Почитуван наш Старецу и Владико,
чесни отци,
возљубени во Христа браќа и сестри,
Годинава што тече е навистина многу голема – не по бројот на деновите во неа, туку по великите јубилеи што таа со себе ги носи. Во неа ја славиме илјадагодишнината од основањето на оваа Свештена Обител – јубилеј достоен за восхит, но годинава се исполнуваат и 50 години од раѓањето на нашиот Старец и Владика, како и 25 години негово монашко и свештеничко служење. Веќе 25 години како свештенослужител, тој ги принесува бескрвните Дарови на Нашиот Спасител, секојдневно молејќи се за нашите братство и сестринствата, но и за сите духовни чеда ширум нашата Татковина Македонија, и надвор од неа.
Вашиот духовен труд, Владико наш свет, не е поминат незабележително. Резултатите се гледаат на сите полиња: во духовната дејност, во материјалната обнова, градба и доградба на нашите светилишта, во социјалната и хуманитарна мисија. Токму затоа, во оваа година, на предлог на нашиот почитуван пименарх, Митрополитот Дебарско-кичевски г, Тимотеј, Светиот Синод на МПЦ-ОА Ве избра и ракоположи за Архијереј Христов.
На Ктиторската вечерна богослужба што пред малку ја отслуживме, како и парастосот за покој на душите на ктиторите и монасите на оваа Света Обител низ вековите, се почувствува посебна благодат, бидејќи, преку нив ние, пред сè, се оддолжуваме на сите наши духовни предци, на сите градители, подвижници, приложници и дарители на нашиот сакан Манастир, но и за сите кои паднале на браникот на одбраната на нашата вера и Татковина.
Трудот на монахот Јован, првиот Архиепископ Охридски и прв ктитор на оваа Света Обител пред 1000 години, како и подвизите и жртвите што ги правеле сите игумени и монаси кои живееле овде во изминатите десет века, остануваат гласно и јасно да ни говорат до денес. Секој нивни труд, со секоја жртва, со секоја капка солзи, пот или крв, со маченичките страданија на невино закланите монаси низ историјата, се тула врз тула – во оваа, пред сè духовна градба, наречена Бигорски.
И сите тие подвизи заради името Божјо, се разбира, се благословени со благословот на Свети Јован Претеча и Крстител од Небото, кој неуморно се застапува пред Господа наш Исуса Христа, за да биде сочувана и благословена оваа Света Обител до веки. Чесниот Претеча веќе 1000 години непрестајно чудотвори на ова свето место, преку неговата Чудотворна икона што се пази во овој негов свештен дом. Во сите манастирски летописи стои запишано дека заради чудата негови, овој Манастир опстојал толку долго и ниедна овдешна сила не може да го надвладее… Овие славни Светијованови чуда секојдневно се воспеваат преку молебниот канон во чест на неговата икона.
Вие, возљубен наш Старецу, со Вашиот непрестаен подвиг во изминативе 25 години, со Вашата саможртва, молитви и љубов, со делата што ги оставивте зад себе, со Вашето духовно неимарство, со Вашата богопросветлена естетика и градителство, се покажавте како втор Јован Дебарски, нов ктитор на Бигорската Светиња. Затоа, од името на сите браќа и сестри, Ви посакувам уште долги години богомудро да ја возглавувате нашата Свештена Обител, за доброто на сите нас и на нашата славна Црква, Охридската Архиепископија.
На многаја и благаја лета, Владико на срцата наши!