Светоста – нашата цел

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, за празникот Воведение на Пресвета Богородица, изговорено на Светата Литургија, на сеноќното бдение во Манастирот Пречиста Кичевска, на 4 декември 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Вископреподобен отче свети Антипа,

Високопреподбни отци архимандрити,

Високопреподбни мајки старешинки,

Преподобни браќа монаси и сестри монахињи, сечесни отци, возљубени браќа и сестри верници,

Со љубов и благодарност го славиме сечесниот празник Воведение на Пресвета Богородица во Храмот Господов. Во Светињата на Светињите. Како што знаеме од библиската историја, во времето на Стариот Завет, на земјата суштествувал само еден Храм на правиот Бог Творец и Создател. Тој Храм, по непосредно повеление Божјо, го градел богоизбраниот јудејски народ, кој бил избран од Бога затоа што бил единствен кој ја запазил вистинската вера во единиот вистински Бог. Пред малку, пак, чувме од Апостолот за тоа каков бил распоредот на тој Храм и дека најсветото место во него било нарекувано Свјатаја Свјатих, односно Светиња на Светињите, каде што се чувале најсветите предмети од свештената историја на старозаветниот Израил, поврзани со неговото спасение, со спасението на целото човештво, со чудесните дела Божји. Таму, значи, се чувале: Ковчегот на Заветот, во кој биле положени Таблиците со Десетте Божји заповеди што Бог му ги врачил на Мојсеј, расцветаниот жезол на братот Мојсеев, првосвештеникот Арон и сад со манна – храната со која Бог чудесно ги хранел Јудеите додека четириесет години талкале во пустината.

Во тоа најсвето место на Светињите Господови не смеел да влегува никој, освен првосвештеникот на Храмот, и тоа само еднаш годишно, во определеното време, за да принесе крвна жртва за сопствените и за гревовите на сиот народ. Денес, пак, со своите духовни очи гледаме дека Пречистата Дева Марија, како мало, тригодишно девојче, на чудесен начин влегува во Свјатаја Свјатих, воведувана од првосвештеникот Захарија, таткото на Свети Јован Претеча. Се случува навистина Божествено откровение: Божјиот свештенослужител го прави она што е незамисливо и ниту еден од другите служители на Храмот не се спротивставува на тоа. На сите им станува јасно дека на некој таинствен начин Самиот Бог покажува Која ќе биде Таа преку Која ќе биде осветен целиот свет.

Овој празник ни покажува, всушност, која е целта на човековиот живот: осветувањето. Човекот е создаден да општи и да се соединува со Бога и на тој начин да се осветува. Тоа го осознаваме уште од првите страници на Светото Писмо, каде што се вели дека Бог Творецот го сотвори човекот според Свои образ и подобие и го смести во Едемската градина, каде што постојано заедничареше со него. Првиот човек, значи, се осветувал од својот Создател, гледајќи ја неискажливата красота на Неговото лице и хранејќи се од Неговото животворно слово. Меѓутоа, ова блаженство завршило кога првосоздадените безобѕирно ја прекршиле Божјата заповед за послушание и воздржание и стрмоглаво впаднале во бездната на гревот. И како последица од гревот дојде смртта, како што говори и Божествениот Павле: Платата што ја дава гревот е смрт, а подарокот што го дава Бог преку вера во нашиот Господ Исус Христос е вечен живот (Рим. 6,23). Но исто така, последица од гревопадот е и губењето на свеста кај човекот за тоа дека неговата цел во животот, пред сѐ, е општењето со Бога и осветувањето во Него. И затоа велиме дека доколку човек Го постави Бога и заедницата со Бога над сѐ, тогаш тој дава соодветен одговор на своето првобитно назначение – да биде свет, да стане подобие Божјо.

