Да се љубите еден со друг, бидејќи по тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35; 15,17)
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, го славиме вториот по ред годишен спомен на великиот Христов воин и Маченик, Свети Георгиј Победоносец. Нашата Црква го празнува овој славен и култен светија три пати во годината. Главниот празник, денот на неговото мачеништво и преселувањето во вечноста, се слави во пролетта, најчесто веднаш по Воскресението Христово. Некогаш се случува тој да се совпадне со Светата Пасха, а кога, пак, се падне во Страсната Седмица, тој се поместува и се слави на третиот ден од Воскресението.
Празнувањето на Свети Георгиј во Пасхалниот период не е случајно, бидејќи тој е, навистина, еден голем сведок на Воскресението Христово: и со животот и со страданието, а најмногу со љубовта. Во евангелското зачало што вообичаено се чита на спомените на мачениците, се повторува Христовата заповед за љубовта: да се љубите еден со друг, бидејќи по тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35; 15,17). Мачениците биле луѓе на љубовта – исполнети со огромна љубов кон Бога, со свештен копнеж по Христа во срцата свои. Кога зборуваме за оваа љубов, ние ја подразбираме не човечката, ами Христовата, Божествена љубов, која е поткрепена со жртва, со самоодрекување и со самопредавање. Оној кој пробал евангелски да љуби, знае дека тоа е многу тешко, бидејќи вистинската љубов изискува непрестајна пожртвуваност и долготрпение. Христос ја покажа Својата љубов за светот со тоа што се распна на Крстот за секој човек, жртвувајќи се за невестата Своја, за Црквата, којашто ја составуваме сите ние, крстени во името Негово. Мачениците, пак, се најсјајните и најубави украси на невестата Христова, бидејќи покажале најголема љубов на дело: ја пролеале својата крв за Христа и токму на темелот на нивната крв, Он ја основал Црквата Своја. Еден ранохристијански писател, Тертулијан, кој бил сведок на страшните мачеништва вршени врз Христијаните во Римската Империја, вели дека крвта на Мачениците била семе за нови Христијани.
Така, значи, Мачениците Го возљубиле Христа со сето свое битие и знаејќи дека единствено Он го има животот вечен и вистинската радост, тие не го поштедиле овој привремен живот, туку го предале заради љубовта кон Него. Да му се помолиме на Свети Георгиј, да ни ја подари својата љубов кон Христа, па и ние да тргнеме храбро по патот на љубовта Христова.
Да се потрудиме, мили мои, со пожртвувана љубов да трчаме по Бога и ние, христоименитите луѓе и како што Свети Георгиј трчал со металните чизми на него, така и ние трпеливо и со благодарност да ги носиме искушенијата и притесненијата што нè снаоѓаат во животот, да го носиме нашиот животен крст. Господ е секогаш до нас и со нас, наш сопатник и сострадалник, Кој ги олеснува нашите маки и ни дава сили да издржиме. А ние да го земеме штитот на верата и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо и опашени со вистината и облечени во оклопот на праведноста (Ефес. 6,14 и 17) – како што чувме денес од апостолот Павле – да стоиме во единство со Христа, нашиот Спасител. Денешниот славеник, Свети Георгиј Победоносец, кој бестрашно и трпеливо ги поминал сите маки и искушенија и не се откажал од верата спасоносна, од Христос Воскресителот и Животодавецот, да нè поучи и да ни даде поткрепа, за и ние кои сме притеснети од многу искушенија во ова тешко време, да ја сочуваме нашата вера силна, непоколебливо трчајќи кон Спасителот Христос. Амин!