Христе мој, воскресни ме и мене, последниот Твој пријател

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на празникот Цветници, во манастирската трпезарија, 21 април 2019 лето Спасителово

Чесни отци и браќа монаси, мили мои браќа и сестри Христијани,

Добриот наш Господ нѐ удостои и оваа година да го празнуваме денешниот голем настан од животот на нашиот Спасител Господ Исус Христос – Неговото последно и славно влегување во Ерусалим, пред да биде искачен на Неговиот престол. На едно место од светото Евангелие, поточно кога бил запрашан од судијата Понтиј Пилат дали е Тој цар, Спасителот за Себе посведочил: Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој (Јован 18,37). Меѓутоа, каков е овој Цар и од што е составен Неговиот престол? Можеби е украсен со чисто злато и драгоцени камења? Не, туку Неговиот престол е, всушност, Крстот на страданијата. На овој ден Месијата, Спасителот на светот, торжествено влегол во Ерусалим, не да го заземе местото на римската власт, туку да се искачи токму на тој престол, на Крстот на Голгота, преку кого го ослободи светот од најгорчливата и дотогаш непобедлива тиранија, тиранијата на смртта. Влегол во Ерусалим за да ги понесе на Себе слабостите на овој  свет, да го победи гревот што завладеал со човекот и да му го врати Божественото достоинство. И најважно од сѐ, ќе повториме, да ја победи смртта, како причина за секоја човечка несреќа, несигурност, страв и меланхолија.

Архимандрит Партениј Бигорски

Непосредно сврзан со свеченото влегување на Господ Исус во Ерусалим е настанот за кого литургиски си спомнавме вчера – воскресението Лазарево. Видовме како Христос со своето моќно, живоносно слово, го воскреснал Својот пријател Лазар, кој веќе четири дена бил мртов и почнал да се распаѓа во гробот. Гласот за ова, дотогаш невидено и нечуено чудо, со голема брзина се распространил среде сите жители на Ерусалим и околината, како и помеѓу придојдените од сиот свет во Светиот Град, коишто се подготвувале да го прослават најголемиот еврејски празник, Пасхата Господова. Сите тие биле во големо недоумение како Некој може да воскресне мртовец кого смртта целосно го беше веќе проголтала и следствено, со голема љубопитност и восхит сакале да Го видат необичниот Воскресител. На тоа, во најголема мера, се должи и таквиот свечен пречек на Господа, за кого слушнавме пред малку на Светата Литургија од евангелистот Јован.

Лазаревото воскресение било, всушност, едно ново пресоздавање. Творецот на целокупната твар, Кој некогаш со збор го создал и првиот човек Адам, сега, повторно со Своето слово, го пресоздава и пријателот Лазара. Но, Христос зар само на Лазар му е пријател? Се разбира не, туку во лицето на Лазар, Тој му е пријател на човекот општо. Барајќи го него, загубен во бездната на гревот, љубејќи го до бескрај, овој необичен Цар, второто Лице од Троичниот Бог, слезе Самиот, се облече во човечка природа и се уподоби на Своето создание, само за да го спаси од распадливоста. Значи, Он е нашиот најголем пријател, Кој го сака нашето воскресение, нашето спасение, сака да нѐ избави од сопственото ни мртвило. Да нѐ подигне од гробот што си го копаме со нашата заладеност и отуѓеност од Бога, со студенилото и скаменетоста на срцето, коишто произлегуваат од гревовниот начин на живот што доброволно го прифативме.

