Одговор на Филхармонијата на некои злонамерни критики

Филхармонија

Како институција, навистина не можеме да разбереме од каде потребата на некои луѓе да бараат начини да го оцрнат најсветлиот духовно-културен настан во последниов период. Оние кои беа дел од свечениот концерт на Филхармонија по повод 1000-годишнината на Бигорскиот Манастир (среда, 23 септември 2020) и барем малку се задлабочија во програмата, сигурно забележаа дека сите композиции имаа скратено времетраење, со цел да се запазат протоколите за организирање на настанот и истиот да не трае предолго.

Конкретно за единствената вокална интерпретација на концертот на песната „1762 лето“, чија изведба некој ја смета за спорна, познавачите знаат дека има дури 18 строфи, а очигледно беше дека се одбрани стихови кои ќе сведочат за трагичното укинување на Охридската Архиепископија, за да го поткрепат делот од сценариото во кој се говори за најтешкиот период на Црквата. Кој има желба, нека погледне снимка од концертот и сѐ ќе му стане многу појасно. Згора на тоа, досега имало повеќе изведби на оваа песна со истиот избор на строфи, вклучително и во храмот „Света Софија“ во Охрид пред две години.

Но, очигледно некој злонамерно бара темна дамка онаму каде што ја нема.
Да сакаа Филхармонија и Бигорски да сoкријат нешто, не мораше воопшто да ја изведуваат оваа песна. Многу логично, но некој очигледно нема логика.

Извор: Фејсбук статус на официјалниот профил на Филхармонијата