Обраќање на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, на почетокот од молитвеното бдение за празникот Благовештение во манастирот Пречиста Кичевска, на 24 март/ 6 април 2024 лето Спасителово
Ваши Високопреосвештенства,
Ваше Преосвештенство,
Високопреподобни Архимандрити,
Сечесни отци,
Возљубени браќа и сестри,
Наоѓајќи се под мајчинскиот омофор на Царицата Мајка и гледајќи ги делата на нејзината љубов, не може а да не се радуваме со славна и неискажлива радост. Откако Таа вчера во оваа своја Свештена Обител ги донесе почитуваните архиереи, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил и Високопреосветениот Митрополит на Дидимотика, Орестијада и Суфли г. Дамаскин, денеска нѐ израдува и почести со доаѓањето на уште еден наш драг брат, Преосветениот Епископ Делчевско-каменичики г. Марко. И има ли поголемо духовно ликување кога браќата заедничарат со љубов во единството на верата, во едната Света Црква Божја?! Вчера го имавме благословот да се насладиме од полните со љубов зборови на Светиот Дидимотиски, кој ни се обрати со широко и топло срце, како и од умилителниот глас на Светиот Имвроски, кој со преплавена од нежност душа ѝ ги упати на Пресветата радосните поздрави од третата статија на Акатистот. Вечерва, пак, ја имаме честа со нас да бидат молитвите и благословите на Светиот Делчевско-каменички, кој љубезно одговори на нашата молба и нѐ удостои со своето ценето присуство.
Во средината на Великиот Пост, во ова време на духовна обнова и преобразба, собрани сме заедно, во едниот дух и едната љубов, за нашите мисли, молитви, чувства и благодарности да ги управиме кон Онаа, Која ни Го донесе Возобновителот и Воскресителот на нашите души, Пресветата Богородица, Мајката на Светлината. Токму Таа, како посредница меѓу Небото и Земјата, е вечниот пример за послушание и вера во Божјата промисла, како што тоа ни го објавува овој блескав празник на радоста Божествена.
Благовештението е момент на секосмичка промена, кога Небото се спушта на Земјата и Божјата волја се открива во полнотата на својата љубов кон созданието. Тоа е вест која не само што го најавува доаѓањето на Спасителот, туку и сведочи за светотаинското другарување и заедница помеѓу Бога и човекот, меѓу Создателот и Неговото создание. Во оваа Божествена интеракција, Дева Марија се истакнува како пример за целокупниот човечки род, покажувајќи дека вистинската вера и послушание кон Божјото Слово се патот кон вистинската слобода и внатрешно исполнение.
Благовештението е уште и момент кога вечноста и времето се среќаваат и се преплетуваат; кога ангелското „Радувај се“ одекнува низ вековите и нè потсеќа на нашиот призив да одговориме со вера и љубов кон подадената Божја милостива рака. Во оваа света тајна, Пресвета Богородица станува архетип на Црквата и на секој верник поединечно, бидејќи Таа го прифати Божјиот збор со целото свое битие. Нејзиното историско „Да“ е покана и за нас, да ги отвориме своите срца за Божествената благодат, да се смириме под крепката рака Господова и да живееме според заповедите што нѐ водат кон живот и радование. Така, во секого од нас може да се воплоти Словото Божјо, та да станеме Христоносители и светилници на надеж и љубов во овој празен и очаен свет.
Оти, денешното празненство нè потсетува дека нашата вера не е само личен пат кон спасението, туку и колективен повик за активно дејствување во светот преку добродетелите дефинирани во аскетското предание на Црквата. Ние сме повикани да бидеме активни сведоци на Божјата љубов и на човековата преобразба, работејќи за доброто, за справедливоста, за мирот, за нашите со-луѓе и за целото создание. Во ова време на глобални предизвици, од војни и социјални неправди до еколошки кризи, нашата вера и живот во Благата Вест треба да нè води кон делување и благотворна трансформација на светот околу нас.
Празникот на Божјото воплотување што го прославуваме вечерва, не само што ни ја претставува безпримерната чест на Пречистата да биде избрана за Мајка Божја, туку ја открива и безграничната милост на Света Троица кон човечката природа, а со тоа и кон сето создание. Во Благовештението се содржи ветувањето за обнова и за спасение, за преод од старото кон новото, од меланхолијата кон радоста, од смртта кон вечниот живот.
А за тоа дека единството и меѓусебната љубов и почитување се средствата преку кои се реализира силната преобразувачка моќ на Светото Благовештение, сведочи овој наш заеднички синаксис под закрилата на Пречистата, Која го благословува нашето заедничарење и радува и успокојува нашите срце. Затоа, уште еднаш ја изразуваме нашата безгранична благодарност, најнапред кон Мајката на Светлината, кон светите архиереи кои вистински нѐ збогатија и облагородија со своите присуство и добрина и кон сите вас, мили и возљубени, коишто сте дел од ова свештено собитие и празненство.
А сега да се слееме со зборовите на свештениот химнограф, кој нѐ повикува: „Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе! Од тебе е спасението, Христос нашиот Бог, Кој земајќи ја природата наша, врз Себе ја положи; Него моли Го да бидат спасени душите наши“.
Амин.