Мили мои, со Пресветата Владичица наша Богородица човекот повторно ја стекна свеста за светоста. Онаа Која влезе во Светињата на Светињите самата постана врховна Светиња, Храм Божествен, во кого Синот и Словото Божјо целосно се всели и пребиваше во Неа девет месеци како воплотен човек. Оттогаш, од појавата на Пречистата Богомајка, секој човек е повикан да постане храм Божји, светиња на Бога Вишниот. Секој човек, преку воплотениот од Дева Марија Син Божји, станува храм на Божеството. Оти, Христос дојде за да се всели во нас и ние во Него. Уште од самото крштение ние се облекуваме во Христа. Затоа за време на светиот чин на крштение се пеат стиховите од Светиот Апостол Павле: Вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте (Гал. 3,27). Потоа, на Божествената Евхаристија ние сосема се охристовуваме, стануваме едно со нашиот Спасител, преку Неговото Божествено тело и Неговата пречиста и животворна крв. А заедничарејќи со Него, истовремено заедничариме и со сите во Црквата Божја, бидејќи таа го подразбира евхаристискиот собор на верните, кои се органи на едното тело Христово.

Така, доаѓаме до заклучокот дека Црквата е најсветото место на овој свет. Простор, време и вечност во кои сите ние се среќаваме и стануваме едно со нашиот Христос. Најзаслужната, пак, личност, за отворањето на тие прекрасни и спасителни црковни прегратки е, несомнено,  Личноста која заради својата светост се удостои да Го прими Христа во своето пренепорочно тело. Тоа е токму денешната наша славеничка, нашата најмила Пресвета Богородица. И бидејќи Бог посака доброволно да дојде во светот, за доброволно да биде примен од страна на луѓето, неопходно беше да се најде личност којашто доброволно ќе прифати да го понесе крстот на Божјото снисхождение на Земјата. Личност, којашто ќе има надангелска светост и Божествена чистота. Богородица беше таа Личност и преку самиот свој живот ја оствари на дело и јасно ни ја покажа целта на секој човечки живот. Покажа и докажа дека светоста е нашата конечна одредница, бидејќи праизворот на сѐ, вклучително и на нашето постоење, е Светиот Бог. И токму таа заповед ја имаме од Него: Јас сум Господ, вашиот Бог, осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет (Левит 11,44). Кога, пак, најголема грижа ќе ни биде прашањето како да се осветуваме, тогаш ќе станеме свесни дека Богородица е секогаш тука да ни помогне.

Бог го освети светот. Како? Преку Својот Закон. Кога ќе помислиме на Законот Божји, веројатно кај повеќето од нас доаѓа претставата за Десетте Божји заповеди, за Светото Писмо и сл. Да, Законот Божји е изразен преку сето тоа, но, пред сѐ, негова основа е – љубовта. Колку го возљубив Законот Твој, Господи, по цел ден е поучение мое! – воскликнува Божествениот песнописец – Колку се слатки за грлото мое повеленијата Твои, повеќе од мед и саќе за устата моја (Пс. 118). Законот Божји, значи, е закон на љубовта. Неговиот најголем закон, закон над сите закони е Неговата љубов кон нас. Оти, Он Самиот од љубов слезе, за да го спаси човекот. Љубовно стана како еден од нас, во сѐ ист со нас, освен во гревот, за да нѐ спаси сите.

