Навечерие на Св. Партениј Лампсакиски; именден на Старецот
Ваше Високопреподобие, наш најмил духовен татко,
Чест ми е и големо задоволство да го прочитам ова писмо, напишано со голема љубов што ја родивте вие во нашите срца. Во древниот град Манастир (денешна Битола), кој е лулка на монаштвото, пред повеќе од 40 години се роди човек кој заблеска како ѕвезда над цела Македонија. Тој човек сте Вие, највозљубен наш Старче. Вашата искра на духовност се разгоре во голем пламен, а за тоа, можеби, најмногу беше заслужна Вашата баба Менка, која духовно Ве хранеше со божествената мудрост. Ах, да беше таа и телесно присутна меѓу нас, со огромна почит и восхит ќе ѝ ја целивавме раката, но најубавото е тоа што вечерва ја чувствуваме нејзината радост, зашто таа сега силно се радува на небото. Таа заедно со Вашите родители Ве израсна во духовно зрел човек кој беше подготвен предано да Му служи на Бога. Од самите, пак, почетоци Вие особено силно ја засакавте Пресвета Богородица, Која остана да Ви биде светилник што Ви го покажува патот во животот. Бидејќи посакавте да Му служите на Бога, животниот пат најпрвин Ве однесе на Света Гора, а потоа според чудесната Божја промисла и со благослов на неговото Високопреосвештенство, нашиот почитуван владика, г. Тимотеј, се населивте во Бигорскиот Манастир. На денот на Вашиот монашки потстриг го добивте името Партениј, чијшто, пак, спомен денес го празнуваме и чиешто свето име и житие направивте да засветли и во нашите срца. Со пожртвуван и за нас неразбирлив труд, основавте големо братство и сестринство, служејќи се со љубовта, која како искра оставаше одблесок кај секого од нас. И токму небесната љубов присутна во Вашето срце е причина овој манастир да прерасне во голема лавра, во која многу луѓе Го спознаа Бога. Тука, во оваа лулка на современото македонско монаштво, многу млади луѓе се исцелија од погубната чума на денешниот тежок живот, многу души најдоа блага утеха и топла животна порака, многу срца се исполнија со вистинска духовна радост. Денес, Вие сте духовен Старец, татко со најголемо богатство, бидејќи имате многу деца околу себе. Духовно нѐ родивте, ни ги стопливте срцата, направивте да стекнеме зрак од божествената светлина, ни ги исцеливте раните, душите ни ги погаливте, нѐ заштитивте со Вашата силна молитва.
И што друго ни останува, освен силно да Му се заблагодариме на Бога што ни подари ваков светилник, чиишто дела на љубовта светат од врвот на планината и им го осветлуваат патот на мнозина. Благодарни сме и на Богородица што ја чува Вашата духовна чистота. Ви благодариме, најмил Старче, што нѐ зедовте под Вашата закрила, за да можеме и ние да црпеме, макар и најмал дел од благодатта Божја, која во срцата ни се точи од Вашите молитви. А сега примете искрени честитки од Вашите охриѓани кои вечно ќе ја следат светлината која блеска од Вашето срце.
Честит именден, наш најмил Старецу! На многаја лета!