Возљубени мои, денешниот радосен, а истовремено и мошне возвишен празник на Сретението Господово, ни претставува, помеѓу другото, и една таинствена личност, една загадочна фигура, чијашто појава предизвикува во нас чувство на восхит. Светиот Симеон Богопримец.
Според црковната историја, праведниот Симеон бил еден од т.н. Седумдесетмина преведувачи, на кои, египетскиот монарх Птолемај II Филаделф (283-246 пр. Хр.), љубител на пишаното слово, им ја возложил задачата да го преведат Светото Писмо на Стариот Завет од старохебрејски на старогрчки јазик. На Симеон му се паднало да ja преведува книгата на светиот пророк Исаија. Меѓутоа, кога дошол до она пророштво во кое се вели дека ќе дојде време кога Девојка ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, Симеон западнал во недоумица. Не можел да сфати како тоа девојка, девица, без маж, ќе роди син и си помислил дека станува збор за некаква грешка, настаната можеби во препишувањето, па се одлучил да го смени тој збор и наместо него да напише жена. Но, тогаш му се јавил Ангел Господов и строго му заповедал да го остави зборот Девица, објаснувајќи му дека напишаното не е погрешно, бидејќи кога би станувало збор за жена, тоа и не би било некакво пророштво, а само последователен факт. И му возвестил, исто така, дека тоа пророштво во свое време ќе се исполни и дека тој нема да види смрт додека со свои очи не го види неговото исполнение. Како еден вид благословена „казна“, Симеон добил небесно известие дека нема да си замине од овој свет, сѐ додека не се сретне со ветениот Месија. И навистина, според зборовите на Ангелот, Свети Симеон поживеал доста долго, предолго, дури до доаѓањето на Словото Божјо на земјата.
Како што чувме денес од Евангелието, тој, воден од Светиот Дух, влегол во храмот во моментот кога праведниот Јосиф и Преблагословената Дева Марија Го донеле Младенецот, за според тогашниот закон, да Го претстават пред Господа. Симеон бил удостоен не само да Го види, ами и да Го прегрне малиот Исус и исполнет со духовен восторг, да ги искаже оние вдахновени зборови: Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според зборот Твој, зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот (Лука 2,29-32). Впрочем, Црквата одредила оваа Симеонова воздишка на неземна радост и прослава на предвечниот Бог да се чита на секоја вечерна богослужба.
Денес Бог благоволи и ми даде сили да отслужам Света Литургија, иако уште од вчера бев во недоумение дали да служам или не, бидејќи се чувствував многу заморен, истоштен. Но и бев западнат во некаква немарност, па размислував за тоа како недоволно се посветувам на моите духовни задолженија. Меѓутоа, созерцувајќи малку за величието и длабочината на празникот, се помолив во себе: „Господи, Ти слезе и го пресретна човештвото, тогаш кога тоа беше најмногу потонато во грев. Кога потполно Те беше заборавило. Сепак, Ти не се згнаси од нас, стана дури и како еден од нас, ја прими нашата природа, го дозволи Твоето телесно обрезание, а денес благоволи да бидеш одведен во храмот. Ти, Кој си Бог по природа, сопрестолен и совечен на Бога Отецот, Ти дозволи да бидеш претставен во Твојот храм. Каква потреба од тоа? Но, Ти, Кој си законодавец на Законот, во Твоето несфатливо, крајно смирение, си и Негов исполнител. Ти ни даде пример на совршено послушание. Ти, семоќниот Бог наш, беше држен како Дете во прегратките на Твојот слуга Симеон…“ Размислувајќи вака, се запрашав: не го гледаме ли ние, во ликот на Симеон Богопримецот, целото човештво кое Го прегрна Господа, или поточно кажано, се удостои да биде прегрнато од Него? Господ нѐ прегрна нас, бедните и грешни луѓе, отстапници од Неговата љубов. Нѐ прегрнува и денес, секогаш кога ќе го посакаме тоа.
Во словенските јазици зборот среќа произлегува од глаголот „среќавам“. Среќата е всушност една средба. Колку радосен е човек кога ќе се сретне со личноста што ја љуби! Мислам дека сите сме го почувствувале тоа. Едноставно, неопислива е радоста што нѐ исполнува кога ќе се видиме со некого по кого постојано копнееме, го љубиме, го мислиме, па и затоа секоја средба со него ни е толку убава, среќна. Колку, пак, поубава, и порадосна, и посреќна е средбата со Христа, по Кого најсилно и ненаситно копнее нашата душа! Без никаков сомнеж, таа средба е најубава и во нејзината светлина, сите други средби помеѓу луѓето ја добиваат својата смисла, својата убавина. Само во таа средба, луѓето можат да ја достигнат вистинската среќа. А ете ние, Христијаните, сме удостоени на секоја Божествена Литургија да се среќаваме со Бога. Денес, сите ние што сме собрани овде повторно бевме удостоени со таа средба и духовно веселие.
