Да бидеме проповедници на светлината Христова

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, изговорено во Неделата на Самарјанката, на Светата Литургија во храмот на Свети Николај во с. Вранештица, на 22 мај 2022 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Најнапред ви благодарам вам, драги жители на ова славно село Вранештица, што нè поканивте денеска да бидеме заедно со вас. Голема чест е за нас тоа што се собравме овде, во овој прекрасен преродбенски храм на Светителот Божји Николај Чудотворец, чиј спомен празнуваме сега. Имено, денеска празнично си спомнуваме за пренесувањето на неговите пресвети и чудотворни мошти од градот Мира Ликиска (денешна Турција), во градот Бари во Италија.

Овој празничен спомен се совпадна со неделниот ден посветен на жената Самарјанка. Всушност, станува збор за евангелскиот настан што се случил во времето кога Господ наш Исус Христос ја проповедал радосната вест за Царството Небесно по јудејските градови и села. Еднаш, патувајќи пеш од едно место до друго, Он се изморил и ожеднел, па седнал крај изворот на прататкото Јаков, за да се напие вода. Во тој миг, на изворот дошла да полни вода и некоја жената Самарјанка. Таа одела сама на изворот, бидејќи, како позната и извикана грешница во градот, била презрена од сите. Во тоа време таа не смеела заедно со другите жени да оди на јавни места и да комуницира – била, така да речеме, социјално екскомуницирана. Никој не сакал да зборува и да се дружи со неа.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Но, ете, Господ, Кој ги знае срцата и помислите на луѓето, започнал пријателски разговор со таа грешница, барајќи од неа да Му помогне да нацрпи вода. Он проѕрел во нејзиното срце и знаел дека во него има добар потенцијал и дека таа жена искрено Го сака и го очекува Бога. Едноставно, животот ја однел во бурни води и искушенија и таа, за жал, станала блудница. Со овој евангелски настан Господ сака да нè поучи дека не треба никого да осудуваме и дека не треба да имаме стереотипи за личности, ниту за народи. Покрај тоа што оваа жена била грешница, била и родом Самарјанка. Народот самарјански имал еврејско потекло, но со тек на време се измешал со паганите и попримил од нив многу погрешни верувања и обичаи. Самарјаните биле особено презирани од своите сонародници Евреите, кои дури забранувале секаков контакт со нив. Значи, за еден Јудеец каков што бил Господ Исус, било крајно понижувачки да зборува со една Самарјанка. Ама, ете, Он не само што пријателски ѝ се обратил на оваа жена, туку и побарал таа да го послужи со вода од Јакововиот извор. Жената, изненадена, Го прашала: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“  Така започнал чудесниот теолошки дијалог помеѓу Христос и грешницата, кој завршил со покајание и со богопознание на жената. Господ меѓу другото ѝ рекол: Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: „Дај Ми да пијам“ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода. Во продолжение, Господ со внимателност и без да ја навреди или повреди, ѝ го открил на жената нејзиниот претходен живот, тоа дека имала пет мажи и дека сега оној со кого таа живее не ѝ во суштина маж. На тој начин таа сфатила дека пред себе гледа необичен човек: Господи, гледам дека си Ти пророк! Кога таа го продолжила дијалогот и покажала интерес за Месијата, тогаш Господ, видувајќи ја нејзината искрена вера и очекување на спасението, Самиот ѝ се открил: Јас сум, Кој зборува со тебе. Во тој миг во внатрешното битие на досегашната грешница настанува целосен пресврт. Таа не само што се покајува, туку исполнета со вистинското богопознание, веднаш отрчува назад во градот и станува проповедница, почнува да проповеда дека дошол Месијата, Спасителот на светот. Ги повикува сите да дојдат и да видат, да се уверат. Од грешница станува возвестител на Евангелието.

Сè што Господ Исус Христос направил во Својот живот на Земјата, особено во последните три и пол години, има длабока смисла и симболика и останува како една фундаментална наука за целиот свет и за сите нас поединечно. Пред сè, Он сака да не осудуваме, туку секому со љубов и со личен пример да му го покажуваме патот кон преобразувањето и кон просветлението. Христос не ја презрел блудницата, туку милосрдно разговарал со неа и со тоа ѝ помогнал таа да се покае, од грешница да стане апостол. Од преданието знаеме дека нејзиното крстено име било Фотина, што во превод на македонски значи Светлана. Таа станала рамноапостолна проповедница на светлината Христова, а накрај и маченица за својот возљубен Господ.

