Кој е мојот ближен?

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија во Неделата на Милостивиот Самарјанин, на 27 ноември 2022 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Со Божја помош, мили мои, утре започнуваме со благословениот подвиг на Божикниот пост, со таа наша подготовка за светлиот празник на Рождеството Христово. Денешното Свето Евангелие, пак, совршено се вклопува во почетокот на постот, бидејќи ни говори за нешто суштествено, без кое не може да има совршен пост: милосрдието, или практичната примена на Божјите заповеди.  

Ја слушнавме, имено, прекрасната парабола што нашиот Господ Исус Христос му ја кажал на еден законик, односно на еден одличен познавач и учител по Светото Писмо на Стариот Завет, народен старешина. Апостолот и Евангелист Лука ни соопштува еден интересен детаљ – тоа дека законикот, најверојатно во заговор со други законици, фарисеи и старешини, не сакал, всушност, да научи нешто од Господа, туку да Го искуша, за потоа да Го обвини и исмее пред народот. И ете, стана еден законик и, искушувајќи Го, рече: „Учителе, што треба да направам, за да наследам живот вечен?“[1] Несомнено, едно многу убаво прашање, прашање на место, прашање што сите ние треба често да си го поставуваме. И нормално, на Господа како сезналец, Му било јасно дека овој не е искрен во своето прашање, па знаејќи дека е законик и поучувач и толкувач на Законот, го прашал: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“  Тој одговорил, цитирајќи ги двете најголеми заповеди, за љубовта кон Бога и кон ближниот: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себе си!“ А Господ му возвратил: „Добро одговори; тоа прави го и ќе живееш“[2]. Бездруго, за да се соединиме со Бога, Кој е животот вечен, неопходно е најнапред да Го возљубиме Него со сето свое битие, а потем и нашиот ближен како себеси, творејќи милост и добрина на секој наш со-човек. На тој начин, чествувајќи Го Бога на олтарот во Неговите свети храмови, но и служејќи Му на олтарот во срцето на нашиот ближен, ние втасуваме до полното соединување со Бога, до обожението.

Законикот, меѓутоа, сакајќи да се оправда и да Го изложи Исуса пред слушателите, меѓу кои имало и многумина што не биле баш добро расположени кон Него, се обидел да Му постави замка, прашувајќи го: „А кој е мој ближен?“[3] „Кој е мојот ближен? Кому треба да му чинам добрини? Кого треба да го сакам како себеси? Нели тој треба да биде мој роднина, мој сонародник, Евреин? Оти, ние Евреите сме избраниот Божји народ, ние сме децата Божји. Сите други се отпадници, грешници, нечисти, унижен род, втора класа“. Токму вака сметале Евреите во тоа време и тука лежела замката што Му ја поставил законикот на Христа. Доколку Он одговорел дека секој човек е наш ближен, сигурно сите ќе Го обвинеле дека не е достоен Евреин, дека е предавник кој не си го сака и не се грижи за својот народ, не ги почитува интересите на својот етнос, а со тоа и на Бога, и затоа заслужува да биде одлачен, па дури и каменуван.

Не ве потсетува ли ова на многу денешни „патриоти“, кои ја обоготворуваат нацијата и ѝ се клањаат како на врховен идол и се расфрлаат со омраза, клевети и навреди низ социјалните мрежи против секого што не согласува со нивното плитко и неодржливо мислење? Гледаме, за жал, дека има многумина и во Црквата кои пред сè и над сè ја положуваат нацијата, па дури и над Господа. Тоа е страшна грешка, којашто причинува огромни искушенија и удари во Црквата. Затоа, уште во 1872 година, на Светиот и Велик Собор во Цариград, Отците го осудиле етнофилетизмот, односно национализмот во Црквата како ерес. Следствено, какво-годе национализирање на Црквата е сосема погрешно и богохулно. Црквата е една, света, соборна и апостолска. Нејзиниот карактер е универзален, бидејќи сите се деца Господови и сите се повикани кон спасение. А тоа што едната Црква е административно поделена на помесни црковни јерархии, тоа е направено од пастирски причини, со цел полесна одржливост и функционирање. Затоа каноните предвидуваат секоја засебна државна формација да има посебна црковна јерархија, но во никој случај таа да не се сообразува со нечии национални или какви-годе земски интереси, бидејќи таа е Црква на сите православни во дадената држава, а не само на одреден народ или група. Ниеден народ нема ексклузивитет во Господа. Православието е универзално, за сите, без разлика во која држава живеат и на која нација припаѓаат.

Меѓу друго, Господ и заради овие причини му ја кажал на законикот приказната за добриот Самарјанин, којашто иако е инспирирана од тогашното секојдневие и навидум е доста едноставна, сепак е полна со длабока смисла, со теологија. Му ја кажал за накрај самиот тој да заклучи кој е неговиот ближен. Во тоа време, како што знаеме од библиската историја, Самарјаните биле народ презиран од Евреите. Веројатно сите ја знаете оваа приказна од Евангелието: некој човек патувал од Ерусалим кон Ерихон, но по пат го нападнале разбојници, го претепале, го искрале и го оставиле полумртов покрај патот. По истиот пат минувал некој свештеник, го здогледал човекот во тешка состојба, но го одминал без да му помогне. Исто така и некој левит. И левитите биле служители во старозаветниот храм. Значи овие двајца не сакале да имаат ништо со човекот во неволја. Потем, по патот поминувал еден претставник од тој презрен народ, Самарјанинот. Тој погледнал на полумртвиот човек, се сожалил над него, слегол од животното врз кое патувал, му ги преврзал раните на неволникот, полевајќи ги со вино и елеј, па го однел со својот добиток во гостилница, каде што уредил и платил два денарија за да се грижат за него, со тоа што дури и ако потроши нешто повеќе, овој, т.е. Самарјанинот, ќе му доплати на гостилничарот следниот пат. Притоа, тој се договорил со гостилничарот насамо, а не пред изранетиот човек, како не би го посрамил и не би направил овој да се почувствува неугодно.

