Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска Обител г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба за празникот Усекновение на Чесниот Претеча, на 28 август / 10 септември 2023 лето Спасителово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Чудесен е Бог во светиите Свои! (Пс. 67,36) Навистина е чудесен Бог, Кој се покажува и се прославува преку Своите избраници. Еве и оваа година Он, Милостивиот, нè удостои да се поклониме пред ликот на најголемиот меѓу Светиите, најголемиот од луѓето, чесниот и славен Пророк, Претеча и Крстител, Свети Јован. Него и самата уста Спасителова така го прослави, велејќи дека меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстителот (Матеј 11,11). Нашиот мил Свети Јован, значи, по Самиот Богочовек Христос и Пресвета Богородица, е најголемиот човек роден на Земјата.
И овој наш свештен Манастир е несомнен показател за неговото величие; колку само се има прославено тој во него. Затоа оваа вечер стоиме со вера пред неговата Чудотворна икона и пред неговите свети мошти и му ги принесуваме своите молитви и солзи; го бараме неговото застапништво како на најголем пророк, но истовремено и апостол и маченик и ангел во тело. Чудесниот Свети Јован! Повеќе од илјада години, луѓето со солзи стоеле пред оваа света икона, упатувајќи молитви кон великиот Христов Пророк, Претеча и Крстител и секогаш молитвите на нашиот православен род биле услишувани. Оти, гледате, ова Светилиште е изградено на најцврст духовен камен, како што вели и Самиот Господ Христос во Евангелието со параболата за мудриот човек, кој изгради куќа на камен и надојдените води не ја урнаа (сп. 7,24). Токму Свети Јован Претеча, пред нешто повеќе од илјада години, го повикал овде својот ктитор, Светиот Јован Дебранин Архиепископот Охридски, за да ја домоустрои оваа Светиња тука, како светилник на цврста и висока карпа, та сите коишто пловиме по морето на животот, разбранувано од искушенија, да имаме каде да се ориентираме; да можеме со вера да погледнеме во неугасливиот светилник Свети Јован, кој секогаш оди напред, пред Христа, и токму Него Го проповеда, Него Го толкува, кон Него патот на сите нас ни го осветлува. А како ни го осветлува? И кога тој пат за нас станува светол и видлив? Само тогаш кога ќе ја чуеме и со срце воспримиме пораката на јорданскиот Проповедник: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно! (Матеј 3,2) Покајанието, пак, настапува тогаш кога ќе почнеме да ги согледуваме и признаваме сопствените грешки и слабости, кога ќе почнеме да гледаме во себеси и кога ќе сфатиме дека сме се оддалечиле од Божјата вистина и правда. Потоа е потребно да се смириме, па да се исповедаме и така полека ќе почнеме да се трудиме за своето преумување.
Овој Божји Пророк чијшто спомен денес го празнуваме, нè повикува токму на тоа: прво на покајание, а потоа и на најважното – на смирение. Од Светото Евангелие читаме дека Свети Јован, пред сè, бил крајно скрушен и смирен. Трогателно, воодушевувачки! Иако е единствениот кој уште од утробата на мајка си од Бога имал дар да пророкува, сепак тој себеси не се сметал за ништо големо. Знаете за оној настан од Евангелието кога неговата мајка, праведната Елисавета, се сретнала со Мајката Господова. Во тој миг Свети Јован радосно заиграл во утробата нејзина; уште како ембрион тој објавил дека Пресвета Богородица го носи во себе Спасителот на светот. Но подоцна, кога луѓето во него виделе нешто големо, свето, величествено, односно виделе пророк силен на дела и на слова, невиден испосник и чудотворец, тие почнале да го прашуваат кој е и тоа преку градација, почнувајќи од најголемото – од Месијата, оти во него гледале и очекувале нешто најголемо. На тие прашања тој смирено им одговорил: „Не сум јас Христос“. А овие продолжиле да го испитуваат: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ Тој одговорил: „Не сум“. „Тогаш да не си, можеби, некој нов пророк?“ И на ова тој одговорил: „Не“. „Па кој си“, инсистирале свештениците од Ерусалим, „за да можеме да им одговориме на оние што нè испратија; што велиш за себеси?“ Свети Јован во крајно смирение им рекол: „Јас сум гласот на оној кој вика во пустината: израмнете го патот Господов“ (сп. Јован 1,19-23). Замислете, оној, кого самиот Син Божји го нарекол најголем меѓу родените од жена, за себе лично вели дека е само еден глас. И додава: Јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови (т. е. на Христа) (Јован 1,26).
Според преданието на Црквата, Свети Јован рано останал без своите родители и бил израснат од Назореите, кои биле еден вид старозаветен ред на Божји служители, налик на монасите. И тие давале завет дека еден одреден временски период целосно ќе се посветат на служба Божја. Овие старозаветни монаси, значи, го одгледале Јована во пустината, го воспитале како дете на пустината, во најсурови услови и во крајна оскудност. Токму поради неговиот строг аскетски живот и крајна лишеност од секакви угодности, Црквата уште го нарекува и „ангел во тело“ и „небесен човек“. Тој, навистина, живеел безмалку како бестелесен, како еден ангел Божји. Затоа во црковната иконографија тој честопати се претставува со ангелски крилја, што е одраз на неговата огромна духовна димензија.
