Ајде да се загледаме во егоизмот. Да го видиме во светлината на една спротивна на неа добродетел – смирението. Егото на човекот е нешто исклучително длабоко, нешто многу својствено за нас и исто така исклучително сеопфатно. Тоа е вкоренето длабоко во нас и ги опфаќа сите аспекти на нашиот живот. Со еден збор борбата на христијанинот се состои во тоа да го насочува правилно своето его. Бидејќи постои и благ егоизам, којшто во Црквата неретко, поради погрешни ставови, се потиснува – на пример, нечија надареност, призив, внатрешна желба или цел се сфаќаат како егоизам и човек започнува да ги потиснува наместо да ги култивира. Ќе појдеме во храмот и некој ревнител, не според разум, само со еден замав ни го крши тоа! Да ја уништуваат личноста во името на смиреномудрието! Човек треба да стекнува утеха во својот дар, којшто е од Бога, да може да се изразува преку него, да ги гледа плодовите на својот труд, а не да му се наметнува грижа на совест за него. Не сме еднакви во сè, туку различни; освен заедничките човечки црти, имаме и такви коишто ѝ се својствени само на нашата личност. Токму во тоа е личноста – во нашите разлики, а не во нашите сличности. Но, во друга прилика ќе зборуваме за тоа. Тука едноставно само ќе спомнам дека постои и благото его – тоа што го нарекуваме личност. Тоа е дар од нашиот Творец што треба да го пројавиме. И на никого не му е дозволено – ова го кажувам за нас, духовниците, – да го уништува тоа во името на смиреномудрието. Мислам дека сфаќате за што зборувам, особено вие свештениците. Уништувањето на личноста означува да не дозволиме даровите на Бога да бидат реализирани. Ете денес на пример, сме собрани 300 луѓе и точно толку се и даровите што Бог ги доверил на секој од нас.
Историјата на човештвото, како што е изложена во Стариот Завет, покажува дека основниот извор на сите проблеми е порочниот егоизам. Бог го создал Рајот, со Своите раце, со Својата посебна грижа, го создал човекот, којшто е Негов образ. Со каква крајна цел? Откако создал за него еден таков неверојатен свет, тој го создал човекот заради една единствена причина: да стане Негово подобие. Човекот меѓутоа, не сакал да стане подобен на Бога, соединет со Него, туку по наговор на ѓаволот, како што за тоа внимателно се кажува во Стариот Завет, претпочитал тој самиот да стане Бог. Го оставил поголемото и го избрал помалото. Заради глупаво славољубие – да стане нешто слично на тоа што си го претпоставувал, дека е Бог – започнал гревопадот. Отците многу убаво објаснуваат дека основната причина за падот на праотците бил токму егоизмот. Некои велат: „А што сум виновен јас, па да плаќам сега за падот на Адам и Ева?“ Фактот дека го носиме тој егоизам, сепак, е доказ дека и ние сме паднати – токму на истиот начин гревот влегува во нас. Така започнува разјадувањето на Божјиот лик, којшто е изобразен врз секој од нас. Нашиот пад е основа која се нарекува егоизам. Затоа нашето поправање е смирението – антипод на егоизмот.
Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат. Бог се противи на тие коишто ја истакнуваат својата важност, егоизам и имиџ, и Он не почива во нив, туку им се противи. Но, врз оние кои ја имаат благоста на смирението, Он доаѓа и им ја излева Својата благодат. Затоа, за такви луѓе велиме: „Колку прекрасен човек! Гледаме колку е благ, скромен, не се превознесува. Добар човек!“ На јазикот на духовноста тоа значи: каков восприемник на Божјата благодат, дарови и харизма е овој човек!
Гледаме сепак, дека тоа не е лесно. Сите сме болни од егоизам, којшто се изразува поради различни поводи, во различни искушенија и во најразновидни форми. Ние го чувствуваме тој егоизам и неговата поробувачка сила. Ако сакаме да сме чесни, да сме искрени, мораме да признаеме и да сфатиме дека егоизмот ни причинува страдање. Се срамиме од него, се чувствуваме неудобно, се исцрпуваме, се изложуваме на стрес. Постојано посетуваме лекари заради стресот, пиеме таблети, но не се исцелуваме и не знаеме што е причината. Почнуваат да нѐ мачат главоболки и мигрена. Трчаат луѓето по прегледи, наваму-натаму, но работите не се поправаат. Скриен проблем во душевниот свет.
Кога бев студент, во една прилика отидов на лекар. Мислев дека страдам од исцрпеност. Отидов кај еден професор по медицина, којшто беше познат човек, и му го кажав својот проблем. Тој ме ислуша и рече:
-Твојот проблем е егоизмот!
-Не сфаќам?! – Тој беше многу учтив и повтори:
-Егото, од тоа страдаш!
-Но, знаете ли – одвратив јас – правам ова и она, се занимавам со многу работи. Да не од тоа ме боли главата и имам вртоглавици?
Тој молчаливо слушаше. Го прашав:
-Што треба да направам?
-Оди на исповед!
-А не може ли да ми препишете нешто, некакво лекарство, таблета, имам низок крвен притисок, да не е од тоа? – Тој ми рече:
-Оди кај некој духовник и исповедај се!
Не ме убеди. Отидов кај еден духовник и му кажав дека сум бил на лекар и дека јас му зборував за моите здравствени проблеми, а тој, пак, ми зборуваше за егоизмот. Духовникот ми кажа:
-Зошто не појдеш кај некој друг лекар?
Духовникот ме испраќа на лекар, а лекарот кај духовник. Тоа ме запрепасти, а духовникот ме вознемири. Поминаа нешто повеќе од две години. Лекарот испадна дека е во право. И можеби и духовникот не беше толку виновен, колку што си вообразував.
Во секој случај, да знаете, дека стресот навистина е последица од начинот на живот, но суштински се третира главно со духовни, а не со медицински средства.
Продолжува