Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, за Десеттата недела по Педесетница, изговорено по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија, на 21 август 2022 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Чудото со исцелението на момчето месечар, за кое чувме во денешното Свето Евангелие, се случило веднаш по големото чудо на Преображението на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред Неговите тројца ученици на гората Тавор. Имено, кога поминала таа видлива Божествена состојба на Христовата преобразба, Он слегол долу во подножјето на планината и забележал една мошне трагична околност: несреќен татко, кој очајно моли да биде излекувано неговото болно дете. Горе, на Тавор, учениците Петар, Јаков и Јован вкусиле дел, онолку колку што можеле да истрпат и примат, од неискажливата небесна слава на Синот Божји, а долу, пак, во обичното секојдневие, краен контраст – ги гледаат последиците од падот на човекот: болести, неверие, очај, агонија, смрт. Несреќниот татко насекаде барал лек за своето страдално чедо, го носел по разни лекари, врачеви, целебници, но напразно. Го однел најпосле и кај Апостолите, но ете гледаме, и тие не можеле да го излекуваат. Тогаш Господ со укорувачки тон воздивнал: О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? (Матеј 17,17).
Милостивиот Господ се разочарал од неверието на луѓето и најнапред ги укорил Светите Апостоли, бидејќи тие со сопствените очи виделе толку многу чуда, а пак биле слаби во верата. Преображението Христово се случило непосредно пред Неговите страдања. Значи, биле поминати веќе три години откако Апостолите тргнале и Го последувале Христа и имале можност да видат многу и големи чудеса извршени од Него. Но, и покрај тоа, нивната вера била слаба и тие не можеле да го исцелат момчето.
Сепак, Господ овој укор не го наменил само за Апостолите, ами и за таткото, за луѓето што биле околу, за сите нас. Он нè укорува сите, целото човештво, како Лекар, бидејќи не се придржуваме со вера до Неговиот рецепт за блаженство, до Неговите животворни заповеди. Знаете, кога некој човек не се придржува на упатствата што му ги кажува лекарот, тогаш попусто го троши и своето и времето на лекарот, па логично и нормално е овој да се налути и да го укори. Во овој случај Господ нè разобличува сите нас, оти не живееме како што треба. Немаме доволно вера. А немаме, затоа што наместо подвигот заради Бога и ближните, го љубиме комфорот; наместо жртва за другите, чмаеме во сопствениот егоизам. Луѓето речиси и да не знаат за трпение, аскеза и борбеност. Затоа Христос нагласува: Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост (Матеј 17,21). Од молитвата и постот, кои подразбираат добри дела, смирение, благодарност, самодисциплина, готовност на служба на ближните – се раѓа длабоката, трајна вера, односно постојаната врска со Бога.
А верата, мили мои, е нешто најважно, суштествено. Доколку имаме вера, доверба во Господа и се предадеме на Неговата волја, тогаш сите нешта ќе дојдат на своето место. Затоа, кога Апостолите Го прашаа Христа зошто не можеле да го истераат злиот дух од момчето, Он, поучувајќи ги, им одговори: Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: „Премести се одовде таму!“ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно (Матеј 17:20). Се разбира, оваа поука не се однесува на физичките планини што ги гледаме во природата, туку на проблемите, искушенијата и притесненијата што ги имаме меѓу нас и во нас, а кои честопати ни изгледаат толку големи и непремостливи како високи планини. Меѓутоа, доколку навистина имаме вера поткрепена со пракса, тогаш тие грамадни непријатности, со помош на Божјата благодат за нас ќе станат малечки колку синапово зрно и ќе исчезнат. Доволно е само во потполност да се повериме на Господа и да имаме доверба во Неговите волја и промисла и Он ќе го направи Своето, ќе поправи сè. Како семоќен, сесилен, севидлив, сезнаен, Он може да направи буквално сè. И не само што може, туку и сака да направи сè, за да нè спаси. За тоа и дојде на Земјата, за да го исцели болното човештво. Па така, не плашете се да Му се доверите на Христа, зашто Он нема да ве извиси. Да верувам некому значи да му се доверам, да се предадам во неговите раце. А на кого друг да му се доверам, ако не на Христа, Кој дојде, пострада заради мене и воскресна, за да ме поземе и мене со Себе во Рајот?!
Да ја исползуваме пораката од денешното Евангелие, така што ќе се потрудиме околу верата наша. Да ја зајакнеме со молитва, со пост и со добри дела и така ќе станеме духовно цврсти, со непоколеблива доверба во Божјиот домострој. На тој начин ние ќе станеме сведоци за Бога и пред другите. Оти, лесно може да се заклучи дека денес голем број од оние што се именуваат себеси како Христијани немаат речиси никаква, или сосема мала, формална вера. За жал, забележуваме и такви Христијани кои го читаат Евангелието, но наместо да го живеат, тие го земаат како основа за да се расправаат помеѓу себе и да осудуваат. Сосема погрешно и заблудено. Наместо да го читаат со смирение и со копнеж по Бог на љубовта и така да бидат оживотвори и облагородени, тие се помрачуваат и си навлекуваат гнев врз себе.
Верата, значи, на поголемиот дел од нас, денешните Христијани, не е дејствителна поради тоа што ние не сакаме да се довериме на волјата Божја, туку се предаваме на желбите на своите срца. И тогаш кога говориме за Господ, треба да го правиме тоа од срце кое е преплавено од вера. Затоа, мили мои, да ги усвоиме зборовите што Господ Исус ни ги упати преку Апостолите и да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји (Евр. 12,1-2). Сите ние на некој начин сме Негови избрани, бидејќи сите сме крстени во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и како такви ние сме избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестиме совршенствата на Оној Кој нè повикал од темнина во Својата чудесна светлина (1. Петр. 2,9). Така значи, ние сме Негови пратеници, Негови апостоли во овој век и треба да бидеме светлина, според тоа што Он им го кажа на светите Апостоли, а со тоа и на сите нам: Вие сте светлината на светот (Матеј 5,14). Амин.