Слово на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на празникот Преображение Господово, на Вечерната богослужба во Манастирот Пречиста Кичевска, на 5/18 август 2023 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, се наоѓаме во навечерието на големиот Господов празник Преображение Господово. Светата Црква сака преку боголепното богослужение да нè воведе во тајната на ова величествено торжество. Всушност, литургиски гледано, вечерното богослужение го означува почетокот на новиот ден и затоа секогаш започнува со 103 псалм, кој е едно величание за сотворението на светот. Притоа, за време на големите празници обично се читаат и други извадоци од Стариот Завет, поврзани со содржината на празникот. Вечерва, пак, богомудрите и богопросветлени Отци предвиделе за читање извадоци посветени на двајцата големи пророци Мојсеј и Илија, односно избран текст од старозаветната книга Исход од Мојсеевото Петокнижие и извадок од книгата Царства, каде што е опишан настан од животот на огнениот пророк Илија. Оваа вдахновено избрана библиска содржина им за цел да нè потсети дека Божјото откровение кон човештвото си има свој континуитет и дека целта на тоа откровение, односно смислата на целиот Божјиот домострој, е нашето спасение и обожение. Овие четива недвосмислено ни покажуваат колку многу човекот е возљубен од својот Творец и Создател Бог, Кој го сотворил него за да Му биде пријател, да општи и да другарува со него и да му ја пренесува Својата Божествена красота и радост.
Единствената причина и цел на Божјата креација е љубовта. Сè што Бог создал, го направил од љубов. Он безмерно го љуби човекот, како круна на Своето создание, кого го сотворил според Својот образ и подобие. Создаден од бесконечната Божја љубов, човекот имал само една „грижа“: доброволно да Му ја возвраќа љубовта на Својот седобар и сељубовен Татко. На почетокот така и било. Во првите страници на Светото Писмо читаме дека прародителите Адам и Ева биле во постојана заедница со Бога. Но и тогаш, како што е случај и сега, најголемата неволја за луѓето произлегла од слободната волја, односно од нејзината злоупотреба. Оти, кога Бог ги создал Адам и Ева ги обдарил, а преку нив и сите нас, со најубавиот дар – слободата. Во тоа се состои големината на Неговата несфатлива љубов. Ни дал право да избираме: ќе бидеме ли доброволно со Него, во љубовта на Творецот, Кој е светлина и просветление и радост и ликување, или пак, ќе тргнеме по сопствените желби и неразумните страсти што наместо да нè водат кон блаженото, возвишеното и вечното за кое сме од создадени, потполно нè завлекуваат на другата страна, кон земното, временото и распадливото. Првосоздадените, а за жал и сите ние, го избравме второво и така човекот премногу се оддалечи од Таткото небесен и од животот во Него, предавајќи се себеси како плен на смртта. Но Бог нè дозволи човекот сосема да загине. Он продолжи да му говори на своето најсакано создание, јавувајќи му се преку Своите избраници. Зашто, и покрај сеопштиот пад, сепак имало и такви луѓе кои биле со чисти срца и кои искрено и љубовно Го барале Бога. Тоа биле бројните старозаветни пророци, кои вдахновени од Светиот Дух, им ги соопштувале Божјите пораки на луѓето. Бог ги избрал не дека биле безгрешни, туку затоа што имале души кои постојано чезнееле по Него. Вечерва чувме од четивото за великиот пророк Мојсеј, кој од моментот кога како бебе бил извлечен од реката од страна на фараоновата ќерка, половина од својот живот го поминал како Египќанец, па следствено, стекнал можеби и некакви пагански навики. Но Бог сепак го избрал него, заради неговото добро срце, заради неговата внатрешна чистота и кроткост. Тој дури и не умеел течно да зборува, тепкал, и таа своја физичка аномалија ја посочил како оправдание пред Бога, бегајќи од одговорноста да биде водач на Израилот и да го изведе од египетското ропство. Тој се сметал себеси како крајно недостоен за едно толку големо Божјо дело, па во своето смирение Му рекол на Бога: О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам (Исход 4,10). Но Бог, Кој си нашол обиталиште во мојсеевото срце, веднаш изнашол и решение за проблемот, утешувајќи го Својот избраник дека, ете, братот негов Арон ќе зборува место него, ќе му ги пренесува на народот Божјите откровенија кон Мојсеј. Значи, Бог сакал токму преку Мојсеј да говори и него го направил посредник помеѓу Себе и тогашниот Израил.