Денешниот настан со Пресвета Богородица, нејзиното воведување во Храмот Господов, не е само еден верски обичај што постоел кај старозаветните Евреи, кои според повелбите Мојсееви, ги носеле своите деца за да Му ги претстават на Господа, да Му ги подарат Нему. Влегувањето на Пресвета Богородица во Светињата на Светињите далеку ги надминува обичајните рамки и е нешто возвишено, величествено, Божествено. Нешто што било од дамнина претскажувано од светите пророци и кое, рековме, ни ја покажа нашата животна цел: да станеме осветени храмови Божји. Праксата со воведување на децата во храмот Божји и нивно преставување пред Господа преминала и во Христијанството. И кај нас порано, кога беше вообичаено децата да ги крштаваат пред навршувањето на четириесетте дена, на четириесеттиот ден се извршуваше т.н. воцрковување, односно воведување на детето во Храмот. Тој убав црковен обичај се состои од следново: доколку детето е машко, свештеникот го внесува во храмот, правејќи го со него крсниот знак и изговарајќи трипати: „Се воцрковува работ Божји тој и тој во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“. Потоа го внесува во светиот олтар, се поклонува заедно со него на сите четири страни од чесната трпеза и го допира детето до неа; најпосле излегува од олтарот, застанува пред царските двери и ѝ го предава на мајката. Ако е женско, се прави истото, само што наместо во олтарот, свештеникот се поклонува со детето пред олтарните икони на Христос и на Богородица, го допира до нив и повторно пред царските двери ѝ го врачува на мајката. Симболиката на овој чин е тоа дека Црквата преку свештеникот го прегрнува новокрстениот, новородениот во Христа. Црквата, значи, сите нас нѐ прегрнува во светоста Божествена. Ете тоа значи воцрковувањето: влегување во светоста. Само во Црквата Божја човек може да се спаси и да се освети. Во неа Христос нѐ прегрнува и нѐ осветува. Првата тајна со која влегуваме во Божествените пространства на Црквата е светото крштение. Потоа, општиме со Христа преку сите црковни свети таинства и се разбира, особено преку Светата Евхаристија, којашто е круна на сите свети тајни и преку која сѐ друго во Црквата се осветува. А кога ние се осветуваме преку светите тајни, тогаш постепено ја осветуваме и нашата околина.

Мили мои, треба да знаеме дека во Црквата не се спасуваме самостојно од другите, индивидуално, туку едни преку други, односно повикани сме на сопостоење со другите. Значи, не постојам само јас, не сум една изолирана индивидуа, туку сум личност која сопостои со други личности, со други живи икони Божји и се спасува, пред сѐ, преку пожртвувана љубов за ближниот, за сите во Црквата. Колку убаво Христос го објаснува животот во Црквата, споредувајќи го со лозата и со прачките: Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо (Јован 15,5). Значи, сите ние сме едно тело, а Христос е нашиот корен, нашето стебло. Он дојде преку Пресвета Богородица, Којашто Му позајми тело, за Он да стане човек. Мајката Божја била удостоена од Предвечниот Совет на Светата Троица за ова врховно дело на спасението, затоа што со своето воздржание, со својата молитва, со својата љубов и чистота се издигнала дури и над ангелските умови. Иако и Таа била човек како сите ние, сепак никогаш не направила компромис со гревот и грев во неа не се најде. Непорочната Дева Марија од Назарет совршено го исполнила призивот да пребива во светоста Божја.

Мили мои, пак ќе кажам – сите сме повикани на светост. Навистина, времето во коешто живееме станува сѐ поужасно. Постојано слушаме за војни, за убиства, за омраза, за насилија, за немилосрдност, за краен неморал. Времето е лукаво, гревовите ниски и подли. Но, ние да не се заплеткуваме со духот на овој свет, за да не се изгубиме во него, туку да гледаме да останеме верни на нашиот првобитен призив за светост. Доколку искрено се трудиме околу сопственото обожување, Пресветата Богородица и сите Светии во секој миг ќе бидат тука да ни притекнат во споможение наше. Кога Мајката гледа дека ние со љубов и трпение се обидуваме да Му угодиме на нејзиниот Син, како да не застане до нас и да не ни помогне?!

Да ѝ благодариме, мили мои, на преславната наша Богородица за ова чудесно бдение, коешто, еве, завршува со најсветите моменти од Божествената Евхаристија. Го прочитавме Светото Евангелие и сега ќе започне најсветиот дел – принесувањето и осветувањето на Светите Дарови и нивно претворање во Тело и Крв Христови. Ѝ благодариме на Пресветата што на овој празник ни го донесе и нашиот драг и свет Старец Антипа од Светата Гора Атонска, познат духовник, хагиолог и свештенопроповедник. Ви благодарам лично и на сите вас што вечерва направивте подвиг да присуствувате на ова евхаристиско собрание. Нека Пресветата Владичица наша Богородица биде со сите нас, да ни дава сили, за до крајот на нашите животи да останеме верни и да не застраниме од целта на нашето суштествување – светоста.

Амин.