Искушението на Божјото „отсуство“

Темата што ќе ја разгледуваме го засега секого од нас, битна е за секој човек кој живее на земјата, а особено за верниците. За оние верници кои бараат траги од Бога во една смртна реалност.

Не постои човек кој не се соочува со проблеми. Ниту, пак, душа која не почувствувала внатрешно горење во печката на болката. Онаа осаменост на Крстот и испитанието коешто допира до точката на нашата крајна раслабеност. Кој во тие мачни моменти не воскликнал „Зошто, Боже мој?“ Зошто толкава болка и страдање? Зошто толкава неправда, насилство и одмазда? Зошто сè е толку променливо и несигурно? Мисли и помисли кои го заливаат срцето, свивајќи ги нашите сили. Најтажно од сè е чувството дека за овие страшни прашања на душата тешко може да се најдат одговори што би можеле лесно да се разберат. Во таа точка почнуваш да се колебаш. Чувствуваш дека грижата ја заглушува надежта. Таму признаваш дека животот е бескрајно тежок и страшен.

Изгледа дека на ваквиот пејзаж причинител и виновник е Бог. Сите прсти се вперени во Него. Моралната одговорност за еден свет кој е неуспешен, Го обвинува Него и прашањата само се умножуваат, што го отежнува добивањето на некаков разумен одговор. Човекот се прашува: „Добро, како може еден Бог на љубовта да дозволи толкаво зло и неправда во овој свет? Што прави? Каде е? Како се оддалечи толку од овој свет што Он Самиот го создаде? Го препушти на судбината? Можеби Неговата апсолутна почит кон човечката слобода го тера да молчи? Или сето тоа е еден недостижен филантропски план, каде што, колку и да набљудуваме, никако не можеме да ги сфатиме сите негови параметри, сите негови верзии?“

Англискиот свештеник Том Хани во својот текст полн со прашања, болка и тага Зошто Бог го создаде цунамито?, вели: „Значи, кој е Бог, ако не Оној Кој ги ‘влече конците’, или со други зборови, племенскиот водач? Можеби Бог дозволува да се случат страшни искушенија заради можноста да покажеме херојство и сострадание. Можеби Бог ја тестира нашата филантропија и вера. Можеби постои голем, космички план кој допушта големи несреќи, така што сето ова сепак ќе има надежен крај. Можеби, но овие идеи се само варијанти на Бог Кој контролира сè, еден врховен Командант Кој игра со заменливи играчи во голема игра. Имаме Бог Кој дозволува цунами и Аушвиц“.

Во познатиот роман Браќа Карамазови, Достоевски ги става во устата на Иван следниве зборови упатени до неговиот доверлив и побожен помлад брат Аљоша: „Ако страдањето на децата е вклучено, за да го надополни страдањето што е неопходна цена да се купи вистината, однапред изјавувам дека целата вистина не вреди за цената. Не сме во можност да платиме таков билет. Јас не Го отфрлам Бог. Јас едноставно Му го враќам билетот со најголема почит“.

Или, можеби, Бог на почетокот го создаде универзумот, а потоа ја остави контролата над сè, така што природните процеси ќе се манифестираат и еволуцијата ќе оди по свој пат. Ова изгледа поприфатливо, но повторно, Бог има морална одговорност. Сигурно Бог не е кул, безмилосен гледач? Или некој со слаба љубов кој со бескрајно сочувство ги следи работите што не може да ги контролира или промени? Или Бог се поврзува директно со нашите страдања, за да ги почувствува длабоко во Неговото битие? Ако веруваме во вакво нешто, мора да порекнеме дека Он ‘ги влече конците’, напуштајќи ги традиционалните обрасци на еден семоќен владетел. Треба да ги преиспитаме нашите гледишта за Бога. Веројатно Бог не прави апсолутно ништо. Веројатно Он не постапува така како што правиме сите ние.

Според раната перцепција за верата, Бог бил натприроден човек кој правел многу различни работи. Ги победи и удави Египќаните во Црвеното Море, опустоши градови и се налути. Луѓето Го познаваа Бога по Неговите моќни дела.

Разбираме дека ова прашање не е обична работа, туку битка помеѓу умот и срцето. Умот ќе се сомнева и прекорува. Истовремено, пак, срцето ќе се обидува да сака и да следи. Голема поделба, една битка која започнува да се реализира во најдлабоките полиња на човечката душа.

