Говор на Дејан Лилиќ на концертот на Филхармонијата во чест на 1000-годишнината на Бигорскиот Манастир

Говор на познатиот македонски актер Дејан Лилиќ, одржан на концертот на Филхармонијата во чест на 1000-годишнината на Бигорскиот Манастир, 23 септември 2020 лето Господово


„Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи“

Бигорскиот Манастир несомнено го докажува тоа

1000 години Бигорски Манастир! 1000 години богоподобие, 1000 години светост, 1000 години преродба и просвештение! Јубилеј за кој најмоќно говори самата бројка! Историја стара илјада години, живот кој трае еден милениум, свештен континуум од десет столетија! Јубилеј кој восхитува и возвишува, историја која понесува и нè враќа длабоко во минатото, но ни остава и цврст завет за иднината…

Пред илјада лета се роди нашата сенародна гордост, бастионот на нашиот духовен и културен бит, возобновител на народниот дух и вдахновител на нашата духовност и светост – Свештениот Бигорски Манастир. Имено, во древните манастирски летописи стои запишано дека во почетокот на 11 век, во живописните предели на Бистра, се подвизувал некој многудоблесен монах по име Јован, родум од Дебарско. Тој се удостоил да ја пронајде чудотворната икона со ликот на Чесниот Претеча, како лебди над источникот со вода близу неговата испосница, озарена со необјаснива светлина. Триесетина години наназад таа икона на необичен начин се појавувала на овие места. Примајќи ја во своите раце, како благодатна посета од самиот Свети Јован Крстител преку неговата икона, монахот Јован во 1018 година станал првиот Архиепископ на нашата света Охридска Архиепископија. Две години подоцна, во 2020-то лето Господово, Архиепископот Јован Дебранин, ја основал славната  Бигорската Обител на местото каде што ја пронашол чудотворната икона, прославувајќи се како прв нејзин ктитор.

Дејан Лилиќ

Сета дејност на Архиепископот Јован дала обилен плод: градителски потфати, трудови и подвизи за сенародната благосостојба, направени со родољубие и чесност, со молитва и светост. И како монах, и како архиепископ, и како градител, и како литературен деец, Јован Дебранин засветлил во редот на нашите големи рамноапостолни светители: Кирил и Методиј, Климент, Наум и другите.

Основан од Архиепископот Јован Дебранин, од еден таков служител и ревнител за словото Божјо, Бигорскиот манастир низ сите векови на опстојувањето бил вистински духовен стожер за родот наш. Светоотечкиот монашки дух на Обителта, што од самото нејзино создавање ги облагородувал овие простори, раѓал многу духовни водачи, преподобни отци, народни учители, преродбеници, светии Христови. Затоа, сета негова историја, животот на црнорисците, богослужбите, молитвите, фреските и иконите, сè што во него било и е создадено, сè што е негово минато и сегашност, шепоти за еден непрекинат стремеж кон возвишеното и благородното, доброто и убавото, тежнее кон совршеното. Тој вечен стремеж кон Апсолутот, направиле ова место толку да зрачи од благодатна енергија, така што не може некој да стапне на тие осветени камени дворишта, а да не го почувствува присуството Божјо. Токму затоа, уште од дамнина Манастирот силно ги привлекувал луѓето и бил најсакан Божји дом за православните и воопшто за сите луѓе од овој крај, без разлика на нивната вера и народност. Со еден збор – омилено и сенародно духовно прибежиште.

Низ својата историја Манастирот минал и многу тешки мигови, страданија и падови. Неколкупати пустошен и опожаруван, тој, со голема љубов и посветеност, секогаш бил обновуван, најмногу од локалното славјаномакедонско население, кое го имало Манастирот за центар на нивното севкупно суштествување. 

Еден од најблескавите периоди за Бигорски, е несомнено, 19-от век, векот на писменоста и Преродбатата. Впрочем, токму од овде започнала сенародната преродба во Македонија, зашто светилиштето низ сета своја историја ја зачувало славјанската духовна и културолошка самобитност. Тоа, како светли сончеви зраци, го сведочат запишаните слова на исполинот на нашата Преродба, незаборавниот Глигор Прличев, во неговата Автобиографија. Тука тој го искажал својот восхит за Бигорскиот Манастир, единствениот што во тоа време и богослужбите и уката ги држел на народен говорен јазик. Какво моќно сведоштво за Бигорски како непоклатен столб на Светиклиментовата словенска јазична традиција и неприкосновен чувар на татковските преданија! И не случајно овде, во времето на бигорскиот великан, Архимандритот Арсениј, било отворено и првото ќелијно училиште – пионер во наставата на говорен јазик на македонското словенско население. Низ него поминале најсветлозрачните имиња од епохата на Преродбата: јеромонахот Кирил Пејчинович и отец Јоаким Крчовски (првите писатели на говорен славјаномакедонски народен јазик), архимандритот Анатолиј Зографски (кој бил замонашен токму во Бигорски), епископот Партениј Зографски (нашиот прв учебникар, филолог и лингвист) и многу други. Дејствувала, исто така, и богата книгохранителница, со импозантен фонд на старопечатени книги и ракописи, меѓу кои и уникатни споменици на книжевноста. Многубројни се бигорските монаси и воспитаници што го одбележале создавањето на нашата културна, јазична и општествена самобитност.

