За благодатта Божја

Доживувањето на несоздадената светлина е едно од најголемите божествени искуства и токму поради тоа, не секој е достоен да ја види; тој дар не се дава секому, туку само на малкумина, на оние кои особено напредувале во духовниот живот. Секако, мора да се каже дека не секое гледање на светлина е гледање на несоздадената светлина; ѓаволот на луѓето им прикажува лажна светлина, демонска и психолошка, за да ги убеди дека токму тоа е несоздадената Божествена светлина – благодатта Божја.
Треба да се преиспитаат претпоставките, кои ќе нѐ уверат дека различните искуства кои ги имаме се автентични, а не лажни.
Првата претпоставка е нашето покајание. Ако немаме покајание за нашите гревови и ако не сме се очистиле од страстите, не можеме да Го видиме Бога. Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога – рекол Господ во Својата беседа на гората. Погрешно е да бараме божествени искуства користејќи вештачки средства и методи, како што прават еретиците, индусите и јога учителите. Тие искуства не се од Бога, туку се изнудени со психолошки средства.

Светите Отци рекле: дај крв, за да примиш дух. Поинаку кажано, ако не дадеш крв, преку поттикнување на срцето на покајание, молитва, пост, на духовен подвиг воопшто, не можеш да ја примиш благодатта Божја, која доаѓа преку Светиот Дух. Вистинските духовни искуства се даваат на оние, кои од смирение не се молат за нив. Напротив, таквите луѓе Го молат Бога да им даде покајание и спасение. Оние, пак, кои со гордост Го молат Бога да им даде искуства – се опрелестуваат. Поради нивната гордост, ѓаволот ќе ги искористи и ќе им даде лажни, дијаболични искуства. Токму поради ова, втората претпоставка за автентичното искуство на благодатта Божја е скрушеноста.

Третата претпоставка, неопходна за примање на вистинското духовно искуство, е да се биде во Црквата, а не одвоен од неа. Зашто, ако сме одвоени од Црквата – ѓаволот ќе нѐ поведе на погрешен пат. Ако овцата е одвоена од стадото, волкот ќе ја изеде. Безбедноста е внатре во стадото. Христијанинот е безбеден во Црквата. Ако е одвоен од неа, тој е подложен на самоизмама, слушајќи ги така лагите од луѓето и од демоните. Постојат примери за такви луѓе, кои биле непослушни на Црквата и на нивниот духовен отец, па затоа паднале во најтешка прелест. Биле убедени дека Го гледаат Бога и дека Он ги посетува, додека реално, нивните искуства биле демонски и погибелни.

Луѓето имаат лажни искуства, тогаш кога се убедени дека истите можат да ги постигнат со сопствени сили; најчесто тоа се еретици, групи или религиозни собири, кои дејствуваат надвор од Црквата Божја. Тие се собираат, некој нов „пророк“ станува нивни водач и ги убедува дека тие имаат Божји посети. Во една прилика, ми се случи да присуствувам на еден состанок на пентакосталците во Америка. Нивната „црква“ личеше на школска училница. Најпрвин, почна да свири некоја музика на органа со нежни и бавни тонови. Како што се развиваше музиката, така таа стануваше поинтензивна, погласна и заглушувачка, предизвикувајќи со тоа егзалтација. Кога музиката заврши, свештеникот почна да зборува – најнапред благо, па погласно, за на крај да почне да вика, создавајќи исто така состојба на екстатичност. А потоа луѓето станаа хистерични, викаа, се движеа и ракоплескаа, испуштајќи неартикулирани гласови.

Архимандрит Георгиј Капсанис

Тогаш почувствував дека Духот Божји, Кој е Дух на мирот, а не на конфузија и егзалтација, не беше присутен меѓу нив. Јас навистина жалев за децата кои беа таму заедно со родителите и кои минуваа низ последиците од оваа колективна невроза. Како што претходно кажавме, ѓаволот ги користи ваквите луѓе и им претставува различни, навидум небесни знаци,така што тие луѓе, без да знаат, стануваат негови жртви. Уште повеќе, тој им дава и по некоја пророчка способност. Токму поради тоа што демонот може да се претстави и како светлосен ангел, треба да бидеме особено внимателни. Свeти апостол Јован Богослов вели: Возљубени, не верувајте му на секој дух. Не се сите духови од Бога и нема секој дар да ги разликува духовите. Само духовните отци на Црквата Божја можат да ги разликуваат духовите.

