон Бога и со Својата љубов кон луѓето, умирајќи заради едните и умирајќи заради Другиот.

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници

Почетокот на Страдањата Господови е денешната Негова поворка. Луѓето очекувале крал, водач, а нашле Спасител на своите души. Ништо не му наштетува на човекот толку многу како изгубената надеж, разочараната надеж. Ова објаснува зошто луѓето што Го поздравувале на овој начин, кои биле сведоци на воскресението на Лазар, на Неговите чудеса направени врз луѓето, кои го слушале Неговото учење, се восхитувале на секој Негов збор, кои биле подготвени да станат Негови ученици, само и само за да ја приближат победата – истите тие луѓе се повлекле од Него, Му свртиле грб и по неколку дена почнаа да викаат: распни Го, распни! (Лука 23:21).

Во текот на овие денови ќе бидеме присутни – не само што ќе се сеќаваме, туку и ќе бидеме присутни! – на Страстите Христови. Ќе бидеме дел од толпата што Го заобиколила Христа, Неговите ученици и Богородица. Кога ќе почнеме да го слушаме читањето на Евангелието, молитвите на Црквата, кога слика по слика ќе поминат сликите на овие Страдални денови, ќе започнеме секој ден да си го поставуваме прашањето: А каде сум јас, кој сум јас во оваа толпа? Фарисејот? Книжникот? Предавникот? Страшливецот? Или, пак, стојам меѓу апостолите – но и тие биле победени од стравот! Петар трипати се одрекува, Јуда предава, Joван, Jaков и Петар заспиваат кога на Христос повеќе од кога било Му е потребна човечка љубов, останатите ученици се разбегуваат. Крај Крстот не останува никој, освен Св. Јован Богослов и Богородица – оние кои биле поврзани со Христа преку љубовта што не се плаши, љубов што е подготвена да сподели сè.

Ајде да се запрашаме повторно: Кои сме ние, каде сме? Каде сме во толпата? Дали стоиме таму со надеж или очај? Ако, пак, стоиме со рамнодушност, тогаш и ние сме дел од оваа страшна толпа што Го опкружувала Христа, што Го следела, слушала и заминала, исто како што и ние ќе ја напуштиме црквата. Крстот ќе биде изнесен овде на Велики Четврток, ќе го прочитаме Евангелието за Крстот, Распетието, смртта – и што ќе се случи понатаму? Крстот ќе остане, и ние ќе одиме да се одмориме, ќе одиме дома на вечера, да спиеме, ќе се подготвиме за заморниот ден што следи. А Христос е на Крстот во тоа време, Христос е во гробот. Каков ужас е тоа што ние, подобно на учениците тогаш, не можеме да поминеме еден час, една ноќ со Него. Ајде да размислиме за ова и ако не можеме да сториме ништо, барем ќе разбереме кои сме, каде сме и ќе се свртиме кон Христа, макар во последниот час, со извикот, со молитвата на разбојникот: Спомни си за мене кога ќе дојдеш во Царството Свое! Амин.


Извадок од книгата: Антоний, митр. Сурожский, Труды, ч. 1, М.: Издательский дом „Практика“ 2014.
Превод: Наташа Наумоска


Прочитајте повеќе за Цветници на следниве линкови: