Со духовните очи да Го видиме Христа

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено во Неделата на слепородениот, на Светата Литургија, на 29 мај 2022 година


Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!

Денеска, од евангелскиот настан предвиден од светите отци да се чита во оваа недела, чувме за големото чудо што Спасителот го направил врз слепиот човек, кој бил роден буквално без очи. Имено, во овој случај Господ Исус Христос му пресоздал очи на овој слепороден, правејќи кал од земјата и од Својата плунка. Потем го испратил во бањата Силоам за да се измие од водата и во тој миг неговите очи, на чие место дотогаш имало само отвори, почнале беспрекорно да функционираат.

Има повеќе пораки што ни ги испраќа Господ преку овој настан. Најнапред, Он ни покажува дека токму Тој, Исус Христос, е Оној Кој ги создал и првите очи, на прататкото Адам; токму Он е Оној Кој од земја го создал човекот. Потоа, денешното исцеление ни открива дека Христос е врховниот Лекар на болестите и недостатоците кај луѓето. Не само на биолошките, физичките, ами првенствено на духовните. Пророкувајќи за идното спасение во личноста на Месијата Христос, пророците од Стариот Завет, со цел да биде препознаен Неговиот идентитет кога ќе се појави на Земјата, меѓу другото, говорат дека Он ќе отвора очи на слепци. Така, светиот пророк и цар Давид, Го псалмопее Бога, Кој им дава храна на гладните. Господ ги разврзува окованите, · Господ ги умудрува слепите, Господ ги исправа урнисаните (Псалм 145,8). Светиот пророк Исаија, исто така, го навестува денот на посетата Господова: И во тој ден глувите ќе ги чујат зборовите од книгата, и очите на слепите ќе прогледаат од темнината и мракот; и пак, на друго место: Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат (Иса. 29,18; 35,5). Притоа, пророците го имаат предвид не само физичкото, туку пред сè, духовното прогледување и умудрување. Затоа Господ во Евангелието за Себе вели: Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јован 8,21). Тука Он, се разбира, говори не за физичката, ами за Божествената светлина.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Кога би биле исправени пред изборот дали да живееме во слепило и во физички мрак или, пак, во виделина и светлината, убеден сум дека сите би го избрале второво. Сега, замислете си еден слеп човек, кој постојано пребива во темнина, кој нема ама баш никаков поим како изгледа светот во светлото на светлината, бидејќи е слепороден. Колку и да му објаснуваме на таквиот човек како изгледа овој од Бога создаден свет, какви убавини, планини, реки, дрвја, планети и какви не чуда има во него, тој, можеби, според силите на својот разум, ќе си направи некакви слика и замисли, но сигурно тие ќе биде многу далеку од реалната претстава на Божјиот свет. Значи, просто е невозможно слепороден човек да има поим како изгледа сето она што ние секојдневно го гледаме и на кое се насладуваме преку сетилото за вид. Од друга страна, пак, ние имаме многу повеќе поим што значи мракот, бидејќи имаме можност да ги затвориме очите и да увидиме како е да си во темнина. Затоа никој не сака да живее во слепило и во темница.

Меѓутоа, кога станува збор за духовната светлина и темнина, разликата меѓу нив е многу поголема и уште потешко е да му се објасни на духовно слеп човек каква е светлината од Бога. Човек кој живее во духовно слепило, подобно на слепородениот за физичкиот свет, речиси е невозможно да разбере каква убавина се крие и која е предноста од тоа да се живее во духовната светлина, која е Самиот Христос. Неговата перцепција за духовното е замаглена, осакатена. Тој не знае и не разбира што е духовниот свет и колку е убава светлината на духот. Затоа, кога го проповеда Своето Евангелие меѓу луѓето, Господ Исус честопати повторува: кој има очи да види, нека види. Секако, Он не мисли тука на очите како телесен орган, туку на внатрешниот вид. Потребни се, значи, духовни очи, за да можеме да Го спознаеме Него како Спасител, како светлина и убавина на светот.