Светата Фотина навистина станала светлина. Вистинските Христијани низ историјата биле такви. Зашто Христос, обраќајќи им се на Апостолите, а преку нив и на целиот христијански род, на сите кои ќе поверуваат во Него, им вели: Вие сте светлината на светот (Матеј 5,14). Сите сме, значи, повикани да станеме светлина Христова и истата да ја шириме околу нас. На тој начин ќе дадеме придонес во растргнувањето на мракот во кој се наоѓаме поради гревовите човечки. И во никој случај не треба да очајуваме и да си мислиме: „Јас сум толку многу грешен човек, така што невозможно е да сведочам за Христовата светлина“. Не. Туку да пристапиме кон Христа со покајание, со солзи и искрени воздишки и Он нема да нè остави. Со Него, во моментот на покајанието ние стануваме светли. Покајанието и искрениот разговор со Христа во срцето ни го носи просветлението. А во таа светлина, сите нешта добиваат смисла, нашиот живот добива суштина. Чекорејќи по патот Христов, духовниот мрак се повлекува од нас и ние стапуваме во Божествената светлина. Кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јован 8,12) – вели Господ.

Вистинските Христијани, значи, се распространувачи на Христовата светлина. А денешниов Светител, кого го празнува и Истокот и Западот, е еден величествен Светилник кој го озарува сиот свет со зраците на Божествената светлина. Целиот натопен со смирение, со покајание, со кроткост, со љубов, тој станал образ на верата и затоа неговиот култ е мошне голем и славен. Неговите чуда се безбројни, а и неговите храмови ширум светот исто така. Еве и вашиот храм го носи неговото преславно име.

Некогаш, кога човек треба да им говори за убавите и возвишени нешта од Евангелието на луѓе кои можеби не посетувале ниеден час по веронаука, или пак, не го прочитале ни Евангелието, се прашува дали воопшто ќе разберат за што се говори. Затоа секогаш се трудам со едноставни зборови да допрам до слушателите. Но, ве замолувам сите вас да се трудите околу сопственото просветување во науката Христова. Нашите предци пребродиле многубројни искушенија и премрежја, затоа што живееле и умирале со Евангелието. Во времето на Отоманската Империја голем дел од народот бил неписмен, но сите луѓе оделе во храмот, го слушале свештеникот, ги слушале учителите и писмените и така се просветувале. Денес, пак, имаме толку многу можности да научиме, да се образоваме, имаме толку лесен пристап до информации и секој што сака може да се надгради себеси. Само важна е волјата и љубовта. Вие ја имате и таа привилегија во ваша близина да се наоѓа светиот Манастир на Богомајката Пречиста; тука ви се сестрите, кои многу се трудат за светлината Христова да допре до секого. Тие се како жената Самарјанка по нејзиното покајание, односно тие се проповедници Фотини, сите се светлини. Самите сте сведоци колку нешта се направија и колку се променаа на подобро, откако сестрите дојдоа во Манастирот. Помнам, кога служев овде пред неколку години, немавме толку псалти, немавме толку народ, а денес пред себе гледам една многу поубава слика. Па така, имате навистина многу можности да се поучувате во спасоносната вера наша, која е светлина, љубов, радост, мир. Не се колебајте многу за да навлезете подлабоко во убавината. Често сме во искушение дали да влеземе таму, дали да слушнеме нешто, дали да се заинтересираме повеќе. Зошто? Имаме многу предрасуди, како што имале Евреите кон Самарјаните, како што имале кон жената грешница нејзините сожители. Немојте да им подлегнувате на предрасудите и на гласот на толпата, туку тргнете и чекорете кон Христа, зашто нашата вера е докажана. Колку само народи станале цивилизирани, примајќи го Евангелието. Не можете да најдете друг одговор за животот, за смртта, за вечноста, освен во нашата преубава христијанска вера.

Имајќи го примерот на денешниот славеник, Свети Николај, кој самиот станал Христова светлина, да се потрудиме и ние да станеме вистински Христијани и светлина на светот.

Да сте живи и здрави и до Бога благословени!

Христос воскресе!