Недела на слепородениот
Јас сум светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот
Јован 8,12
Во денешната, шеста недела на Света Пасха, наречена Недела на слепородениот, Светата Црква определила да се чита настанот за чудесното исцеление на слепиот од раѓање, опишан во Евангелието според Јован, каде што Господ Исус Христос му ги отворил очите, кој поверувал во Него и Му се поклонил. А, пак, фарисеите и јудејските водачи, духовно слепи, не сакале да поверуваат во Господа Христа и за да си го оправдаат своето неверие, го испитувале исцелениот, а и родителите негови. Сакале да докажат дека Христос е грешен човек штом не ја почитува саботата, но, сепак, очигледното чудо не можеле да го порекнат. Наместо да се израдуваат на Светлината што дошла во светот, тие Ја замразиле, оти нивните дела биле лоши. Затоа да светли нашата светлина преку нашите добри дела, за да бидеме синови на Светлината.
Колку е страшно некој да е телесно слеп, да не ја гледа сончевата светлина, но колку е пострашно некој да е духовно слеп, бидејќи телесно слепиот е свесен за своето слепило и се смирува, а духовно слепиот не само што не е свесен за своето слепило, туку сметајќи ги другите за слепи, ги осудува како виновни за својата состојба.
Свештената Бигорска Обител, литургиски и евхаристиски собрана во храмот на Чесниот Претеча, отслужи Света и Божествена Литургија тајноводена од возљубениот наш старец и игумен, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, кој по читањето на Светото Евангелие ни ги нахрани срцата со благодатно слово за Христа, разрушителот на лажните стереотипи:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, веќе сме во шестата недела од славното и светло Воскресение на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Црквата, со евангелските четива според Свети Јован Богослов, изминативе неделни денови ни покажа и нè потсети дека Христос е Бог Кој сака да заедничари, да се дружи и да зборува со човекот; дека е Некој Кој смирено пристапува кон сите нас, сакајќи да биде во дружба со нас.
Всушност, црковното предание и животот во Црквата ни докажуваат дека по Своето најголемо чудо и најславниот триумф – Воскресението од мртвите и победата над смртта, нашиот Бог не се изменил во односот кон луѓето, не станал вообразен, надмен, арогантен, одмаздлив Бог, Кој ги презира непријателите и грешниците. Напротив, Тој е уште повеќе со нас и меѓу нас. Тој сака да зборува и да општи со луѓето што се отфрлени поради гревовите и недостатоците, со оние што страдаат од какви-годе причини, со душите за кои овој свет многупати не се ни сеќава дека постојат. Како, на пример, со фатениот во бањата Витезда, кој, заборавен од сите, цели 38 години немоќно лежел таму. Христос дошол во бањата, во таа мешаница од секакви луѓе и карактери и разговарал со ова отфрлено и од повеќето луѓе заборавено човечко битие. И не само што разговарал, ами и наполно го исцелил. Во продолжение, од евангелскиот расказ гледаме како фарисеите и народните старешини, исполнети со завист, Го обвиниле Христа дека небаре ја нарушил саботата, а го наговарале и исцелениот да се откаже од својот Добротвор; се обидувале чудото што го направил Христос да го препишат на некој друг, само не Нему. Затоа што биле заглавени во некои свои стереотипи. Но, Господ Исус не се сообразувал со нивните јудејски, не во Светото Писмо втемелени, туку сосема човечки правила и измислици. Дошол како свежина во еден свет свенат под игото на бездушните правила што станале господари над човекот.
Сетете се, потоа, и на Евангелието за жената Самарјанка, којашто претходно имала пет мажи, а сега живеела и со шести. Била блудница. Христос отишол при изворот на Јаков и токму со таа презрена жена, со оваа блудница започнал пријателски разговор. Таа, кутрата, сама одела да полни вода, во време кога другите жени од селото не оделе на изворот. Зашто постоел обичај сите жени заедно и во исто време да одат и да полнат вода, но таа, презрена, исмевана, омразена, не смеела да оди со нив. И ете, доаѓа Христос, за и со неа да разговара, без да ја суди и навредува, рушејќи ги стереотипите што тогаш преовладувале.
Се доближува до секого, до секој човек, било праведен или грешен, угледен или презрен и остава секој да се допре до Него, како што му дозволил и на апостол Тома да ги допре раните Негови и да поверува. Колку ние и да грешиме, колку и да Го забораваме и да Го оставаме Него, колку и да Го повредуваме, како што, на пример, со своите гревови Го повредувала и жената Самарјанка, Христос ни пристапува со истата љубов со која ѝ пристапил нејзе, нè повикува, сака да разговара со нас, да нè спаси. Единствено Он во историјата се покажа како вистински рушител на лажните стереотипи и предрасуди, ослободител од духовното и ментално ропство, причинето од човечки измислици или од завист демонска.
Во времето во кое живееме се соочуваме, за жал, со најголемиот трагичен парадокс. Многу современи идеолошки движења денес го нарекуваат стереотип она што, напротив, е ослободување од стереотипите. За нив, на пример, стереотип е бракот и семејството, сочинето од еден маж и една жена и од нивниот пород. Стереотип се и вечните морални вредности, засновани на Христијаноството и на духовниот раст на луѓето; стереотип им се добрите навики кај поединците, стереотип им е, воопшто, сето она што се темели на Светото Писмо, на Евангелието, на Христовата наука, која нè направила народ просветлен и цивилизиран, свет народ, царско свештенство (1. Петр. 2,9). Со еден збор, за модерните деструктивни текови, за тоталитаризмот на либерализмот стереотип станаа доброто и човечноста. И каде се враќаме? Во мразнината на паганството, во мракот, во духовното слепило во кое живеел светот пред Христа и во кое живее светот без Христа.