Особено трогнува начинот на кој Бог комуницирал со Мојсеј. И тогаш, вели Светото Писмо, Господ зборуваше со Мојсеј лице в лице, како што човек зборува со пријателот свој (Исход 33,11). Притоа, Бог бил многу внимателен за тоа како разговарал со Својот пријател, пазејќи да не некако го повреди, зашто ниедно човечко суштество не може да ја издржи непристапната природа на предвечното Божество. Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава, му рекол Бог на Мојсеја, но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив (Исход 33,19-20). Се разбира, ова не значи дека Бог има лице и изглед како ние, туку едноставно сакал да му каже на Мојсеја дека никој не може да проѕре во Божјата суштина којашто е непоимлива за кое било суштество. Затоа Бог го засолнил Мојсеј во пукнатината на карпата, за кога ќе му се јави, да не го изгори со Својата непристапна светлина.
На сличен начин Бог постапил и со Свети Илија. Ако Мојсеј, за кого досега зборувавме, се смета за основач на Законот, тогаш Илија би го нарекле негов ревносен пазител и огнен борец за негово спроведување. Од неговиот живот опишан во книгата Царства гледаме колку ревносно го пазел тој Законот Мојсеев и колку неуморно се трудел да го впише во срцата на Израилците. Во четивото предвидено за вечерва, го гледаме очајот на Свети Илија, кој во еден миг на малодушност си помислил дека сите веќе отпаднале од Бога. Но Бог го утешил, велејќи му дека Он си имал сочувано седум илјади мажи, коишто не ги приклониле колената свои пред идолот Ваал, така што да не мисли дека е осамен во својата правилна вера. Притоа, Бог го повикал Илија на висока планина, за да му покаже едно необично видение, односно да му се открие Себеси. И откако Илија застанал крај една пештера и си го покрил лицето свое со кожув, надошле неколку силни стихии: најнапред голем и страшен ветар, кој ридови уривал и карпи соборувал, па по ветрот – силен земјотрес, по земјотресот – оган. Но Господ не бил во тие смртоносни стихии, туку во тивкото ветре што дошло на крајот. Со тоа Он, сесилниот Бог, Седржителот Кој ја создал сета вселена, сакал да му покаже на ревносниот Свети Илија дека е тивок, е добар, е благ; дека Он сака да ги милува и гали нашите срца. Како да му рекол на Свети Илија: „Не биди толку жесток и строг кон грешниците, бидејќи гледаш и самиот колку Сум благ кон нив. Јас со љубов ги приведувам кон Себе и подеднакво испраќам дожд и сонце и за праведните и за грешните, посакувајќи го спасението на сите“.
Накрај, мили мои, Бог дојде како човек. Создателот како создание. Овој празник токму тоа ни го покажува. Дека надразумниот, надвременскиот, неопфатливиот, непристапен Бог, Творецот на сета видлива и невидлива природа, влезе во времето и историјата како човек и стана дофатлив за нас. И на овој ден, со цел да ги утеши и охрабри Своите Апостоли, за да не се преплашат и поколебаат поради претстојните страшни настани таму на Голгота, под Крстот, со пиењето до крај на чашата на страдањата, Он ги зел Своите тројца ученици Петар, Јаков и Јован на Гората Тавор и таму се преобразил пред нив, покажувајќи им дел од Својата Божествена слава, колку што можеле да издржат според човечката природа. Он им открил дел од необичната и несоздадена Своја светлина и убавина, од неискажлувата благодатна красота во која Он постојано пребива. И како што читаме од Светото Писмо на Новиот Завет, состојбата во која се нашле тројцата Апостоли за време на Преображението, Апостолот Петар ја опишува со наједноставни зборови, велејќи: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија (Матеј 17,4). Им било толку убаво во таа Божествена благодат и светлина, што Апостолите воопшто не сакале да си заминат оттаму; посакувале засекогаш да останат во таа состојба, којашто, патем, е природна за човекот, бидејќи тој е создаден за неа. Учениците, значи, се нашле сродни со таа енергија, оти нашите души и ние како личности сме сотворени токму за тоа, да стасаме до состојба на обожение и да обитаваме во Божествената благодат и светлина.
За време на Преображението на Тавор се појавиле и со Христа разговарале двајцата големи пророци за кои говоревме досега, Светите Мојсеј и Илија. Господ ги повикал овие двајца старозаветни столбови и се преобразил пред нив, за да покаже дека Он е најголемиот и најревносен исполнител на Мојсеевиот закон. Оти, Евреите го обвинувале Господа Исуса дека наводно Он го прекршувал Законот Мојсеев и со тоа хулел на Бога. И уште, со јавувањето на Мојсеј и на Илија, се покажало дека Христос е, всушност, над сите пророци и дека тие се Негови избрани служители.
