Пригодно обраќање на г. Филип Тинтоски кон Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, од името на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, на Божикниот и Новогодишен мјузикл во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на 1/14 јануари 2024 лето Спасителово
Преосвештен Владико свети, Возљубен наш Старче и најсакан Татко духовен, г. Партение!
Какви и да се, скромни ќе бидат сите наши благодарности и пофалби за величественото и прекрасно дело што го направивте и сè уште постојано и неуморно го правите за нас, за Црквата Божја и за нашиот народ и Татковина.
Нашите срца се во недоумение каква пофалба да искажат за Вашата жртва, бидејќи Вие, по примерот на Христа, го понесовте Вашиот крст, во кој се состојат сите наши помали крстови и постојано сте распнати на него за нас, за така да нè родите во Христа, да нè изгледате, да ја родите верата во нас, та по Вашите жртва и молитви, добриот наш Спасител Христос да ни дарува воскресение на душите, вечна радост и веселие во Царството Свое.
Доколку внимателно го видиме Рождеството Христово, таму многу работи ќе нè потсетат на Вас.
Најпрво, смиреното Рождество на Христа во скромната пештера, кое во Вас можеме да го видиме преку Вашето постојано смирување пред нас, секогаш со толку многу љубов, разбирање, прегратка за цел свет и неосудување.
Вие сте и нашата Ѕвезда водилка којашто нè води секогаш кон Христа, ни Го покажува онаков каков што и е: најсладок, најмил, најљубовен.
Вие сте и нашиот заслон во нашите напади, гревови и падови, секогаш подготвен да нè покриете со Вашиот љубовен покрив, да ни простите, да нè заштитите од духовниот непријател.
Подобно на Ангелите од Рождеството, Вие нè радувате и ни возвестувате: „Слава на Бога во висините и на земјата мир меѓу луѓето добра волја“, секогаш поучувајќи нè да Го славиме Бога и да бидеме во мир со сите, да ги љубиме дури и непријателите наши.
Вашата вера, надеж и љубов, кои извираат од Христос Бог и стојат цврсто за вечност и бесмртност, заприлегуваат на трите дарови на Мудреците што Му ги принесоа на Христа.
Вие сте нашиот пример и жив показател на верата Христова, во кого се остваруваат Христовите зборови: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат, и ќе говорат против вас секакви лоши и лажни зборови, лажно, заради Мене“ (Мт. 5, 11). Навистина, оние кои се Христови, коишто Го имаат Христа во себе, се гонети во овој свет, но секогаш победуваат, бидејќи Христос е Оној Кој секогаш победува.
Во знак на благодарност, симболично, како на наш пастир, ѕвезда патеводителка и заради Вашата родителска крстообразна саможртва, Ве замолуваме да го примите од нас, Хорот „Митрополит Козма Пречистански“, овој скромен подарок, крст за благословување, и секогаш да нè осенувате со него и да се молите за нас.
Ви посакуваме добро здравје, Бог да Ве укрепува и да ги обновува Вашите сили, за уште безброј вакви величија како што сотворивте досега, а и на сите веселие и радост! Ве сакаме неизмерно!
На многаја лета! Христос се роди!