Недела на слепиот

Слушајќи за чудесниот настан од денешното евангелско четиво, во времето кога нашиот Господ Исус Христос телесно чекореше меѓу луѓето, човек се восхитува од силата и семоќта Божја, но и се запрепастува од тврдоста и слепилото во кое може да западне човек. Всушност, слепилото на телесниот вид што се среќава кај луѓето е само бледа сенка на духовното слепило, кое е неспоредливо потемно и поопасно и тоа при очигледните Божји чудеса. Но, нашиот Господ е светлината на светот и преку своето Слово ги просветлува душите на Своите вистински пријатели и ученици, во текот на целата историја, сѐ до денес. Он преку светата Литургија ни ги открива длабочините на овој век и на идниот. Во денешната Божествена мистагогија нè тајноводеше нашиот старец и игумен, Епископ г. Партениј, а го опкружуваа браќата служители од манастирот и протојерејот о. Златко Пуреовски од Брегалничката епархија. Нашиот Старец, толкувајќи ни ги длабочините на премудроста Божја, но и длабоката темнина на човечкото помрачение, преку својата беседа, нè осветли со духовна светлина:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, од денешното свето евангелско четиво чувме за големото чудо што Спасителот наш Господ Исус Христос го направи над слепородениот човек во Ерусалим (Јован 9,1-38). Овој човек немал очи од раѓање, се родил со тој голем хендикеп, па како таков бил забележлив меѓу жителите на градот, така што го познавале речиси сите од градот и околината. Тоа може да се заклучи и од дијалогот на апостолите со Христа, кога, по патот, здогледувајќи го слепиот, го прашале својот Учител: Рави, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп? На ова Он им одговорил: Ни тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него. И навистина, Христос се смилувал над него, со Сопствената плунка направил кал од земјата, ги намачкал очните вдлабнатини на кутриот човек и го пратил во бањата Силоам да се измие. Кога дотогаш слепиот човек го сторил тоа, со него се случило невидено чудо: калта се претворила во живи очи и тој за прв пат во животот прогледал. Интересен е фактот што Господ му ги сотворил очите од кал, иако можел тоа да го стори и само со еден Свој збор или помисла. Сепак, го избрал тој начин, за да покаже дека Он е Оној Кој на почетокот го сотворил човекот од земјен прав и му вдахнал дух животен; дека Он е Оној опишаниот во Книгата Битие, Кој го сотворил овој убав свет, и не само видливиот, туку и невидливиот.

Исцелението на слепородениот човек предизвикало голема фама во Ерусалим. Никогаш дотогаш се немало чуено некој да направи да прогледа човек слеп од раѓање. Многумина дури и се прашувале дали е тоа навистина слепородениот: соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и питаше?“ Едни велеа: „Тој е“, а други: „Личи на него“. Тој, пак, зборуваше: „Јас сум“. Убавината во овој настан се состои и во тоа што тој човек прогледал не само телесно, туку, пред сè, духовно. Го видел вистинското духовно Сонце – Христос Бог; во Него Го препознал Синот Божји и Му се поклонил. Ја видел физичката светлина на овој свет, но многу поважно – ја видел духовната светлина, Го видел Оној Кој денес на апостолите Свои им рече: Јас сум Светлина на светот.

