Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Божествената Литургија на празникот Благовештение на Пресвета Богородица, во Манастирот Пречиста Кичевска, на 25 март/7 април 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
И покрај сите искушенија и маки што нè опкружуваат, покрај сето зло што притаено или бурно се провлекува низ светот, покрај сите наши внатрешни таги и жалости, денес Црквата, како што тоа го прави веќе дваесет векови, ни возвестува радосно слово, ни говори за радост. Притоа, таа не говори само со зборови; таа пее, таа дише, таа воскликнува: блага вест, радосна вест, евангелие, благовестие!
А која е таа вест што толку го трогнува срцето на човекот, што ја раздвижува и самата твар?
Тоа е веста дека Бог станува човек.
Тоа е веста дека Создателот не останува во Својата небесна недостижност, туку снисходи кон човекот – кон тебе, кон мене, кон секого од нас лично и поединечно. Не како судија, не како далечен набљудувач, туку како Татко, како брат, како пријател, како сострадател, Кој се грижи, Кој љуби, Кој доаѓа за да биде еден од нас. Тоа е тајната на денешниот празник – откривање на предвечниот Совет на Светата Троица, на Божјиот Домострој за спасението на светот.
Воплотувањето на Синот и Словото Божјо не е одговор и резултат на човековиот пад; не е реакција, туку љубов. Љубов која предвечно одекнува во безграничното Божество, љубов која не можеше да остане затворена, туку се разлеа во времето и просторот, за да го прегрне човекот. Христос не дојде затоа што човекот падна, туку затоа што Бог го возљуби човекот уште пред тој да биде создаден. Токму затоа, Неговото вочовечување, Неговото прегрнување на нашата природа, е повик: да бидеме воздигнати. Не да останеме во прашината на земјата, туку да бидеме совознесени со Него, до самиот престол на Троичниот Бог.
Светот во кој живееме, со своите замки, болки, меланхолија и смрт, не е светот што Бог го замислил. Смртта не е Божја творба. Таа е плод на човечкиот избор, на оној миг во Едем кога човекот посака да стане бог без Бога, избра живот без заедница. Тоа беше избор на отуѓеност. И таму при тој избор – влезе смртта. Но по Христа, дверите се одново отворени. Патот кон обожението, кон животот во Бога, сега е откриен. Поврзаноста и сродноста помеѓу човекот и Бог не е идеја, не е некоја мисловна шема или апстрактна философија, туку жив, реален живот. Тоа е живот на причестување, на заедничарење, живот во заедница – најнапред, во Светата и Божествена Литургија. И затоа Господ Исус Христос стана новото Дрво на Животот. Кога од него вкусува, човекот не умира. Оти Телото и Крвта Негови ни се залог за животот што не завршува, за животот што продолжува во вечноста, во тишината на Царството, во светлината што не заоѓа.
Бог, според Својата неискажлива премудрост, избра да влезе во времето и во човечката историја, да стане како еден од нас, преку Пресветата Владичица Богородица, преку смирената Девојка од Назарет, која е најчистото суштество што човештвото воопшто го познавало. Девица, зачната и израсната во молитва, Девојка која не знаеше за слава, туку живееше во длабочината на послушноста и на молитвеното тихување. Бог ја сочува Неа за Себе, ја подготви предвечно, а Таа пак, прифати со својата слободна волја и Му се предаде Нему за великото дело на сеспасението. Зашто Бог никогаш не го присилува човекот. Тој е Семоќен, но во едно е немоќен, како што велат Светите Отци: Бог не може да го спаси човекот кој сам не сака да биде спасен. Он стои и чука. Чека. Љубовта не присилува. И секој наш одговор на таа љубов мора да биде доброволен, од слободната, богомдарувана волја. И токму во таа слобода, Пресветата Дева Го прими Бога во срцето и во утробата, во името на целото човештво. Таа стана тајната врата низ која Бог помина, за да влезе во светот. Тоа што изгледаше невозможно, Таа го прифати со своето кротко и свето „да“. Архангелот Гавриил, со трепет и во недоумица пред големото таинство, стои покрај Неа и ѝ вели: „Радувај се, Благодатна! Господ е со тебе!“ Како да ѝ кажува дека она што за луѓето е незамисливо и за ангелските сили недостижно – можно е за Бога. Оти тајната што требаше да ја објави беше повисока од разумот и од природата и повишна од ангелските умови. И Таа, смирената, вели: „Нека ми биде според зборовите твои“ – и со тие зборови небото се отвори и Божјото Слово влезе во историјата.