Во лицето на овој добар Самарјанин, мили мои, Го гледаме Спасителот Христос, Кој дојде да го спаси и да го исцели полумртвото човештво, коешто беше тргнало од светоста кон гревот, од Ерусалим кон Ерихон. Тој пат е, всушност, историското патување на човекот од Адама до Христа. Колку ли бедна била состојбата на човечкиот род пред доаѓањето на Спасителот во овој свет! Народите потполно застранети, збунети, со скаменети срца, устрашени, безнадежни. Евреите, пак, како избран народ – возгордеани и вообразени дека се единствени праведници, дека се единствените мили на Бога, а во суштина и тие празни, формалисти, сурови, слепи поклоници на буквата и на Законот, а не и на неговата суштина. Сите народи, значи, од духовен поглед биле во една бедна, полумртва состојба. И ете, по истиот пат слегува и Спасителот, нашиот добар Самарјанин, нашиот Добротвор, за да ги исцели раните на човештвото со Своите љубов и милост. Токму тоа го означуваат виното и елејот со кои Самарјанинот ги преврзал раните на човекот. Гостилницата, пак, ја преставува Црквата Божја. Сите ние од нашиот Створител сме одведени овде, во Божествената гостилница, во Црквата Негова, каде што за нашето исцелување е платено со Неговата Божествена и спасителна крв. Овде секогаш се излева Неговата благодат и милост. Овде Он ни се дава Себеси за вечен живот и ги разбира нашите слабости. Ги знае и ги лекува сите наши болки, сите рани, сите трауми, сите скрби и притесненија – на секого од нас, бидејќи нема човек без трауми и без болка во себеси. Милостивиот Христос дојде, стана човек, во сè еднаков со нас, за да ни докаже дека нè разбера во сè. Он најдобро знае што е страдание, бидејќи најмногу пострада се секој еден од нас. Како што говори Светиот Апостол Павле: Јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци; затоа Тој мораше во сè да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот. Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне[4].

При крајот од денешното Евангелие, Христос го праша законикот: „Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?“ Овој, се разбира, Му одговори: „Оној што му искажа милосрдие“[5]. Гледате, Господ со Својата премудрост го доведе до тоа, тој самиот да заклучи дека секој човек што прави добро е наш ближен. Значи, не смееме да презреме ниедно дете Божјо на овој свет, без разлика на неговата националност и која била друга припадност според која ние ги разликуваме луѓето. Не треба да правиме никаква сегрегација и дискриминација, туку сите да ги сакаме, бидејќи секој човек во очите на Бога е Негово чедо и со тоа наш брат или сестра.

На крајот Господ му рече на законикот: „Оди и ти прави така!“ Сите сме повикани од Бога да правиме добро, да искажуваме милосрдие. Како би го сториле тоа? Со оглед на тоа што Христос прв секојдневно ни твори добрини и милост, ја излева Својата безмерна благодат врз нас, тогаш ако сум со Него, пред сè ќе бидам благодарен и ќе се трудам и јас да постапувам како Него. Он на друго место во Евангелието вели: Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас[6]. Бог направи сè што е потребно за нашето спасение. Во Црквата има лек за сите. Ние треба само да ги отвориме срцата, да се трудиме да правиме повеќе милост и добрини, за го живееме и ние исцелението и да го примаме лекот делотворно. Оди и ти прави така, биди Христијанин на дело, во пракса, а не само по знаење и по форма. Еве, сега ни настапува едно благопријатно време за искажување милосрдие. Божикниот пост. Ќе одиме в црква, ќе се молиме, ќе се поучуваме и сето тоа е многу добро, затоа што Црквата, која е насекаде и по целата вселена, е гостилницата на нашето спасение. Но, мораме да се трудиме да правиме и повеќе добри дела во секојдневието, за да бидеме дејствителни Христијани. Само преку дела можеме да Го примиме и да Го сместиме Христа во нашето срце. Полни со благодарност кон Него, Кој нè оживотворува, стануваме Негови реални следбеници. Он го оживотвори прататкото Адам и во негово лице – сето човештво умртвено од гревот. Он е новиот Адам, Кој спасува, оживотворува, Кој прави сè, за ние да наследиме живот вечен. Да не забораваме дека целта е токму тоа: да се здобиеме со вечниот живот во Христа Исуса. Да живееме со Него во вечната радост, да светлиме со Него на трпезата во Царството Божјо. Таму нема да се храниме со минливи наслади, туку со неизмерните и неизречиви Божествени добра.

Да ни даде Бог сили, та да станеме делателни Христијани. Да се помолиме да ни дарува на сите просветление, добрина и радост, та да можеме најнапред овој пост, а потоа и празникот на Рождеството Христово да го поминеме во мир, едномислие и духовно веселие.

Амин.


[1] Лука 10,25.

[2] Лука 10,26-28.

[3] Лука 10,29.

[4]  Евр. 2,16-18.

[5] Лука 10,36-37.

[6] Јован 13,14-15.