Ваквото духовно прогледување е неспоредливо поважно отколку телесното. Оти, чувме што се случило потоа, откако насекаде се расчуло за исцелувањето на слепородниот. Тоа крајно ги вознемирило првосвештениците и старешините израилски и ги исполнило со уште поголема завист кон Христа. Кај овие духовно слепи водачи се создала паника дека Оној Кој го сторил тоа ќе им ја засени нивната слава, а можеби ќе им ја заземе и нивната позиција. Овие луѓе не биле неписмени; напротив, многу добро ги познавале светите писанија, знаеле дека ќе дојде Месијата, но бидејќи духовно слепи, со закоравени срца, тие имале некои свои, сосема погрешни перцепции и замисли за Спасителот, многу далеку од тоа каков навистина требало да биде Он. Имено, тие очекувале некаков си политички моќен водач кој ќе донесе спасение и слобода, но не во духовна, туку во световна смисла. Притоа, ова спасение ќе му биде дадено само на израилскиот народ, а се разбира, ним самите ќе им бидат доделени и посебни привилегии како на една праведничка и владејачка елита. Обземени од ваквото духовно слепило, тие, во духот на етноцентризмот, мислеле дека Бог ќе го ослободи само Израил и дека израилскиот народ ќе завладее над сите други. Ако треба да се изразам со современ речник, би ги нарекол еден вид тесногради националисти, кои не можеле да проѕрат во Божјиот домострој за спасението на сите народи, ниту да го насетат природниот стремеж во човекот за обединување на сите во едно братство – што е, всушност, принцип и мисија на новозаветната Црква Божја. Ги опфатил, значи, страв дека, ете, Оној Кого тие Го сметале за свој ривал и поради тоа Го мразеле, ќе им ја одземе славата и првите места во Храмот, бидејќи станувал сè повеќе славен и восфалуван од народот. Обземени од завист, тие веднаш поитале да го спречат таквиот можен исход, обвинувајќи Го Христа. Мислам дека во овој извадок од Светото Евангелие, во разговорот на фарисеите со исцелениот слеп човек, најочигледна е таа нивна страшна заслепеност и омраза што ја имале кон Христа. Јасно си ја покажале својата злоба: Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен! Го терале исцелениот да похули на својот Добротвор! Тој до пред само неколку минути пребивал во апсолутна темнина, а сега овие го принудуваат да се откаже од Оној Кој му подарил вид и светлина. Очигледно, тие биле подготвени дури и да Го убијат Христа од завист. Оти, зависта е многу страшна работа, таа е страст која убива. Нема ништо пострашно од таквото духовно слепило, кога човек ќе биде сосема завладеан од страста на љубомората, зависта и омразата. Впрочем и првото убиство на Земјата се случило од завист. Каин го убил брата си Авел поради завист, оти овој Му принел поблагопријатна жртва на Бога. Браќата го продале Јосифа во ропство, затоа што му завидувале, бидејќи татко им Јаков особено го љубел него како најмал. Постојат и многу други примери во Светото Писмо, но и во нашите лични животи, за тоа колку погубна страст е зависта. Бог да нè запази од таквото ужасно духовно слепило!

После гревопадот, од самиот почеток, па до ден денес луѓето се исти. Налик на оние во времето на Христа. Едни духовно прогледуваат, а други остануваат слепи и закоравени, убиваат секакво добро кај другите и на тој начин Го убиваат Бога во себе. Со тоа се убиваат и себеси и ближните свои. И честопати зависта ја маскираат со некаква си правда. За жал, денес ни Христијаните не се имуни на ваквата појава. За луѓето во Црквата, пак, таа е особено опасна. И во свештенството и меѓу верниците има такви кои од една страна го читаат Евангелието, а од друга го судат и духовно го убиваат ближниот. И тоа во име на што? Во име на правила, канони и сл. Исто како што во денешното Евангелие фарисеите Го обвиниле Христа дека со тоа што направил кал во сабота за да го исцели човекот, Он го прекршил Мојсеевиот закон кој забранувал да се работи во сабота. А што направил Христос во сабота? Едно дело на љубовта. Духовно слепите Му нашле замерка за тоа што извршил дело на љубовта во сабота. Замислете, Он му ги исцелил очите на човек кој цел свој живот ни еднаш не го имал видено Сонцето, не знаел како изгледаат неговите најблиски и сè друго во светот, а овие се расфрлале по Него со каноните од Мојсеевиот закон! Мислам дека сите ја забележувате оваа појава и во нашево време. И денес има свештеници и верници што го прават тоа. Доволно е само да погледнете низ социјалните мрежи. Луѓе се фалат дека се Христијани, а само пишуваат ли пишуваат, судат сè и секого во името на некакви правила и канони. Сè знаат, толкуваат канони, расчинуваат владици, свештеници, монаси и тоа со еден таков суров е непристоен речник. Па дури и цитираат канони и пресудуваат дека владиците биле еретици, свештениците неподобни, тие што живеат в манастир се недостојни и сл. Ги осудуваат оние што оставиле сè и пошле в манастир да Му служат на Христа, особено сега кога на луѓето повеќе од сè им е потребна проповедта за Христа, за Неговата милост и љубов, и кога светот е преплавен од неопаганизам. На луѓето им треба разбирање, широчина, прошка, сочувствителност, љубов – им треба Христос. Всушност, Христовата милост им треба на сите оние кои на некој начин страдаат во себе, се бунтуваат, паѓаат во разни гревови, мислејќи дека таму ќе најдат нешто вистинско. А ние што сме во Црквата што правиме? Ги судиме. Иако и самите не живеат согласно заповедите, некои не се срамат да ги осудуваат другите, не сакајќи да им остават добар пример со своите животи. Влегуваат во Црквата и ја затвораат вратата за другите. Оти, оние што не се во Црквата, гледајќи што се случува, ќе си речат: „Ако тие кои одат в Црква не се менуваат на подобро, туку стануваат уште полоши и посурови, тогаш што бараме и ние таму?“ Нема пострашна состојба од тоа да си во Црквата, да си при Христа, при изворот на сè што е убаво и возвишено, а да останеш духовно слеп. Наместо да станеш подобар човек, ти да ги храниш своите страсти; наместо, како крстен Христијанин, да се облечеш во Христа и да живееш со Него и во Него, ти да дејствуваш според стариот човек, па дури и полошо.

