Пасхално послание на Архиепископот Стефан

† СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,

МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,

ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И

ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ –

ХРИСТОС ВОСКРЕСE!

Бог толку го возљуби светот,

што Го даде Својот Единороден Син,

та секој што верува во Него да не погине,

но да има живот вечен[1].

 

Возљубени празникољупци,

Сè што било проречено за Спасителот Господ Исус Христос од старозаветните праведници[2] – се исполнило: и доаѓањето, и раѓањето, и служењето, и судењето и распнувањето… Се исполнило и сето она што Самиот Спасител им го говорел на Своите ученици за настаните што ќе се случат со Него[3]… Го навестил и Своето воскресение, кога рекол: урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам[4]. И навистина: по лажните обвиненија, по неправедната пресуда и по распетието на Голгота[5], Синот Божји бил погребан и на третиот ден – воскреснал. По тој настан, стравот кај учениците се претворил во голема радост, која веќе никој не можел да им ја одземе[6], зашто – Христос бил нивната радост[7]. Ете, тоа радување кај апостолите се пренесува преку сите христољубиви души, оттогаш до денес – и ќе трае вечно. Затоа, кој ќе ја искаже со зборови силата Господова? Преку Него, ние, од смртнистанавме бесмртни[8]!

Самиот Господ Исус Христос порача дека Тој живее и со Него ќе живеат сите коишто веруваат во Неговото воскресение[9]. Затоа, да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос[10], победа која е за сите времиња. Таа Христова победа е победата над смртта, која била последица од гревот. Преку таа Христова победа, се здобивме со дарот Божји, кој е животот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ[11].

Возљубени во Господа,

Денот на Христовото Воскресение е ден за радост, и тоа радост за вечниот живот. Но, за да го разбереме и да му се радуваме на тој спасоносен ден, потребно е да живееме со настанот што ги донесе новото време и новата ера. Со доаѓањето на Христа Богочовекот се објави вистината, се промени историјата, се покажаа нови патишта, се воспоставија нови односи, дојде целосната слобода… Преку тој спасоносен настан, добија потполна смисла и значење и Христовото доаѓање на Земјата и Неговите живот и наука. Со Неговото воскресение се оправда и сета наша вера и доби смисла сиот наш живот: и привремениот – овде на Земјата, и идниот – вечниот, во Царството небесно. Со верата во Христа Спасителот, човечкиот род доби благодат да се кае, поправа и преобразува, и затоа тој настан е гаранција и за нашето спасение и за вечниот живот во заедница со Бога.

Од тоа чудо над чудата извира и нашата надеж и во сопственото воскресение, зашто ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше и нашата проповед, празна ќе беше и нашата вера[12]. И навистина, ако Христос не воскресна и не ја победи смртта, тогаш и нема живот! Но, Христос воскресна и со смртта смртта ја победи[13], останувајќи единствен вечен извор и чувар на животот. 

Возљубени во Христа Воскреснатиот,

Сè што Спасителот учеше и сè што направи е за целото човештво и за секого од нас. Тој ни порача дека небото и земјата ќе преминат, ама зборовите Негови нема да преминат[14]. Затоа, и ние сме повикани да земеме учество во воскресенската слава и со сите христољупци да ја споделуваме победоносната радост. Но, на таков подвиг вистински ќе се удостоиме само преку верата и добрите дела. Само животот во Црквата, во единство со Бога, може да нè направи постојано радосни и облагородени личности. Впрочем, во Црквата, но и во животот воопшто, сè зависи од љубовта кон Христа! Затоа, само оние коишто живеат според пораките на Христовата наука, ги имаат Неговата љубов и Неговиот мир. Оттаму, Воскресението Христово е празник на богооткриената вера, на верата што го победи светот[15], на верата која дејствува преку љубовта[16] и на надежта која спасува[17]. Само оние коишто достојно живеат според Светото Евангелие, ја имаат Христовата љубов и се исполнети со Неговата надеж и со секаква радост во верата[18].

Еве, и по две илјади години од настанот во она рано утро, кога воскресна Спасителот, и ние денес сме соучесници во тоа неповторливо торжество над торжествата, кое ги надминува сите торжества[19]. Подготвеноста на илјадници христољупци, во изминативе дваесет столетија, со своето богоугодно живеење да сведочат за живиот Господ, а многумина дури и со своите животи, е потврда за вистинитоста на Христовото воскресение. И сето она што Христовото Евангелие го направи во животот на цели народи и земји, е сведоштво за спасоносниот подвиг и за жртвата на Воскреснатиот голготски Маченик.