Еден црковен писател од 18. век, Јован од Линд, во една своја беседа посветена на Свети Јован Крстител, меѓу другото, навлегол во длабока потрага по мистичното значење на буквите од името „Јован“. Во просветление заклучил дека во грчкиот – а исто така е и во црковнословенскиот јазик – ова име започнува со буквата ι (јота), односно и (иже): Ἰωάννης/Иоа́ннъ. Како свое образложение за првата буква од името ι/и, која и во двата древни писмени системи го означува бројот 10, овој црковен деец го навел преданието според кое местото на паднатиот чин ангели на чело со Луцифер, ќе било надополнето од монасите. Тие ќе го сочинувале десеттиот ангелски чин, како надополнение на веќе постоечките девет. Затоа и монашката схима се нарекува ангелска. Водач, пак, на ангелскиот чин на монасите е токму Чесниот Претеча. Можеме да кажеме дека Свети Јован е првиот монах во вистинска смисла на зборот и до денес останува ненадминат учител и предводник и заштитник и татко на монасите. Сите, пак, коишто ќе се трудат да го следат неговиот рамноангелски живот ќе бидат први на Небесата, најблиску до Престолот Божји.
Во врска со ова, има еден интересен податок од житието на Преподобен Паисиј Велики. Имено, тој во видение разговарал со Светиот цар Константин Велики, чијашто душа била слезена од Небесата, за да му пренесе на Преподобниот една силна порака. Сите знаете колку многу направил Свети Константин за Христијанството, и дека заради тоа Црквата го нарекува рамноапостолен и велик. Но слушнете што му рекол тој на смирениот и преподобен монах: „Блажени сте вие кои сте удостоени да го последувате монашкиот живот. Јас сум великиот Константин и слегов од Небесата, за да ти ја објавам славата што ја уживаат монасите на Небесата… О, камо да ја имав таа среќа да го оставев временото царство, царската мандија и круна и да станев сиромав, носејќи власеница и примајќи сè што бара монашкиот живот!“ Замислете, дури и Великиот Константин, овенчан со Божествена слава и чест, е помал од најобичниот монах во Царството Небесно!
Навистина големо нешто е монаштвото, браќа и сестри. Затоа, ве замолувам вас, верниците, многу да го молите Свети Јован Крстител за монашкиот ред. Еве, тој кон крајот на дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век сотвори едно навистина големо чудо со ова наше Светилиште овде. Повторно издигна монашки род. Избра деца од нашите рожби, од утробите на нашите мајки, од нашиот род. Избра такви коишто се повикани дење и ноќе да се молат, да се подвизуваат, да се трудат во молитви и благодарења, во трезвеност и неспиење, во секакви подвизи, и така да се застапуваат за народот, кому насуштно му се потребни нивните молитви. И затоа ве замолувам вас, верниците, секогаш кога се молите, најнапред да упатите молитви за оние кои одат на чело во борбата со поднебесните духови на злобата, а тоа се монасите и свештениците. Доколку тие – не дај, Боже! – паднат, тогаш целиот род ќе падне. Еден голем светител и пророк од нашиве балкански краишта, Светиот Козма Етолски, вели дека кога свештениците и монасите ќе станат како световите луѓе, тогаш овие вторите ќе станат како демони. Гледате колку за овој свет е важно тоа какви ќе бидат монасите, свештениците, епископите! Затоа, молете се за нив. Ви се обратив со оваа молба, бидејќи времето во кое живееме е ужасно тешко и лукаво. Некогаш, ѕидините на манастирот и затворените манастирски порти ни беа добра заштита од световните искушенија. Но сега повеќе не е така. Бидејќи техниката веќе навлезе насекаде. Да, таа сама по себе не е зло, меѓутоа станува штетна кога е злоупотребена од отпаднатиот од Бога човек. И така, сега светот може да влегува дури и во ќелијата на монахот, а оттаму – и во срцето негово. И не е лесно денес, во овој век на отпадништво, еден млад човек не само да остави сè од светот, туку и да може, покрај сите искушенија, да остане духовно силен, да води напред во духовноста, да биде пример, како што ни е самиот Свети Јован, гласот на оној кој вика во пустината. Но слава, пофалба и благодарност нему, оти тој и во ова време си повикува свои верни служители, кои ја пренесуваат неговата порака за покајание.