Мили мои, наше е да бидеме прави Христијани, вистински верници. А ќе бидеме такви доколку Го возљубиме Господа со целото свое битие и ближниот како себеси. На овие две заповеди, кои биле запишани и во Стариот Завет, Христос го темели целиот Закон. Заповедите за љубовта, значи, Господ ги става над Законот и пророците. Оти, оној кој љуби не греши. Вистинската љубов, Божествената, која од Бога доаѓа, оди во жртва за другите до крај. Некои од оние кои судат забележуваат и им пречи тоа што има духовници коишто зборуваат за љубов. А за што друго да зборуваат, кога Бог е љубов?!

Еве, денес го славиме и Свети Јован Богослов, наречен уште и Апостолот на љубовта. Го слушнавме и Евангелието што се чита на неговиот спомен, за тоа како тој остана со Христа и во најтешките мигови, таму на Голгота под Крстот, заедно со Мајката Господова и со жените мироносици. Единствен од апостолите кој остана со Христа во тие најстрашни моменти. Тој во Евангелието што го напиша за себе вели: ученикот кого (Исус) посебно го љубеше (Јован 19,26). Зарем Господ не ги љубеше сите? Се разбира дека ги љубеше, Он сите подеднакво нè љуби. Меѓутоа, Свети Јован Богослов беше оној кој особено Го љубеше Господа, кој со најголема мера ѝ возврати на љубовта Господова. Но не вели за себе дека тој Го љубеше Господа, туку дека Господ него го љубеше, од смирение. Токму љубовта кон Бога го направи Свети Јован Богослов возљубениот ученик Христов и направи тој да биде наречен првиот богослов, затоа што на Тајната Вечера, тој од љубов легна на градите Господови и оттаму го црпеше богословието. И неговото Евангелие е напишано со највозвишен стил, полно со Божествени тајни откриени од Светиот Дух. А тој беше и првиот што по Воскресението истрча до празниот гроб на Учителот. Па така, мили мои, да го молиме овој голем Апостол, кој преку љубовта кон Бога стана најголем богослов, да нè научи што повеќе да Го љубиме Христа за да станеме Негови вистински следбеници. Само тогаш ќе можеме и самите да бидеме светлина, како што Он е светлина и како што ни заповеда на сите нас. Ајде да бидеме светлина и таа светлина да ја видат сите луѓе на кои им е особено потребна. Амин.

Христос воскресе!