Следствено, мили мои, Христос е нашиот вид, нашата виделина. Да Му го предадеме отворено своето срце Нему и Он нема да нè одмине молкум, туку ќе ни ги отвори духовните очи, ќе ни ја подари Својата светлина. Ете, денес Он му направи чудо на слепороденот, кој, пак, имал донекаде добар внатрешен поглед – имал храбро и чисто срце, бил правдољубив и благодарен. Откако врз него било сторено големо добро дело, тој не останал неблагодарен кон својот Добротвор, ниту, пак, подлегнал на стравот и срамот од заканите и исмевањата на фарисеите и народните старешини. Напротив, храбро и аргументирано Го бранел Христа пред нив: Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите! Знаеме дека Бог не слуша грешници… Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И ако Тој не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо (Јован 9,30-33). Слепородениот ја брани Вистината, ја брани светлината духовна што Господ му ја подарил, додека првосвештениците, служителите на храмот и народните старешини остануваат слепи. Овие, така да речеме, духовни инвалиди, исполнети со завист и поклоници на формата, живееле во една таква страшна темнина што не можеле ништо добро да видат и да препознаат пред себеси. Со биолошките очи Го гледале Спасителот на светот пред себе, но со духовните очи биле тотално слепи, така што не можеле да Го препознаат и да Му се поклонат. Ним им било важно тоа што со извршеното лекување била нарушена саботата. Не можеле да го видат големото чудо и доброто што било извршено пред нивите очи, а камоли да се израдуваат што, ете, еден слепороден кого го знаел целиот град бил излекуван и повторно прогледал. Тие се грижеле единствено за тоа некој да не им го преземе првенството, власта и славата и како изговор за својата злоба ги имале човечките измислици и правила, како небаре во сабатот, во денот Господов, не треба ништо да се работи, па дури ни да се лекува.

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Мислам дека во ниеден друг евангелски расказ нема посоодветен пример за ваквиот краен контраст меѓу телесното и духовно слепило. Се разбира доаѓаме до заклучокот дека духовното слепило е каде-каде пострашно од телесното. Тоа е, впрочем, погубно. Зашто, доколку не Го пронајдеме Христа во овој свет, не Го видиме и не Го препознаеме со срцето, нема ни да можеме да тргнеме по Неговата Божествена светлина, која единствена го осветлува животниот пат до вечното Царство на несоздадената светлина; ќе продолжиме да живееме во ужасен мрак, кој, за жал, ќе продолжи и во вечноста. Затоа, мили мои, очистете ги и отворете ги духовните очи, за да можете да ја видите Христовата светлина, која преку молитвата ни е достапна за созерцание во нашето срце. Чувме што вели денес Бог во Евангелието: Додека сум во светот, Јас сум Светлина на светот (Јован 9,5). Он ова им го вели не само на своите современици, туку на сите луѓе, од сите поколенија. Он и денес е со нас во светот преку Црквата. Во Црквата можеме да бидеме со Него и во Него, во Неговата светлина. Молитвата, пак, и добродетелите се очите со кои се гледа таа нетварна светлина.

Да Го молиме, затоа, мили мои, да ни Го чува и утврдува нашиот духовен вид, та да можеме да се наречеме Негови ученици, бидејќи секој кој тргнал по Христа треба и самиот да биде светлина, одблесок од Божјата светлина. Така Он вели: Вие сте светлина светот (Матеј 5,14). Да бидеме, следствено, среде оние кои ја расветлуваат темнината во овој свет, особено денес кога имаме криза во секое поле – општествена, духовна, цивилизациска; криза на духовните и моралните вредности кои произлегуваат од Евангелието. Повеќето од луѓето се определиле, за жал, за темнината, за мракот, за слепилото. Ете зошто, можеби како никогаш досега, потребно е ние Христијаните да станеме носители на Божествената светлина, откако најнапред самите ќе си ги очистиме духовните очи и ќе се преобразиме во духовни личности, во личности на светлината. Амин!