Црквата, мили мои, сака од вечерва да нè воведе во тајната на овој голем празник, истовремено подготвувајќи нè за тоа со пост. Историски, овој празник се случил пред страдањата на Господ Исус Христос, но бидејќи е свечен и величествен и по природа подразбира радост и торжество, Отците на Црквата одлучиле да не се празнува во Великата Четириесетница, со цел да не се нарушува покајничкиот тон на Постот. Затоа го поместиле во Богородичниот пост, кој е всушност заеднички и за двата празника. Овие денови со пост и молитви се подготвуваме да го прославиме Успението на Царицата Мајка, Која е причина и за денешново славје, бидејќи со своето најчисто срце и преку своето пренепорочно тело ни Го донесе Господа Христа во светот. Неопходно е, значи, преку пост и воздржание, преку самодисциплина и аскеза да се подготвуваме, за да можеме суштински да ги доживееме благодатните величија на празникот, во созерцание и богомислие. Нашите чувства и сетила треба да ги пазиме собрани и чисти, како би можеле да се нурнеме во мистичната убавина и сила на Преображението. Но не е лесно човек непречено да пребива во богомислие, во согледување на Божествените нешта. Претходно е потребна борба, најнапред со помислите, со многубројните страсти и желби на паднатиот човек, како и со склоноста кон зло на нашето болно его, кое секогаш нè влече надолу. Денес, пак, згора на тоа имаме и уште една дополнителна сопка за воздигнување кон небесното. Тоа се околностите во кои живееме, особено материјалистички и хедонистички устроениот светоглед, како и психопогубната технократија. Живееме во еден страшно разбрануван свет, кој се наоѓа во едно мачно и мрачно бунило. Но ние Христијаните сме деца на непрекинатиот тек на Божјото откровение. Никаде, во ниедна друга религија, философија или верување го нема ова што ние го имаме: Бог да се пројавува и открива низ историјата, за накрај Самиот Он да слезе на Земјата и да се јави во човечка плот. Тоа го има само тука, во христијанската вера, во Црквата Божја. Затоа, и покрај целиот метеж во кој се наоѓа светот во овој 21. век, ние сме повикани кон светлина и треба да пребиваме во богомислие. Затоа Светата Црква нè подготвува и патеводи со подвиг и воздржание.
Следствено, уште од вечерва да се нурнеме, мили мои, во богомислие, за да може да ни се открие големата тајна на овој чудесен празник. Ние Христијаните веќе сме удостоени на секоја Света Литургија да се соединуваме со Самиот Бог. Ако во времето на Стариот Завет било многу тешко и ретко човек да може да општи со Бога, сега, во Новиот Завет, преку Христа, ние на секоја Литургија биваме осенети од Божјата благодат; во секој храм сега обитава Таворската благодат и ние се соединуваме со Бога дури и телесно, преку Неговите Божествени тело и крв. Така, овој Манастир во кој сме сега собрани е токму едно такво таворско место. Монасите, пак, се налик на тројцата Апостоли Петар, Јаков и Јован. Оти, не сите Апостоли отишле на Тавор, туку само оние кои Бог ги избрал. Да, тие го виделе Божјото величие, но понеле и најголема одговорност. Слично се случува и со монасите: некој да биде избран да живее постојано на Тавор е голем благослов и силна благодат, но истовремено и огромна одговорност. Следствено, мили мои монаси и монахињи, имајте на ум дека Бог нè повикува во постојано богомислие, за потоа да се трудиме да им ги пренесуваме своите благодатни доживувања и на другите, исто како што за тоа биле задолжени Апостолите Петар, Јаков и Јован. Како што овие ученици Христови им раскажувале на останатите за она што се случило на Тавор, така и ние треба да сведочиме дека нашиот Христос е Бог на благодатта, на светлината, на Царството небесно. Монахот е патоказ кон Тавор, кон Божествената благодат. Но не помалку сте тоа и сите вие, мили мои браќа и сестри Христијани, зашто Таворскиот блесок не е привилегија само на одредена група, туку крајна одредница за сите нас. Така, по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица, по молитвите на светите големи пророци Мојсеј и Илија и по молитвите на Светите ученици Христови Петар, Јаков и Јован, Бог нека нè води кон тајната на Таворската светлина. Амин!