Свети Јован громогласно, од сето срце свое повикувал од јорданската пустина, така што мнозина тргнале по него. Дури и оние, љубопитните, кои немале некоја особена желба за покајание. Дошле од љубопитство, но кога виделе каков е тој човек во пустината за кого сите зборувале, кој секогаш ја говорел само вистината и не се плашел од никаква власт и началство во овој свет, тие со почит ја приклонувале главата пред него. А кога кај него доаѓале лицемерните свештеници, фарисеите и садукеите, без никаква желба за промена, само за да го видат од љубопитство, тој им велел: О, породи змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде? Направете плод достоен за покајание (Матеј 3,7-8). И Самиот Христос го прашал народот: Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се. Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк! (Матеј 11,7-9) Свети Јован, значи, лицемерните свештеници и верници ги нарекол породи змиини, за кои многу мала е надежта дека ќе се покаат. Но ние да не бидеме такви, мили мои. Се нарекуваме Христијани, а честопати во себе имаме повеќе љубопитност, отколку искрена вера. Одиме по црквите, шетаме по манастирите, но тоа го правиме повеќе од љубопитност. Одиме да видиме што има таму, па дури и осудуваме потоа. Колку страшно нешто! А Свети Јован нè повикува. Царството е отворено. Дојдете, вели, кон Христа. Тој ни Го покажа Него: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! (Јован 1,29)
Мили мои монаси и монахињи, ние сме тие кои треба да го носиме овој глас во себе, да им Го покажуваме на луѓето Јагнето Божјо. Знам дека не е лесно, но ние сме повиканите. Вие знаете дека секој еден од нас е повикан на различен начин, ама сите сме призвани лично од Христа, преку Светиот Дух, преку благодатта Негова. И Он ни даде сила да го направиме најсветиот чин, да го понесеме крстот на самоодрекувањето. Некои од нас биле многу изгубени во световниот живот, не ни знаеле за Бога. Требало да паднат на дното и да дојдат овде па најпосле да најдат обновен живот. И токму тука стигнал до нив гласот Божји и повикот да станат монаси, да стапат во најсветиот чин, да се облечат во ново крштение. Оти, монаштвото е ново крштение. Така, им се даде можност за нов почеток. Да може повторно да умре стариот човек што се распаѓа во лажните желби и похоти и пак да се роди новиот во Христа Исуса. Затоа, никако не смееме да го изневериме призивот на кој сме се ветиле. Ве молам! Ве молам! Сакам сите да го чуете гласот на Свети Јован, кој нè повикува на покајание, смирение и молитва. Гледате што се случува во светот, во колку ужасно место за живеење се претворил тој. Тоа е така, да знаете, и поради нашиот пад, отстапништвото на сите нас Христијаните. Оти не се молиме и не се покајуваме доволно. Внимавајте! Не смееме да дозволиме да станеме како Иродијада и Саломија, соработници на ѓаволот. Да не ни бидат важни само веселбите и задоволствата. Оти таму, на тие опуштени веселби и пирови, секогаш се отсекува главата на некој праведник. Така било и тогаш, за време на роденденот на Ирод, кој се славел во крајна опуштеност, во пијанство и во блудства. Блудната и распуштена мајка ја побарала главата на праведникот. Мили мои, кога си дозволуваме наместо во подвиг, да живееме во немарност, опуштеност и во световни задоволства, тогаш стануваме слични на Иродијада и Саломија, кои ја побарале на табла главата на Крстителот. Добро е секогаш да се потсетуваме на Претечевото Усекновение, зашто ние Христијаните и особено ние, монасите и свештениците, имаме најголема одговорност. Јас како епископ и игумен и татко одговарам пред Бога за монасите што се со мене. И затоа ве замолувам вас верниците, да не го поддржувате ни поттикнувате кај нив световното однесување. Оти и тие се луѓе, можат да згрешат. Но немојте да мислите дека за монах е природно световно да се однесува. Немојте во тоа да ги поддржувате. Доколку забележите нешто такво тогаш имате право со љубов и смирение да им укажете: „Оче, не ми се допаѓа како се однесувате, како зборувате“. Или ако некој паднал, немојте да го поддржувате во падот. Слава Му на Господа, по молитвите на Свети Јован, и покрај силните бранови и ветришта, и оваа година во навечерието на неговиот празник сите ние стоиме цврсто на нозе и духовно опстојуваме. Да знаете дека пред слава и пред голем празник ѓаволот особено напаѓа и предизвикува бројни искушенија. Но, голем е Свети Јован наш мил и по неговото застапништво сè си дојде на своето место и еве нè сега сите собрани со благодарност пред неговата илјадагодишна Чудотворна икона. А тој преку неа нè чува, нè благословува, нè поткрепува, и нас и сите вас што доаѓате за му оддадете чест на Светиот. Тој и денес сака да ви го покаже патот кон Јагнето Божјо кое ги зема гревовите на светот. Примете ја неговата порака и чувајте ја цврсто во срцето ваше, за да не ве потопи морето на животот, разбранувано од многубројните страсти и искушенија. Светилникот Свети Јован е тука, свети силно, и секој кој се ориентира според него, нема да биде разбиен од некое искушение, ни од ненадејна бура, ниту, пак, од некоја подводна карпа во житејското море. Да сте ми благословени сите и Свети Јован да биде со вас!
Амин.