Ноќеска, на бдението, ги слушавме преубавите псалмопеења, исполнети со радост заради воскресението на Лазара. Во нив постојано се извикуваше: „Осана во висините, благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово“. Исус Христос е единствениот Кој целосно, во полна смисла на зборот, дојде во името Господово. Пред Него, во името Божјо доаѓале и пророците, но Тој дојде во полнота, Бог и Човек совршен, образ за секој човек што се раѓа на овој свет. Па така, размислувајќи за ова човекољубиво дело на Господа, си велев во себеси: „Христе мој! Што сѐ не направи ти за мене, а јас, бедниот, со што ти возвратив?! Погледни што направив со себе! Се претворив во гроб. А што може да се очекува од еден гроб, освен студенило и безнадежност? Но, Ти, Човекољупче, воскресне ме и мене, последниот Твој пријател!“ Замислете, колку страшно нешто претставувале гробовите пред Христовото Воскресение! Биле извор на безнадежност, очај, крај. Дури и Самиот Христос, како човек, просолзил пред гробот на Лазара. А денес, оние гробови во кои лежат телата на луѓе што умреле со надеж во воскресение и живот вечен не се повеќе такви како Лазаревиот гроб и како сите други гробови наназад до Адама. Од Христа наваму, гробовите станаа симбол на надеж и исчекување. Дури и на утеха. Да ги земеме за пример гробовите на светиите. Тие се претвориле во места на поклонение и илјадници души секојдневно добиваат од нив исцеление, утеха, спокој. Сега знаеме дека во гробовите на нашите ближни, на нашите мајки, татковци, дедовци, баби, отци и праотци, лежи правот што еден ден ќе биде повикан од Животворецот, од Царот Кој за Свој престол го избра Крстот. При Неговото второ доаѓање на земјата, ќе воскреснат и телата од гробовите за вечен живот. Душите, пак, на покојните уште по разделбата со телото заминуваат во Божји раце, и тоа го знаеме, бидејќи чувствуваме како тие честопати се меѓу нас, Господ ни ги испраќа да ни помагаат, да нѐ утешуваат. Особено, се разбира, духовите на светиите, знајни и незнајни, кои се удостоиле со обожение уште во овој живот и добиле од Христа голема слобода да ни содејствуваат во нашето спасение. Затоа и секојдневно им се молиме и нивните гробови ги посетуваме, на нивните мошти чест им оддаваме.

Архимандрит Партениј Бигорски

Вчерашното бдение, значи, го поминав во молитвен плач: „Христе, љубов и радост моја, помогни ми и извади ме од мојата бесчувствителност. Те молам повикај ме со Твојот животворен глас, како тогаш при гробот на твојот пријател Лазар. Знам дека јас не можам да се наречам Твој пријател, бидејќи многупати Те предадов. Но исто така, знам и дека Те сакам, премногу Те љубам. Ти, пак, знаеш дека паѓам според мојата слабост. И бидејќи си милостив, имам надеж дека ќе ме извадиш од гробот на скаменетоста, на студенилото и безнадежноста и ќе ми дадеш живот“. Мили мои, Он навистина на сите нас ни дава живот во полнота. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие (Јован 10,10) – сведочи Самиот. Сака да нѐ извади од нашата бесчувствителност, за да се радуваме на животот. Единствено Он може да го направи тоа, никој друг. Зарем може овој свет да ни понуди друго спасение? Сите убавини што се во него, добиваат содржина и смисла само преку Христа. Не можеме да му се радуваме на творението без неговиот Творец. Доколку, пак, им се предадеме на насладите од овој свет, заобиколувајќи Го Бога, задолжително накрај ќе бидеме повредени, зашто ништо овде нема постојана вредност и убавина. А преку Христа сѐ е поинаку. Животот со Него е поинаков, бидејќи Неговата љубов е необична. Таа е животворна и воскресна, оживотворува. Нема човек што ја воспримил Неговата љубов, а да не станал нова твар, нов човек, кој живее една духовна пролет, едно радосно воскресение. Затоа, мили мои, да Му го предадеме на Христа нашето срце, за Он да дојде во него и да ни ја донесе таа духовна пролет, да станеме и ние чеда на Воскресението. Спомнете си, кога прв пат сте слушнале или прочитале за Него, за Неговите поуки и чуда, сигурно сте почувствувале благодат, некој несфатлив спокој, радост. И ерусалимјаните се радувале со Него на Цветници, бидејќи пречекувале еден Цар, Кој дури и мртовци воскреснувал. Затоа надвор од себеси од радост, фрлале гранки и цвеќиња по патот, ги соблекувале дури и облеките свои за да ги постелат пред Него… Во тој серадосен восторг, најгласни биле младенчињата и децата, кои незамолчиво го извикувале пророштвото од Стариот Завет за доаѓањето на Месијата: Осана на Синот Давидов! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Осана на висините! Верувам дека на сите нам ни се случило барем еднаш во животот да Го почувствуваме Христа толку блиску и да познаеме дека единствено Неговата радост е онаа која може вистински да го израдува човекот и преку која сите други радости имаат смисла.

