Само кога љубовта ќе се соедини со слободата, има духовно исцеление

Денес Христос нѐ исправа пред огледало за да можеме да ја видиме сопствената слабост и да ја следиме својата состојба.

Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив (Лука 6,31). Со други зборови, правете го тоа што би сакале да ви го прават другите. Ваквиот однос, всушност, е првиот решителен чекор што треба да го направиме ако сакаме да напредуваме во христијанскиот живот. Таквиот став не е само правило за добро однесување или некаква формалност; тоа не е само рамка која гарантира дека меѓуличносните односи ќе ни бидат изградени врз основа на реципрочност и справедливост. Реципрочноста на златното правило (постапувај така како што сакаш да постапуваат со тебе) јасно ја предвидува справедливоста, но не се ограничува само и единствено на неа. Тука се јавува прашањето: Како во овие Христови зборови, Заповедта за љубовта, којашто се простира до точката да ги љубиш и своите непријатели, може да постои заедно со справедливоста?

Взаемното дејство помеѓу љубовта и справедливоста не го надминува судирот помеѓу нив. Без справедливост човечките односи стануваат сурови и бесчувствителни. Без љубов тие стануваат задушувачки и брутални. Љубовта не ја отстранува справедливоста, ниту ја заменува, туку ја држи на правилниот пат и ѝ ја покажува насоката што таа треба да ја следи. Тоа е онаа постојана сила вкоренета во Бога. Така што, кога бараме добрина, разбирање и љубов од другите, тоа значи дека ги гледаме во длабочината на нивното сопствено суштествување. Токму тука е очигледно дека секој од нас е жив образ на Бога и дека колку и да сме извалкани и осакатени, ние сѐ уште ја имаме највисоката цена. На тој начин, природно и нежно почнуваме да љубиме.

Љубовта кон непријателите

За нас, верните, љубовта е исполнување на законот, квинтесенција на христијанската вера и живот, срцевина на христијанското откровение. Љубовта е плод на Светиот Дух, таа е ризница и скривница на нашата вера. Љубовта е насочена кон и ги опфаќа сите луѓе без исклучок. Кога ги љубиме само оние што не љубат, кога правиме добро само на оние што ни прават добро; кога им помагаме само на оние кои нам ни помагаат, тогаш нашата љубов е лажна, измамничка и егоистична. Таа е предмет на секојдневната игра во која даваме и земаме – ако ти го почешам грбот, ти почешај го мојот, и взаемните односи коишто се создаваат во овој контекст, се засноваат на мрежа од взаемни услуги. Но, таквото однесување е за осуда од гледна точка на Христовите зборови, бидејќи е мотивирано од користољубието.

Други луѓе пак, се, или стануваат наши непријатели: ние ги отфрламе, ги гледаме од високо, ги избегнуваме и понекогаш се вртиме против нив и се судираме со нив со неверојатна јарост. Сепак, оние кои стојат пред нас, не се нашиот ад, тие се нашиот рај. Тие се претвораат во наш ад, тогаш кога ние нема да станеме нивен рај.

Ако егоизмот е разорување на образот Божји во нас, тогаш свртувањето кон другите луѓе е она што го уништува егоизмот и ни ја враќа здравата духовна состојба пред Бога. Колку полоши и попрезрени ни изгледаат другите, толку повеќе нашето отворање на срцето кон нив, ни ја лекува сопствената болест.

Еден мудар митрополит пишува: „Ниедна форма на љубов не е послободна и ниедна слобода не е току блиска до љубовта отколку онаа што ја имаме кон непријателите (…). Љубовта која не очекува никаква отплата (…) е вистинска благодат, таа е слободата (…). Само кога љубовта ќе се соедини со слободата, има исцеление“.

Драги мои браќа и сестри, Св. Јован Златоуст го коментира ова евангелско четиво со зборовите: „Оти Он не кажа: „не мразете“, туку „љубете““. Понатаму, тој вели дека треба да бидеме внимателни во својот напредок кон повозвишени нешта. Кога се однесуваат лошо со нас, не треба да им враќаме. Ниту треба да ги мразиме луѓето кои не повредиле; наместо тоа треба да ги љубиме. И уште повеќе: треба да им правиме добрини и да се молиме на Бога за нив. До таа духовна состојба треба да се вложи многу труд и голема борба, но совеста нема да ни дозволи да одмориме, додека не ја искусиме љубовта како дар и чудо од Бога.