Но, дали е тоа така? Дали Бог Кој ни Го откри Исус Христос е Бог на злото? Дали Он посакува човечка болка? Дали е среќен или нарцисоидно рамнодушен кон маките на човештвото и на секој поединец? Дали Бог отсуствува од нашите животи? Дали е Он големиот Отсутен?

Навистина, што значи за луѓето присуството или отсуството на Бога? Обично мислиме дека Бог е присутен во нашите животи кога им служи на нашите планови и желби. Кога се исполнува она што го сакаме и бараме. Тогаш ние сме задоволни и пофалби излегуваат од нашите усти. Но, во спротивно, сликата се менува. Ако Бог не е Оној Кој ги задоволува нашите барања тогаш и како што сакаме, или, пак, не одговара на нашите, без сомнение, болни прашања, тогаш Он е отсутен. Ги затвора ушите и одбива да комуницира со нас. Едноставно е затворен на небото и во Своето блаженство. Но, дали е тоа така?

Ние, исто така, зборуваме за отсуство на Бога кога се соочуваме со тешки искушенија, и лични и колективни. Болеста, неуспехот и природната катастрофа предизвикуваат силни сомнежи во нас за добрината и присуството на Бога.

Светото Писмо на апсолутен и категоричен начин наведува дека злото и сите негови форми не се Божја креација ниту Негова волја. Он ниту го користи, ниту го експлоатира. Напротив, таму каде што го сретна, Христос го победи злото. Смртта е победена, а страдањата и страстите на луѓето повеќе не се без перспектива и надеж. Царството Божјо е факт.

Во Христа ни се открива еден страдален Бог, кој сострадува со овој свет. Он го зема уделот на луѓето, оставајќи ја Својата „семоќност“ и Својот моќен „профил“. Он ја доживува болката, страдањето, маките и желбите на луѓето и ги штити од непријателот – смртта. Во времето по Христа, Бог избра да се открие не во сила и моќ, туку во љубов и смирение. Не во одговорот, туку во прашањето. Не бара наметнување, туку дијалог. Бара слободно да Му пристапуваме, дури и да се сомневаме. Треба да разбереме – и тоа само преку верата – дека кога се соочуваме со проблеми, искушенија и неволји, Бог не е против нас. Он не гледа на нашето скршено срце од далеку, туку страда покрај нас, заедно со нас. Тоа ни дава сила да го носиме крстот на мачеништвото во свет што не е она што Он сакаше да биде.

Ние луѓето можеме да ја знаеме само парцијалноста, но не и сеопфатноста на нештата и настаните. Немаме сила да разбереме многу од она што се случува. Нашата збунетост, огорченост и страв се оправдани. Но, ова не значи дека Бог е отсутен, туку дека дејствува на сосема поинаков начин од она што можеме да го разбереме. На начин што не е својствен за нашата природа. Оттука и нашето неразбирање.

Во своето интервју, објавено во март 1998 година во списанието Wired, Стивен Спинкер сподели едно добро гледиште за присуството на злото во универзумот и како тоа се вклопува со Бог на љубовта. Новинарот го прашува за слободната волја, а Пинкер одговара:

  • Дали мислевте на ова кога напишавте во вашата книга Како функционира умот, дека ни е тешко да решиме одредени видови проблеми, бидејќи умот на хомосапиенс нема когнитивни алатки за да ги реши?
  • – Точно. Ова има одредени ограничувања во нашата способност да ги разбереме и поедноставиме работите. Можеби некои „вонземјани“ би можеле да ни објаснат што е „слободна волја“. Но, ако го стореле тоа, можеби немало да го разбереме објаснувањето.

Фактот дека не можеме да ги разбереме Божјите патишта не значи дека Он е отсутен. Но, ова не ни дава право да правиме фантастични и недозволиви толкувања за Неговиот молк или да спомнуваме „судбини“.

Мора да бидеме искрени: не е лесно да страдаш и да чувствуваш болка. Ниту, пак, е лесно да се молиш со денови, месеци, години, ноќ и ден, со болка и солзи, и да не добиваш одговор, дури ни утеха. Оваа агонија на човекот кој страда од болка и тешкотија, реално ја опишува Ставрос Зумбулакис, зборувајќи за болеста на неговата сестра, која страшно ја мачела и неа и целото семејство: „Барав чудо, упорно и секојдневно. Сакав да дојде и да промени сè, го барав тоа директно и непосредно чудо за кое читав во Евангелијата. Зошто не сестра ми? Навистина сакав да се случи она што го гледав толку често во соништата, каде што Јула беше потполно здрава, а ние бевме среќни и се смеевме. Татко ми и мајка ми, исто така, се молеа дење и ноќе. И уште повеќе се молеше и самата моја сестра, со својата длабока и детска – во Евангелска смисла на зборот – вера […] Чудото што сите го баравме не дојде. Бог не ја покажа Својата милост. Он не беше таму кога Јула имаше кризи. Не можев да ја поднесам идејата за безмилосен Бог“.