Во 19 и почеток на 20 век, овде било средиштето на сите културни збиднувања во западна Македонија, вклучително и на театарски претстави. Впрочем, и основоположникот на македонскиот театар, Војдан Чернодрински, бил тесно поврзан со Бигорскиот манастир, дотолку повеќе што неговиот татко свештеник, Георги Кузманов, бил бигорски воспитаник. Бигорскиот манастир неповторливо ги збогатил културно-уметничките текови во Македонија во тоа време. Не може а да не го спомнеме  бигорскиот иконостас во дрворез, ремек-дело на копаничарот Петар Филипов – Гарката од с. Гари и неговата тајфа, со над 500 изрезбани човечки фигури во народни носии од мијачкиот крај и мноштво сцени од Светото Писмо – сето тоа така умешно и хармонично склопено и распределено. Тука се и уникатните икони и животописи на великаните на преродбенскиот иконопис, Михаил и син му Даниил Јеромонах, учители на нашиот најпознат зограф Димитар Дичо Крстев од Тресонче, кој, секако, оставил свои творби и во Бигорски. Во манастирот со својот талант се вградуваат и вештите неимари од 19 век. Тогаш, од богоблагословената бигорска почва, како од некое разгрането рајско дрво, никнува прекрасниот манастирски католикон (кој, воедно, е и првиот од таков вид камен храм во Македонија), единствен по својот изглед; потоа: костурницата и секако, горостасот Горни Палат, со големата и мала трпезарија, пространите чардаци и одаи со уметнички таваници, скромни монашки ќелии и манастирската магерница и фурна – вистински бисер на мијачкото градителство од 19 век.

Голем е уделот на Бигорскиот манастир и во национално-ослободителните борби за слобода на Македонија. Особено незаменлива е неговата улога во Илинденската епопеја, кога тој дејствува како центар на македонското револуционерно движење во дебарскиот крај.  Имено тогаш, по благослов на игуменот Партениј, монасите изработиле четири црешови топчиња, употребени во Илинденското востание.

Во времето после двете светски војни Обителта бележи голем пад, за во периодот на комунизмот да потоне и во целосен заборав и пустош. Во тие неколку десетлетија, без монашки живот во него, светилиштето е препуштено на страшната околност на тивко и постепено распаѓање, сведено на функција на обичен музеј на мртви предмети. Требало да поминат години, додека да се создадат услови за неговото воскресение. Така, најпосле, по Божја волја и со благослов од Митрополитот Дебарско-кичевски, г-дин Тимотеј, надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија, монашкиот живот во Бигорскиот Манастир се возобнови во месецот јули 1995-то лето Господово, кога за негов старешина беше поставен сегашниот игумен, Епископот г. Партениј.

Новиот игумен, Епископ г. Партениј, уште од самиот почеток се соочил со многубројни тешкотии, при повторното духовно заживување на ова запустено десетвековно светилиште. Морал да се вложи, со огромен труд и пожртвуваност до самозаборав, за со помош на своето братство да успее, не само комплетно до го возобнови манастирот и животот во него, туку и да му даде нов сјај, еден нов духовен блесок слеан со зраците од минатото, но и од вечноста. Таа монашка жртва го издигна Бигорски во едно од најпосетуваните светилишта во Македонија, со секојдневно богослужение и непрестајна молитва, со широко распространета хуманитарна и општествена дејност. Всушност, сега, под мудрото водство на актуелниот игумен Епископ г. Партениј, Бигорски одново се јавува како сенароден светилник, симбол за светопреданиското наследство и совршенство, образец за духовното творештво и градителство, верно продолжение на нашата основна народносна и културна оска – Светиклиментовата традиција.

За крај, ќе ги наведеме зборовите на Господ Исус Христос од Неговото свето Евангелие: Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи. Бигорскиот Манастир несомнено го докажува тоа.

Дозволете ми, од името на Македонската филхармонија, на модната куќа ‘ЕленаЛука’ и на мојата маленкост, да ви се заблагодарам на сите за вашето ценето присуство, а на Бигорскиот Манастир, на неговиот игумен Епископ г. Партениј и на братството, да им го честитам големиот јубилеј – 1000 години од основањето!

На многаја лета, Бигорски Манастир!