Патријаршиско послание за света Пасха 2019

 

†Вартоломеј
по милоста Божја архиепископ
Константинополски – Нов Рим
и Вселенски патријарх
до сета полнота на Црквата, благодат, мир и милост
од славно воскреснатиот Христос

Најчесни браќа и возљубени чеда во Господа,

Поминувајќи го во пост и молитва поприштето на светата и велика Четириесетница, стигнувајќи до спасителните страсти на Христа Бога, денес стануваме причесници на радоста на Неговото светлоносно Воскресение.

Доживувањето на Воскресението припаѓа на јадрото на идентитетот на Православните. Воскресението Господово не го празнуваме само на света Пасха и во пасхалниот период, но и секоја недела и на секоја Божествена Литургија, која секогаш е сесветло торжество. Христијанскиот живот во сите свои сегменти, во богослужението, во нашето живеење и сведоштво во светот има воскресен здив, вибрира од победата на воскреснатиот Христос над смртта и од очекувањето на Неговото вечно Царство.

Човекот не може само по себе да се справи со стравот и со неизбежноста на смртта, пред која се наоѓа преку целиот тек на неговиот живот, а не само на неговиот крај. Чувството дека неговиот живот е „тек кон смртта“, без надеж за бегство, не води до хуманизирање на животот и до зголемување на одговорноста и грижата за сегашноста и за иднината. Поточно, човекот се собира, се отсекува од суштината на животот, завршува во циничност, во нихилизам и во очај, во измамата на безрезервно самоостварување и во безблагодатниот хедонизам на „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“. Науката, општествениот и политички активизам, економскиот напредок и благоденствието не можат да понудат излез. Сè што е создание на човекот го носи белегот на смртта, не спасува, бидејќи и самото има потреба од спасение. Желбата за вечноста не се исполнува со земни добра, не се наситува со продолжување на нашиот живот и со ветувања за лажни раеви.

Православието на современиот човек рационалист му ја нуди Вистината на спасителното Евангелие на Воскресението. За нас Православните, Пасха не е просто спомен на Воскресението на Господа, туку доживување на нашата сопствена преродба во Христа воскреснатиот, предвкус и уверување во есхатолошкото исполнување на Божествената икономија. Верникот знае дека егзистенционалното исполнување е дар на Божјата благодат. Во Христа, нашиот живот се преобразува, се поправа низ патот кон обожувањето. Христијаните се разликуваат, според апостолот Павле, од „другите“ кои „немаат надеж“ (види 1Сол. 4, 13). Се надеваат во Христа, Кој е „наш Живот и Воскресение“, „првиот и последниот и живиот“ (Откр. 1, 17-18).

Спасителното присуство на Христа во нашиот живот и надежта во небесното Царство се неразделно поврзани со христијанското постоење, кое дејствува и се остварува како творечка и преобразувачка сила во светот. Воопшто не е случајно тоа што модерната цивилизација пред да го сфати и востанови човекот како создател на историјата, верниците беа повикани да станат „соработници Божји“ (види 1Кор. 3, 9). Целосно погрешно е сфаќањето на православната самосвест и на општественото и хуманитарно дело на Црквата, кога се поддржува мислењето дека Православието е интровертно, надвор од светот и незаинтересирано за историјата и цивилизацијата.

Свештени браќа и возљубени чеда,

Пасха не е само најголемиот празник и торжество на Православието. Воскресение е целата вера, целината на црковниот живот, целата цивилизација на Православието, неисцрпниот извор, од кој црпе и се напојува есхатолошкиот порив на православното живеење и сведоштво. Во Воскресението и од Воскресението ние верните го дознаваме нашето вечно предодредување, ја откривавме содржината и насоката на нашата мисија во светот, ја наоѓаме смислата и вистината на нашата слобода. Оној што слезе до најдолното подземје и ги сотре вратите на адот и државата на смртта, се издигнува од гробот како ослободител на човекот и на целата твар. Човекот е повикан да го прими слободно овој дар на слободата, да се причисли кон „заедницата на обожението“, Црквата, во која слободата е темел, пат и определување. Христодаруваната слобода се доживува и се изразува како „вистинување во љубовта“ (види Еф. 4, 15), како нешто општествено и солидарно. „Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг“ (Гал. 5, 13). Во Црквата „постоиме со Воскресението“, гледајќи кон „општото воскресение“ во невечерниот ден на Царството.

Со овие мисли, славејќи го со чисто срце Воскреснатиот Господ „Кој на сите живот им изгреа“, Бог Кој е „со нас“ и „за нас“, Кој ни вети дека ќе биде со нас до крајот на векот, и извикувајќи го пасхалниот и серадосен поздрав „Христос Воскресна!“, се молиме на седарителот Творец и Избавител на светот да ни ги просветли животите на сите со светлоста на сеспасителното Свое Воскресение и да им дарува на сите исполнителна радост и секој спасителен дар, за да се воспева и благословува пресветото и наднебесно Негово име.

Во Фанар, на света Пасха 2019

†Константинополскиот,
огнен молитвеник кон Христа воскреснатот за сите вас.