Вистина е дека не секогаш ја поднесуваме болката, ниту имаме дар на трпение и истрајност. Многу луѓе претрпеа докрај, но многумина не можат да издржат и се повлекуваат, негирајќи Го дури и Самиот Бог. Ним им треба разбирање и, се разбира, нашата молитва. Гледате, не е апсолутно сигурно дека секоја болка го води човекот кон внатрешно продлабочување, кон проширување на срцето, мудрост или светост. Има луѓе кои не можат да издржат. Болката ги скаменува, внатрешно им ја одзема силата, а гневот, иритацијата и огорченоста се појавуваат на нивните лица. „Болката не нè прави секогаш подобри. Може да ги направи луѓето крути, дури и да ги доведе до завист, омраза и злоба, затоа Црквата секојдневно се моли Бог да нè избави од секаква тага, зло и страдање. Оној кој не доживеал болка во својот живот, никогаш нема да може да покаже милост кон својот ближен, ниту, пак, би можел оној што не почувствувал радост“.

Можеби нашата ера, како ниедна друга, бара апофатичен[1] став за оваа тешка и во исто време чувствителна тема – молчењето Божјо. Ние свештениците, теолозите и верниците најпосле мора да прифатиме дека нема рационални одговори на сите теми. Некои прашања се надвор од нашата контрола. Не можеме да ги разбереме или толкуваме. Не можеме да имаме одговори на сè, а особено не одговори кои се логични, премногу поедноставени или понекогаш ригидни. Во одреден момент треба да го научиме одговорот на молкот и молитвата. Да се научиме на не знам, не знам. Зошто треба да знаеме или да разбереме сè со сила? Да, постојат одредени прашања за животот и смртта на кои нема апсолутни одговори, бидејќи едноставно не можеме да ги знаеме. На оваа позиција и треба понизност и онтолошко самоспознавање. Да ги знам моите егзистенцијални граници.

Конечно, треба да научиме дека односот со Бога е борба. Тоа не е една релаксирачка, лежерна прошетка, туку мачна, егзистенцијална битка. Битка во која целта не е да се победи – и тука е парадоксот на христијанската духовност, туку да бидеме победени. Мораме да дозволиме Бог да нè победи. Ова е големата тешкотија во подвигот.

Затоа, иако не можеме да знаеме и разбереме сè во оваа реалност на животот, мора да имаме и вера во Бога. Со други зборови, да се препуштиме на овој болен, екстремен, граничен, но во исто време шармантен и благословен однос со Него. Ние не Го разбираме Бога, но Му веруваме. „Прашањето за поврзаноста помеѓу Божјата љубов и страдањето на невините останува теоретски неодговорено. Тоа е прашање на вера и секогаш ќе остане таму, за да ја тестира совеста на верните, според мерката на нивната вера. Без ова прашање, монотеизмот не вреди да се труди, тоа е буржоаска работа. Тој тоа го бара илјадници години и постојано и непрекинато одговара…“

Духовниот живот во просторот на Црквата мора да се сфати како врска. Ние го заборавивме тоа. Ние веруваме дека можеме да Го вклучиме Бог на некој надворешен начин, да го покориме и да правиме што сакаме со Него. Сакаме Он да ги слуша сите наши барања и воопшто да им служи на нашите работи, какви и да се. Односно, да биде послушник на нашата волја.  Но, ние ја забораваме главната работа дека Бог е Личност. Во Православната Црква ние никогаш не зборуваме за повисока сила, туку за Бог Кој, иако останува неинволвиран во однос на Неговата суштина, може и сака да влезе во врска со човекот и со целото создание. Оваа искусена догматска вистина на Црквата, за жал, е заборавена дури и од верниците. Тие и со животот и со своите сфаќања, зборуваат за еден Бог како виша сила. Односно, Кој е целосно безличен и неинволвиран. Без никакво поле за поврзување и дијалог.