Светиот Дух ја осени Богоизбраната. Телото на Синот Божји невидливо се истка во нејзината непорочна утроба – не со посредство на маж, туку со дејство на Светата Троица. И Христос, совршениот Бог, стана и совршен човек, со крв и со плот, со чувства и со душа; неслиено се соедини со човечкото, неразделно и несмешано, како што исповедаме во догмите на верата. И така, преку Богородица Он нè спаси и нè спасува. Христос не е далечен Бог. Он е близу, повеќе од воздухот што го дишеме. И Неговата Мајка е и наша Мајка. Таа нè разбира, нè покрива, нè прегрнува со мајчинско чувство и ги собира сите наши воздишки и солзи и ги положува пред лицето на Синот свој.
Така што, возљубени, нам, како на Христијани, ни прилега секогаш да се радуваме. И во сите маки, во сите притесненија, во сите жалости и лишувања, да не ја губиме таа таинствена, тивка, длабока радост. Да можеме едни на други постојано да си велиме: „Радувајте се!“ Не затоа што сè е лесно. Не затоа што немаме болки. Не затоа што не познаваме страдање. Туку затоа што Господ е со нас. Затоа што постои живот вечен. Затоа што Христос ја победи смртта. Таа веќе нема власт над оние кои се во Христа. Таа привидно постои, но како што знаеме ние во Црквата, смртта не е крајот, туку премин кон светлината на Лицето Божјо. Затоа се молиме на Светителите – затоа што тие се живи. Се молиме за и на нашите упокоени – затоа што и тие се во Христа. Сите оние кои се во Него, се во местото на вечно живите. Бог, вели Христос, не е Бог на мртвите, туку на живите. Ова не е само празна поетика – ова е вистина, ова е живот, ова е сила.
И затоа најдревниот поздрав меѓу Христијаните бил: „Радувајте се!“ Да се радуваме, за што? Како би можеле да се радуваме ако не постои Воскресение? Која радост може да биде вистинска, ако сè овде на земјата завршува со гробот? Но, ете, Христос воскресна од мртвите, и со тоа стана првина за упокоените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек. И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани (1. Кор. 15,20-22). Он воскресна и ни дарува вечност. Затоа и телото човечко, кое Он го создаде со толкава љубов и кое го зеде на Себе, ќе воскресне. Телото не е отфрлено. Телото на секого од нас ќе биде пресоздадено и преобразено и ќе стане храм на вечната Божја светлина.
Следствено, возљубени мои, ние имаме голема одговорност. Да живееме достоинствено, како луѓе на Воскресението. Да ја носиме радоста на Евангелието, не со зборови, туку со животот наш. Да станеме едно живо Евангелие. И во сето тоа ќе ни помага Пресветата Богородица, Мајката наша, Која како најчист крин процвета во пустината на овој свет и стана живеалиште на Несместливиот. Таа да нè покрие со Својот омофор, да ни ја дарува ревноста, чистотата, и пламената љубов кон Синот Свој, за и ние да станеме храмови на Бога Живиот. Зашто највозљубеното суштество за Бога е човекот; Он сака во него да обитава. И таа тајна да ја чуваме со трепет и со најголема побожност.
По Нејзините молитви и по милоста Христова. Амин.
На крајот, ве молам, дозволете ми со особена чест и љубов да ви ги пренесам поздравите, молитвите и благопожелбите на нашиот возљубен и почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, г. г. Стефан, кој со пастирска грижа и архиерејска љубов, ми ја довери благословената должност да Ви ја пренесам неговата татковска прегратка, неговиот архипастирски благослов и неговата љубов во Христа за сите вас – за ова свето собрание, за браќата свештенослужители, за монасите и монахињите, и за сиот верен народ Божји. За многу години!