Во мислите ми доаѓаат стиховите од канонот што го пеевме денес, каде се спомнува видението на пророк Исаија. Имено, во Стариот Завет е опишано како пророкот Исаија во едно необично видение Го видел Господа, седнат на престол висок и издигнат, опкружен со небесно воинство. Во еден миг, еден ангел зел со клешта вжарен јаглен од жртвеникот и му пристапил на Исаија, се допрел со јагленот до неговите усни и му рекол: Ете, тоа се допре до устата твоја – и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти (Иса. 6,6). Оваа старозаветна слика е символика за Светата Причест, таинствената клешта – праслика за Пресвета Богородица. Колку и да сме грешни, какви и да сме, кога Господ, преку причестувањето со Неговото Божествено тело, се допира до нас, ние се очистуваме. Тоа толку силно го почувствував денес, иако сум најнедостоен. Можеби и воопшто не би требало да зборувам за ова сега, но сакав да го споделам со вас за да знаете колку големо, колку возвишено нешто е светата Причест. Нема поголемо лекарство од неа – лек за бесмртност.
Знаејќи го ова, никогаш да не се одделуваме од Христа, туку да Го среќаваме во нашите срца, зашто Тој сака да се всели во нив, таму нѐ повикува на средба. Колку и да сме грешни, макар и да сме паднати во крајни прегрешенија, да не си дозволиме да Го заборавиме Бога, или пак да се откажеме од средбата со Него. Затоа што кога и да посакаме, Он милостиво ќе нѐ прегрне, како што го прегна и праведниот Симеон. Не Ме држи Мене старецот, но Јас го држам него; зашто тој од Мене отпуст бара – чувме денес од прекрасниот празничен канон. На секоја Литургија ни се дава таа можност: да се среќаваме со Бога. Во Стариот Завет само исклучителни луѓе имале таква привилегија. Симеон веќе бил заморен од животот на исчекување и затоа со толкава радост Го примил Христа и воскликнал: Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико… Знаел тој, благословениот, дека после оваа Божествена средба ќе заспие со смртен сон, за потоа, по Воскресението Христово, да биде вечно со Него, со Кнезот на мирот. Оти во Стариот Завет, до доаѓањето на Синот Божји, претставата за воскресението и вечниот живот воопшто не била јасна, ами магловита, несигурна, страшна. Всушност, постоело и големо сомнение за тоа дали воопшто има воскресение. А ете, нам, после Христовото сеславно Воскресение и победата над смртта и адот, на секоја Литургија ни се дава можност не само да се среќаваме со Христа туку и суштински да се соединуваме со Него.
Ползувајте ја, ве молам, мили мои, оваа огромна Божја милост! Правете сѐ за да ја почувствувате радоста на соединувањето со Христа, трудете се околу тоа. Господ не бара многу труд од наша страна, туку и на нашите мали трудови многу се радува, зашто премногу нѐ љуби. Пример за тоа наоѓаме во Евангелието што се читаше изминатава недела, се сеќавате, за Закхеј митникот. Тој само посакал, пристапил со силна желба да Го види Господа, а Он му даде многу повеќе од тоа – го повика од дрвото, влезе во неговиот дом како спасение и целосно го преобрази. Па така, ако не друго, имајте барем желба да се соединувате со Господа. Дури и кога не сме соодветно подготвени за да пристапиме кон светата Причест, за сето времетраење на Литургијата, да созерцуваме за тоа што се случува, да внимаваме на тие свети мигови, особено на канонот на Евхаристија, за потоа, кога ќе имаме благослов од духовникот да се причестиме, да можеме слободно да се сретнеме и соединиме со Христа. Но, и тогаш кога не можеме да се причестиме, сепак благодатно ќе ја почувствуваме таа Божествена енергија која произлегува од телото и крвта Христови и која сите нѐ осветува. Затоа многу луѓе, иако непричестени, излегуваат од Литургија озарени од благодатта Божја. Во молитвата пред вознесувањето на Агнецот, свештеникот се моли со следниве зборови: „…и удостој нѐ, со Твојата моќна рака да ни го предадеш Твоето пречисто тело и Твојата чесна крв, а преку нас и на сите луѓе“. Во духовна смисла ова значи дека Христос ни се предава и тогаш кога не сме достојни, како што впрочем, во вистинска смисла на зборот, и никогаш не сме. Но Бог, бидејќи премногу нѐ љуби и сака да живее во нас, ги согорува нашите прегрешенија, ги очистува нашите беззаконија, ја поправа нашата недостојност и си гради дом во нашето срце, коешто Му е највозљубено место за пребивање.
Завршувајќи, би сакал да ве замолам за ништо да не очајувате, туку да Го барате Христа, настојчиво да барате средба со Него во своите срца. Да ги упатиме своите молитви кон Него за Он да нѐ сочува од најстрашниот грев на очајанието и маловерието и секогаш да ни доаѓа во пресрет како што му дошол на Богоносецот Симеон.
Амин.