Ваше Високопреосвештенство, многупочитуван наш Владико, Митрополит Брегалнички г. Иларион,
Моите зборови се, навистина, оскудни да ја изразат сета благодарност што во овој миг ми го преполнува срцето поради Вашето драгоцено присуство, со кое во огромна мера ја збогативте вечерашнава наша радост. Ова дотолку повеќе затоа што Вие сте длабоко поврзан со овој Манастир и наш некогашен особено драг собрат. Вам Ви е добро познато дека за едно монашко братство многу е значајно и големо достоинство претставува архиерејското молитвено посредување и претстоење пред Господа на поголемите и поторжествени манастирски богослуженија. Всушност, во лицето на архиерејот, како носител на полнотата на свештеничката благодат што му е дадена од Бога, ние Го гледаме Самиот Христос, врховниот Првосвештеник и Главата на Црквата, која е тело Негово, составено од заедницата на верните. Не случајно светите отци и учители говорат дека каде што е епископот, таму е и Црквата Христова.
Во текот на утрешниот ден, пред почетокот на Светата Литургија, го очекуваме доаѓањето и на нашиот севозљубен архипастир на оваа богочувана Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј, кој важи за голем љубител на благолепието на свештените богослуженија, и искрен ревнител за нивно уредно извршување.
Безмерно и најсрдечно ви благодарам и вам, мои најмили духовни чеда, верници и пријатели, што ве гледам собрани во толкав број за заедно да го прославиме годишниот спомен на славниот Лампсакиски пастир, Светиот Партениј Чудотворец. Но, мојата благодарност е упатена и кон сите оние што имаа желба вечерва да бидат присутни во овој сечесен храм, но од разни причини беа попречени во тоа, што не значи дека духовно и молитвено не се заедно со нас.
Јас навистина верувам дека токму љубовта и молитвата ве собрала денес овде, за, меѓу другото, да се помолите и за мене, последниот и смирениот игумен на ова Свештена Обител, бидејќи и самите знаете колку голема е одговорноста на духовниците пред Господа. Честопати таа се чини толку преголема, би рекол, дури и невозможна, така што ниеден духовен раководител не би можел да ја понесе на себе. Но, затоа секогаш тука е Божјата помош, во голема мера поттикната и од усрдните молитви на духовните чеда за својот духовен отец.
Пред неколку дена, додека бев во посета на нашите сестри во Манастирот „Пречиста“, некои верници ме запрашаа какво е чувството да се биде духовник на толку многу монаси, монахињи, свештеници, мирјани… „Слава Му на Бога“, им одговорив. „Му благодарам непрестајно што ми ги доверил сите тие души, иако јас сум слаб и немоќен. И токму поради таа моја човечка немоќ, понекогаш се чувствувам, да се изразам метафорично, како квачката која што сака безбедно да ги преведе своите пиленца од другата страна на автопатот, по кој непрекинато и со огромна брзина возат секакви огромни машини, автомобили, камиони…“ Бездруго, со оглед на сите тие опасности што демнат на патот, мисијата на квачката би била невозможна, доколку нема нечија надворешна интервенција, што би го спречила или забавила сообраќајот, за квачката и пиленцата да можат некако неповредено да поминат. И погледнете, не е ли навистина така? Со какви сè не опасности се соочува духовникот што се грижи и самиот тој и неговите духовни чеда безбедно да го најдат Царството Божјо, и тоа во ова особено лошо време – невреме, во кое против Христијаните безмилосно јуришаат секакви страшни и големи искушенија и соблазни, што во метафората симболично се претставени преку брзите возила на автопатот! И да не беше тука Божјата семилосрдна грижа и помош, сите ние страшно би загинале на бесниот автопат од овој живот. Но, нашиот добар Отец небесен е секогаш блиску до нас да нè заштитува и води, и особено штедро и моќно дејствува кога верните Му се молат да им помогне, зашто Он ја почитува слободната волја на човекот и не сака со сила да му се наметнува, без тој самиот да побара.
Затоа, најмили мои, ве замолувам и ве преколнувам, и понатаму да се молите за мене, недостојниот игумен и духовен раководител, како и за сите мои браќа монаси и сестри монахињи, коишто пожртвувано се трудат и се даваат себеси да ми помогнат во носењето на мојот тежок игуменски крст!
Уште еднаш најтопло ви се заблагодарувам на сите вас за вашата несебична љубов и за вашите непроценливи и најдрагоцени за нас молитви!
Свети Партениј нека нè благослови сите од својата небесна слава и неговите свети молитви нека бидат со сите вас!