Во апостолското четиво пред малку чувме што сè претрпеле Апостолите во градот Филипи, токму поради стереотипите на тогашниот свет. Некоја жена, гатачка, обземена од нечестив, зол дух, сакајќи да им се додвори на Апостолите, почнала да извикува пред сите дека се тоа Божји луѓе, слуги на Севишниот Бог (Дела 16,17). Тогаш Апостол Павле му запретил на духот и го истерал од жената, избавувајќи ја и неа и сите што ја слушале од демонското зло. Но наместо да добијат благодарност, Апостолите се соочиле со клевети пред управниците и пред народот: Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме (20-21). И им се нафрлиле, ги избиле со стапови и ги оковале в затвор. Апсурдно и трагично: овие дошле да им донесат ослободување и духовна слобода, а тие ги претепале и ги затвориле, зашто биле завладеани од паганското лажноверие, им се поклонувале на многуте лажни богови со слабости, па следствено, нивното живеење било во секоја смисла извитоперено. Нели во многу нешта и нашето совремие наликува на тоа време? Преподобниот Антониј Велики точно прорекол дека „доаѓа време кога луѓето ќе полудат и кога ќе видат некого што не е луд, ќе го нападнат, велејќи: ти си луд; ти не си како нас“. Се чини дека тоа време веќе дошло.
Господ Христос, значи, се воплотил и станал човек, образец за совршен Човек, за да ги разруши лажните човечки стереотипи. Напуштајќи го, пак, Неговото благородно учење, нашето модерно општество повторно се исполнува со многу такви клишеа. Горделиви сме и често забораваме на нашиот со-човек, кон кого сме должни да бидеме сочувствителни. Со сето што го направил во Својот живот на Земјата, а и денес преку секоја Света Литургија, Христос нè поучува и ни покажува дека доаѓа при секого од нас, ни подава рака, сака да ни зборува, да заедничари со нас, да ни ги отвори духовните очи. Зашто, ништо пострашно нема од тоа човек да е духовно слеп. Пред малку го чувме Евангелието за слепородениот, за чудото што Христос го направил, односно за човекот што бил роден слеп, кој наместо очи имал само празни отвори во главата, и кого Христос, откако направил кал и ги наполнил со неа отворите, го испратил да се измие во бањата Силоам, наново создавајќи му очи. Но, што ли не претрпел овој кој порано бил слеп, од духовните слепци, свештениците, фарисеите и народните старешини! Какви нè испитувања, наговарања, ласкања, лукавства, заплашувања, навреди! Што ли не се обидоа да направат, само за тој да се откаже од својот Добротвор, да Го предаде Христа! Ги викнале дури и неговите родители, за да дознаат дали навистина бил слепороден. И тие, од страв да не бидат отфрлени од заедницата, зашто, како што сведочи евангелистот Свети Јован, Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој што ќе Го признае за Христос – на некој начин го оставиле сам на себе, се дистанцирале од него: Знаеме дека е овој наш син и дека се роди слеп; но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе! (Јован 9,20-22) Гледате, кога човек се наоѓа во искушение може да биде предаден дури и од најблиските. Но, никогаш нема да биде предаден и од Господ, Кој е секогаш со нас. Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам (Иса. 49,15) – вели Господ преку пророкот Исаија. Тој сака да ни се покаже, да нè осветли со Својата преобразителна небеска светлина, која ќе нè просветли и спаси, ќе нè направи нови луѓе што ќе живеат според Божјите закони и ќе бидат Негови мисионери и проповедници, сведоци на светлината. Доволно е само да Го признаеме за Спасител и да Му се поклониме, предавајќи го нашиот живот во Негови раце. Како заврши денешното евангелско четиво? Со дијалогот на Христа со слепородениот: Исус чу дека го истерале, па го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“ Тој одговори и рече: „А Кој е, Господи, па да поверувам во Него?“ Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе – Он е!“ А тој рече: „Верувам, Господи!“ И Му се поклони (Јован 9,35-38).
Слично се случило и со жената блудница од Самарија. Потсетете се на разговорот на Христа со неа при Јакововиот источник: Жената Му рече: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сè ќе ни каже“. А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе“ (Јован 4,25-26). Чудесно! Тој ни се покажува, јасно ни се открива, ни вели: Јас сум, Кој зборува со тебе! Христос сака да разговара со секој човек од овој свет. За Него никој не е презрен. И оној кој е изнаранет од многубројни гревови и се наоѓа во краен мрак и темнина, доколку сака, ќе може да биде просветлен и духовно да прогледа. Потребно е само да го прифати разговорот со Христос, да застане на вистинска молитва. Зашто молитвата е разговор со Него. Ова свето Литургиско собрание денес е токму тоа: наш разговор со Бога, наше соединување со Него. Преку молитвата и Светата Причест ние Го примаме Христа и се соединуваме со Него, осветлени, просветлени и духовно прогледани.
Сепак, за жал, нам многу често ни се случува за време на молитвите и на Литургијата да мислиме на сè друго, освен на Христа. Нашиот ум, наместо со сите сили да се сосредоточи на разговор со добриот Христос Бог, распнатиот и воскреснатиот заради нас, често скита и се расејува на различни места и теми. А Господ и понатаму се смирува пред нас, само за да нè приведе на разговор со Него. Да Му се молиме со благодарност, за да ни ги држи отворени духовните очи, та да не би да се случи да западнеме во духовното слепило. Сведоци сме на општата појава човештвото да се враќа кон старата паганска темнина. Тоа слепило и таа темнина сè повеќе се шират и затоа ние Христијаните имаме должност, со нашиот живот, со нашето сведоштво за Христа, да ги шириме Неговите светлина, љубов и мир во целиот свет. Амин.