Возљубени чеда на Мајката охридска и македонска Црква,

За нас, Македонците, како и за сите народи, средбата со Воскреснатиот Господ е историски пресврт во севкупното живеење. По Божјата милост, нашиот копнеж по Бога стана овековечен и во Библијата[20]. Прифаќајќи ја вистината за Христа Воскреснатиот, станавме дел од верниот народ Божји, а со своето благочестиво богољубие си обезбедивме место во историјата, создавајќи дела на искрена вера и љубов кон Бога и кон луѓето. Оваа благодатна придобивка се потврди и преку достојните и богоугодни личности, кои израснаа од нашиот род, а најмногу преку даруваната ни Помесна Црква – Првата Јустинијана и Охридската Архиепископија – возобновени во лицето на Македонската Православна Црква. Бесценет дар Божји за нашите народ и Црква е и свети Кирил Солунски, кој со своето дело придонесе за целосно воскресение на духовен, културен и цивилизациски план, како за нашиот, така и за повеќе народи на Балканот и во Европа. Пот- сетуваме дека оваа година се навршуваат 1150 години од неговото упокоение, па, одбележувајќи ја годишнината, да посведочиме дека свети Кирил живее во нас преку своето епохално дело, кое е исполнето со вистината за Воскресението, искажана со јазик и писмо разбирливи и од Бога дарувани, и со пораката за еднаквост и мир меѓу народите.

Ова лето Господово, покрај другите настани и личности, ќе одбележиме и 650 години од живописувањето на храмот во манастирот во Зрзе, како и 200 години од раѓањето на нашиот велик иконописец Дичо Зограф, кој даде голем придонес во духовното преображение и црковната уметност меѓу нашите народ и Црква, па и пошироко.

Возљубени сорадосници

Велигденската радост треба да нè зближува и да нè обединува сите, како чеда на нашата света Црква, и нас во Татковината, и сите вас што живеете раселени по светот. Да се радуваме секогаш во Господа! Да ѝ бидеме верни чеда на мајката – Македонската Православна Црква, и на Татковината – Македонија, живеејќи богоугодно и во мир со сите луѓе. Без разлика каде живееме, да ги чуваме националните и духовните посебности како народ, покажувајќи потребна грижа за светоста на бракот и семејството, за повозрасните, изнемоштените и сиромасите, а особено за младите и нивното воспитување во духот на верата православна и на нашите прадедовски традиции. Да ги учиме на јазикот мајчин – јазикот на светите Кирил и Методиј и на светите Климент и Наум. Конечно, да најдеме начин за меѓусебно помирување, па да простиме сè со Воскресението[21]. Тоа, нам, како христијански народ, ни е света должност, зашто кој не го љуби својот брат… како може да Го љуби Бога[22]?!

Сопрославувајќи го Христовото Воскресение со сите христијани во светот, да се радуваме и веселиме поради победата над смртта, поради верата во сеопштото воскресение и надежта во вечниот живот во Царството небесно. Да се радуваме заради Воскресението Христово и воскресението наше, поздравувајќи се со торжествениот поздрав:

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!

 

СТЕФАН

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

со членовите на Светиот архиерејски синод

на Македонската Православна Црква

ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и

администратор Австралиско – новозеландски

ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски

и администратор Австралиско – сиднејски

НАУМ, Митрополит Струмички

АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски

ПИМЕН, Митрополит Европски

ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски

ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски

ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски

КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

ЈАКОВ, Епископ Стобиски


[1]     Јн 3, 16.

[2]     Сп. Пс 21; Ис 53.

[3]     Види: Мт 16, 21; 26, 32; Мк 8, 31; Лк 9, 22 и Јн 11, 25.

[4]     Јн 2, 19 и 22.

[5]     Сп. Мт 27, 33; Мк 15, 22; Јн 19, 17.

[6]     Сп. Јн 16, 22.

[7]     Сп. Јн 15, 11.

[8]     Свети Климент Охридски,  Собрани дела: Слова, поуки, житија, Скопје 2012, стр. 300.

[9]     Сп. Јн 14, 19.

[10]   1 Кор 15, 57.

[11]   Сп. Рим 6, 23.

[12]   Сп. 1 Кор 15, 14.

[13]   Од тропарот на Воскресение Христово.

[14]   Сп. Мт 24, 35.

[15]   Сп. 1 Јн 5, 4.

[16]   Гал 5, 6.

[17]   Сп. Рим 8, 24.

[18]   Сп. Рим 15, 13.

[19]   Григориј Богослов, Слова, 45 (PG 36:846c).

[20]   Види: Дела 16, 9; Рим 15, 26; 1 Сол 4, 10; 2 Кор 8, 1; 2 Кор 9, 2.

[21]   Од пасхалната стихира, на Слава.

[22]   Сп. 1 Јн 4, 20.