Овде е многу важно да се нагласи дека во денешно време поновите ереси, особено оние од источен вид и потекло, ја нагласуваат токму оваа шема за Бога. Виша сила со која немаме врска, но се согласуваме со неа. Немаме дијалог, само ја прифаќаме. Но, ако постои виша сила со која се согласувам, тогаш не можам да развивам дијалог и контакт со таа сила. Таа да влијае врз мене и јас да влијаам врз неа. Јас едноставно можам само да покажам надворешна послушност кон некои надворешни заповеди. Но, тука нема живот. Во врската нема живост.

Кога во Православната Црква зборуваме за односот со Бога, зборуваме за чин на слобода. Во врската нема зададени работи. Од моментот кога ќе ги земете сопругот или сопругата здраво за готово, сте ги изгубиле. Кога живата врска е сфатена како нешто статично и очигледно, тогаш таа се распаѓа и пропаѓа. Ако има убавина во животот, тогаш е тешко да ја ограничите. Ве изненадува, ве воодушевува. Во една врска можеме да бидеме добри денес, а потоа да се караме. Можеби ќе се разбереме или никогаш повеќе нема да се разбереме. Другиот може да нè сака или да се одврати од нас. Односот со Бога е жив однос кој пулсира, трепери, се менува и трансформира, поминува низ многу различни фази. Моменти на доверба, но и моменти на одрекување и повлекување; на сомнеж и целосно предавање.

Старец Емилијан Симонопетриски тоа многу добро го кажува: „Со Бога играме постојана, вечна, бескрајна криенка“. Он  се крие од нас и ни се покажува. И ние се криеме од Него и се покажуваме пред Него. Он се појавува пред нас и исчезнува, ние Му се предаваме и многупати рамнодушно заминуваме. Гледаш, не е апсолутно сигурно дека ние сме секогаш подготвени или сакаме да се сретнеме со Бога. Многупати не сме ни подготвени. Ја бараме средбата со уста и зборови, но не со срце. И ова е затоа што средбата со Бога е, всушност, движење кон личност, има своја цена. Тоа кошта нешто, како и секоја форма на врска. Средбата со Бог може да ги преобрази нашите вредности, да нè натера да ги преиспитаме основните факти од нашите животи.

Сепак, никој во животот нема сè. Некој добива нешто, но и губи нешто во исто време. Не можеме да имаме сè. Ова е правило на врската. Ние прифаќаме нешто, но во исто време мора да дадеме. Не е дадено дека Бог секогаш се крие од нас. Веројатно и ние, исто така, ја избегнуваме средбата, плашејќи се од цената. Живото присуство на Бога во животот има многу различни форми на изразување. Едно од нив е чувството на Неговото присуство како сила на трпение и надеж, како храброст и исчекување на подобро утре, неочекувано изненадување, прекрасен знак на живот и пресврт.

Духовното искуство нè уверува дека не само што добиваме одговори, туку одговорите доаѓаат како изненадувања. Тие доаѓаат оттаму од каде што не ги очекувате. Но кога? Кога знаеш да чекаш. Како што вели големиот Габриел Гарсија Маркез: „Не губи трпение, најдобрите работи доаѓаат кога не ги очекуваш…“ И Свети Порфириј целосно се согласува, велејќи: „Господ знае. Таму каде што очајувате, Он ви испраќа нешто што не го очекувате…, сè додека верувате во Него и Го сакате. Како што и Он нè сака и се грижи за нас, подобно на секој татко што се грижи за своите деца. И сите ние сме Божји деца. И сето добро што го имаме, го имаме од Бога. Тоа е Неговиот дар. Зарем не сте слушнале во Црквата дека „секој добар дар и секој совршен дар доаѓа одозгора, слегува од Отецот на светлината?“

Да знаеш да чекаш и да знаеш да не очајуваш е нешто различно. За жал, живеејќи во свет и во општество каде брзината навлезе во нашите животи, сакаме сè да се случи исклучително брзо, во еден блесок. Ова има ефект на губење на големата доблест на трпение и трпеливост.

Божјата благодат е во трпението. Божјото присуство е во храброста. Во таа насмевка, во часот кога стотици маки и испитувања ти ги пробиваат телото и душата. Ова е Божјото присуство. Да се ​​најде сила и значење, таму каде што се чини дека нема за што да се држиш.


[1] Апофатичката теологија, позната и како негативна теологија, е форма на теолошко размислување и религиозна пракса која се обидува да му пристапи на Бога, на Божественото, со негација, да зборува само во смисла на она што не може да се каже за совршената добрина што е Бог.


Избор и превод на текст: Ана Масларова