Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во манастирот во Рајчица, на празникот возобновување на храмот на светиот великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓургиц, на 3/16 ноември 2025 лето Господово
Ваше Високопреосвештенство,
драги монаси и монахињи,
возљубени браќа и сестри,
Со благодарност кон дародавецот Бог, Кој ни ја подари можноста и денес да се собереме во Негово име, го славиме споменот на светиот великомаченик Георгиј – вториот годишен празник на овој сепрославен Христов победоносец. Особено голема е нашата радост што денеска меѓу нас се наоѓа возљубениот во Христа брат и сослужител наш, Високопреосвештениот митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската Патријаршија, кој со својата беседа пред малку нè воздигна кон величието на сведоштвото на свети Георгиј.
Иако првично не намислував да говорам ништо на темата што следува, сепак, во оваа свештена атмосфера на благодарност, почувствував потреба да кажам неколку зборови за процесот на нашето примање во литургиско и канонско единство со целата православна Црква, преку првопрестолната Вселенска Патријаршија – мајка Црква на сите помесни Цркви надвор од древната пентархија.
Во Црквата Божја секое вистинско и големо дело не е остварување само на еден поединец, туку е плод на соборноста. Единството, како што нè учи Светото Писмо, е харизматичен дар од Светиот Дух, Кој „го соединува целото тело.“[1] Следствено, она што се случи со нашата помесна Црква, односно признавањето и прифаќањето во литургиско и канонско единство, не може да се припише ниту на една личност, ниту, пак, на една структура изолирано, туку е благословена последица на свештениот соборен ум на Црквата. Иако денес некои се обидуваат да си припишат заслуги само за себе лично, ние треба со избалансирана духовна свест и совест да признаеме дека овој процес беше израз на заедничкото сведоштво на сите наши архиереи, под премудрото раководство на нашиот Блаженејши Архиепископ г. г. Стефан, кој со смирение и трпение го понесе товарот на целокупната постапка. И можам да посведочам дека македонската историографија еден ден навистина ќе се гордее со тој умешно сработен и сеопфатен процес за признавање. Во црковните работи, мудроста понекогаш не се гледа во громогласни изјави, туку во смерноста и постојаноста во која се раѓаат најважните решенија.

Процесот на востановувањето на нашето канонско единство не се одвиваше одеднаш. Тој беше резултат на долготрајна молитвена зрелост и на црковно-дипломатска промисленост. Имено, уште пред пандемијата со коронавирусот, поконкретно во 2018 година, меѓу нашата помесна Црква и Вселенската Патријаршија започна поинтензивна соработка преку официјалните канали на комуникација. Беа испратени бројни писма – и од страна на Црквата, но и од страна на водечките државни институции, за да се покаже единството на народната волја – со јасно барање да се разгледа нашето историско прашање, втемелено и во каноните и во преданието на источната Црква. И сето тоа е документирано во обостраните архиви со точни датуми и потписи.
Во истиот период, Светиот Синод на МПЦ-ОА презеде дипломатска офанзива и со други помесни Цркви, со цел нашето црковно прашање, кое дотогаш од целата православна екумена беше сметано за внатрешно прашање на СПЦ, да се интернационализира, Во тој контекст, беше изнајдена канонска патека во која се вклучи и БПЦ, којашто покажаа подготвеност да го согледа проблемот објективно и да оформи комисија. Сето тоа помогна да се истакне фактот дека на просторот каде што постоела древната Охридска Архиепископија низ историјата се менувале повеќе канонски јурисдикции. На тој начин се отвори легален прозорец за апелациско прибегнување на нашата Црква кон највисоката административно-правна инстанца во православниот свет – Вселенската Патријаршија во Константинопол.
Значи, паралелно со тоа, и нашата Црква и државните органи, а особено Светиот Синод под умното раководство на Архиепископот, со трпение и мудрост ги усогласуваа чекорите што на крајот доведоа до клучниот момент: испраќањето на писмото до Вселенскиот Патријарх, со повикување на древното право на Еклитон (право на апелација), засновано врз 9 и 17 канон на Четвртиот вселенски собор, одржан во Халкидон 451 година. Откако писмото, потпишано од сите архиереи на Светиот Синод, беше испратено, Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, со својствената пастирска чувствителност и канонска прецизност, го презеде прашањето со јасно изразена грижа за православното единство во Телото Христово. Притоа, да се потсетиме на апостолските зборови: „Сè нека биде чесно и уредно.“[2] Токму такво беше и делувањето на Вселенската Патријаршија: канонски, уредно, без желба за мешање во туѓи работи, туку со должност која ѝ припаѓа според соборските канони и свештеното предание.
Во православната еклисиологија единството не се разбира како административна состојба, туку како евхаристиско заедништво, вдахновено од Светиот Дух. Затоа, несоодветно е тоа што денес некој се обидува да си припише ексклузивни заслуги или го нарушува синодалниот карактер на овој процес, создавајќи поинакви наративи. Како што телото има многу членови, но функцијата е една[3], така и во Црквата сечиј придонес има вредност само во рамките на заедништвото. Овој историски настан беше плод на дејноста на целата наша Црква: епископи, свештеници, па дури и на бројни мирјани кои помогнаа со својата општествена позиција, како сведоштво дека целиот народ чезнее по црковно единство.