Ерусалимјаните, истите оние, кои на Цветници Го поздравувале Христа со: Осана на Бога во висините, на Велики Петок извикувале: распни Го, распни! Истото, мили мои, го правиме и ние кога Го оставаме, кога не Го поставуваме Него пред секоја наша цел. Нека ни биде Христос пред сѐ во овој свет. Не плашете се, нема да нѐ лиши од ништо. Тој не е тиранин кој сака сурово да господари со нашите души, туку е Цар ослободител, Миротворец, Кој сака да ни даде неизмерна радост. Тој е Цар Кој нѐ прави благи и добри како Него. Нѐ прави миротворци како Него, синови Божји. Има ли поубаво од тоа постојано да го благовестиш мирот на Овој прекрасен Цар? Нема друг вистински, вечен Цар освен Него. Да, точно е дека човечката историја видела многу цареви, тирани, владетели, но сите тие биле само привремени и си заминале. Помеѓу нив имало и такви коишто се осветиле, па денес ги среќаваме на иконите и на фреските, ги спомнуваме, им се молиме. Тие стасале дотаму, затоа што како свој образец Го имале токму Овој небесен Цар, Царот над сите цареви. Другите владетели, пак, ги среќаваме само во историските читанки и учебници, спомнувајќи ги било по лошо, или по некое добро и сѐ се сведува само на тоа. Нивната власт исчезнала. А Христос царува вечно. Затоа, мили мои, да Го повикаме да влезе во нас и да завладее со нашето битие. Верувајте, нема подобар пријател, подобар другар, подобар брат, подобар татко од Христос. Прифатете Го. Ќе бидете среќни, радосни, исполнети и ќе можете и другите да ги правите радосни. Со што друго овој свет може вистински да се пофали, ако не со радоста која дојде од небото во лицето на Исус Христос? Оваа радост ја примале во себе следбениците Негови низ сета историјата на Христијанството и ја предавале на другите, правејќи го овој свет поубаво место за живеење. Зашто, овој свет е возљубен од нашиот Спасител, но сепак, највозљубени Му се нашите души. Каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? – прашува Он во Евангелието (Матеј 16,26). Само една единствена душа во очите на Господа е поскапа од целиот свет. Вие, сите ние поединечно, во очите Христови, во очите на милостивиот наш Татко, сме поскапоцени од целиот свет. Гледајте колку нѐ љуби! Затоа и крст претрпе, затоа и секојдневно трпи, ги поднесува нашите гревови, нашите оддалечувања од Него. Но, никако не се откажува од нас, туку нѐ милува, нѐ чека за да нѐ спаси. Сепак, мораме и ние тоа да Му го дозволиме. Ете, чувме пред малку од беседата на светиот отец наш Климент Охридски, како на крајот повторно повикува на будност и подготвеност да Го пресретнеме Христа. И оние, вели, коишто можеби во почетокот на постот биле немарни, некои поради болест, некои поради слабост, па не постеле, не размислувале за овие чудесни Божествени нешта, и сега имаат време, им останува уште една седмица, најголемата и најсвета, за да се обратат кон Бога. Погледнете колку е голема милоста Божја, а следствено и милоста на следбениците Христови. Оној кој барем оваа недела искрено ќе се покае, ќе застане пред Христа и ќе Му рече: „Христе Боже, каков и да сум, грешен, недостоен, Твој сум. Знам дека Те предадов многупати, но повторно Тебе Ти се предавам. Те молам дојди во моето срце, еве, ќе постам шест дена, ќе се молам повеќе овие денови, не оставај ме, но удостој ме да се поклонам на Твоите Страдања и да го видам Твоето Воскресение!“

Чудесна е Божјата љубов, прифатете ја. На овој свет му е потребна љубов. Неопходна му е Христовата љубов затоа што таа го преобразува. Вие треба да сте носители на таа љубов. Да не бидеме како гордите фарисеи и лицемери, осудувачи. За жал, денес за голем број православни Христијани можеме да заклучиме дека прекумерно се занимаваат и осудуваат за тоа кој каков е, каков е владиката, свештеникот, игуменот, монасите, што прави архиепископот, со кој се сретнал патријархот, што решава и како решава. Тоа е ужасно! Бегајте од тој осудувачки дух! Смирете се при вашиот Цар, Кој е кроток и смирен по срце (Матеј 11,29), Кој никого не осуди, дури ни тие што Го распнуваа на Крстот. Таков треба да биде Христијанинот. Ширете ја љубовта на овој прекрасен Цар, Кој денес влезе во Ерусалим и влегува во нашите срца. За Него нашите срца се најубавиот Ерусалим. Да не се покажеме како неблагодарните ерусалимјани, распнувајќи Го, туку со радост да Го пречекаме и со Него до крајот да останеме, за да нѐ совоскресне заедно со Себе.

Да сте благословени и добро воскресение!