Не е непознато дека претходно нашата Црква со децении беше изложена на тешки искушенија, сестрана изолација и неправди. Многумина од соседството нè нарекуваа расколници и схизматици, ја доведуваа во прашање дури и благодатта на нашите свети таинства, и спротивно на свештените канони, ги прогласуваа за неважечки светите таинства што ние ги извршувавме. На сето тоа нашиот одговор беше трпение, а не реванш; молитва, а не омраза; постојаност, а не предавање на очај. Така, нашата Црква ги исполни условите на вистинската еклисиолошка зрелост.
И откако веќе стана јасно дека Вселенската Патријаршија ќе го признае нашето канонско достоинство и историско наследство под името Охридска архиепископија, по долгогодишното пренебрегнување, во процесот се вклучи и СПЦ. Заради волја на вистината, не треба да заборавиме дека процесот на помирување со СПЦ се интензивираше по Богојавление 2022 година. Тоа се факти што не можат да се премолчат. И тоа не треба никого да вознемирува, затоа што сето се случи во свое време и по Божја икономија, „кога дојде исполнението на времето.“[4] Се разбира, тоа за нас останува важен момент, оти како што вели апостолот: „Колку што зависи од вас, живејте во мир со сите луѓе.“[5]
Некои денес велат дека Вселенската Патријаршија не смеела да се вмеша. Но истите што така говорат, самите некогаш побарале содејство од Вселенската Патријаршија во однос на нејзиното право на Еклитон и на привилегијата да доделува автокефалност. Ова не го кажувам за да осудам некого, туку за да потсетам дека Црквата не живее од моментални импулси, туку од историската вистина и од канонскиот поредок. Го кажувам ова со жал, затоа што секое омаловажување на Синодот е омаловажување на заедништвото. А токму тоа заедништво, таа соборност, беше нашата сила во изминатите години. И уште еднаш ќе нагласам: нашата црковна и општествена историографија ќе забележи дека процесот беше изведен мудро, трпеливо и со голема духовна зрелост. И дека, на крајот, токму оние што со години се однесуваа воздржано, дојдоа и побараа дијалог – не поради политички пресметки, туку затоа што мудриот Вселенски Патријарх, со своите татковски писма, контакти и упорно црквољубие, покажа дека времето на единството дошло.
И затоа ние никако не смееме, ниту духовно, ниту историски, да ја заборавиме големата улога на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Кога многумина не сакаа ни да разговараат со нас, тој нè прими, нè сослуша и нè прегрна. И не само тоа, туку на официјалната страница на Вселенската Патријаршија, пригодните посланија на Патријархот почнаа да излегуваат и на македонски јазик, како јасен знак дека нашиот национален идентитет не е препрека, туку богатство. Тој беше првиот кој со отворено срце го прими нашето барање, кој ги разгледа нашите аргументи, и кој канонски ја потврди нашата припадност кон едната, света, соборна и апостолска Црква.
Благодарноста, како што нè учат отците на Црквата, е добродетел што ја чува благодатта; неблагодарноста, напротив, е грев што ја изгонува.
Во православното предание, еклисиологијата е длабоко поврзана со догматиката. Во Символот на верата секојдневно исповедаме: „Верувам… во една, света, соборна и апостолска Црква.“ Ова не е формула, туку онтологија на нашето постоење во Христа. Затоа, секое нарушување на единството, без разлика дали доаѓа од архиереј, свештеник или мирјанин, не е административна грешка, туку рана врз самата природа на Црквата. Како што предупредува апостолот: „Ве молам, браќа, пазете се од оние, кои предизвикуваат раскол и соблазни.“[6]
Затоа денес, во присуство на нашиот драг брат и соборец, митрополитот г. Кирил, кој учествуваше и се застапуваше за нашето канонско прифаќање, ја повторуваме нашата свештена благодарност – не како човечка услуга, туку како црковен спомен на доброто дело. Благодарени на таа историска одлука на Вселенската Патријаршија од 9 мај 2022 година, нашите верници денес можат слободно да се причестуваат во сите православни светињи ширум светот, вклучително и на Света Гора. Тоа е плод на враќањето во канонското единство. Тоа е дар што треба со страв Божји и со благодарност да го чуваме.
Го молиме светиот великомаченик Георгиј и Самиот Господ на славата да го утврдуваат нашето црковно единство со Вселенската Патријаршија, со сите сестрински православни Цркви, и меѓу нас самите. Да растеме во љубов и мир, за да сведочиме дека Црквата е едно Тело Христово[7].
Ви благодарам на сите за вашето присуство денес. Голема радост почувствував кога видов колку народ се собрал овде на оваа слава, којашто не е главна слава на манастирот.
На крајот, како сведоштво за нашата духовна поврзаност и љубов кон Високопреосвештениот митрополит г. Кирил, му подаруваме реплика од престолната икона на Пресвета Богородица од манастирот Пречиста Кичевска – икона што тој особено ја почитува. Достоен!
Бог да ве благослови сите! Молитвите и застапништвата на свети Георгиј да бидат со сите вас!
[1] Ефес. 4, 16.
[2] 1 Кор. 14, 40.
[3] сп. 1 Кор. 12, 12.
[4] Гал. 4, 4.
[5] Рим. 12, 18.
[6] Рим. 16, 17.
[7] 1 Кор. 12, 27.