Нашата Црква е Црква на Педесетницата, а тоа е така бидејќи е Црква на Христа Воплотениот, Црква на Крстот Негов, Црква на Воскресението и на Педесетницата. Црквата е таа, којашто го прифаќа целиот Христов Домострој на спасението, а оној, кој изостава макар само еден дел, тој лажно Го интерпретира Бога. Може ли да има воскресение без крст? Може ли човек да Го види Бога, без да се распне себеси низ пост, молитва, покајание, понизност и исполнување на Божјите заповеди? Крстот, во животот Христов и во животот на христијанинот е нешто првенствено. Воскресението и Педесетницата се следните доживувања. Има такви, кои Го сакаат Воскресението, но без да се распнат себеси низ покајание, духовна борба и послушност кон Црквата. Поради тоа, тие се лишуваат и од Педесетницата.

На секоја Литургија се случува Педесетницата. Како инаку лебот и виното стануваат Тело и Крв Христова? Зар тоа не се случува со слегувањето на Светиот Дух? Погледни ја Педесетницата! Секој свет олтар на Православната Црква е горната соба на Педесетницата. Неа ја имаме и во крштението, зашто со благодатта на Светиот Дух, човекот станува христијанин и се присоединува кон Телото Христово. Секое ракополагање на ѓакон или свештеник, а особено на епископ, е исто така нова Педесетница.

И секоја исповед е Педесетница. Кога Христијанинот, со понизност стои покрај духовникот и во покајание ги исповеда своите гревови, благодатта која на него слегува е од Светиот Дух. Секој собир и секоја Света Тајна во Црквата е исто така непрестајна Педесетница, зашто сето тоа се одвива во присуство на Светиот Дух. Токму поради тоа, речиси сите дела, молитви и таинства во Црквата почнуваат со призивот на Светиот Дух – Цару Небесни, Утешителу, Духу на вистината… дојди и всели се во нас…Го молиме Параклитот, Утешителот, Светиот Дух да дојде и Он доаѓа. Светиот Дух слегува таму, каде што Православната Црква, вистинската Црква Божја е собрана.

Секој светија на нашата Црква, роден од Духот Свет е личност на Педесетницата. И во молитвата Оче наш ние велиме да дојде Царството Твое, а тоа значи да дојде благодатта, да ја примиме благодатта на Светиот Дух. Сето ова значи дека нашата Православна Црква непрестајно ја живее Педесетницата. Ние, браќа, го имаме благословот постојано да ја примаме благодатта Божја. Ја имаме можноста да станеме блиски со Бога, да се соединиме со Него, преку примањето на благодатта Негова. Нашата Црква е испитан и сигурен пат кон спасение. Тоа е Црква на пророците, на апостолите, отците, мачениците, светителите и на современите светии. Тоа е Црква, која две илјади години неискривено ја сочувала проповедтта на Светото Евангелие, иако таа била прогонувана од страшните еретици. Колку само непријатели ја гонеле низ вековите. Не само еретиците, туку и императорите со сите средства се обидувале да ја срушат. Но тоа не се случило. Илјадници маченици дарувала Црквата, а сепак, таа не била поразена – напротив, колку повеќе ја прогонувале, толку повеќе јакнела и се прославувала.

Поради тоа, благодатта на Светиот Дух е во Црквата. Тоа е посведочено од многу светии, чии тела се нетлени, мироточиви, благоухани и чудотворни. И современите старци сведочат за присуството на благодатта на Светиот Дух. Каде на друго место се случува ова? Во која ерес и во која „црква“, луѓето се положуваат во гроб и при откопувањето нивните тела се покажуваат како нераспадливи и благоухани? Можеби сте чуле дека и моштите на Света Гора се благоухани. Тоа е затоа што моштите се од свети монаси. И сето ова се случува, бидејќи Светиот Дух е тука.

Ова е нашата вера, вистинска, православна! Зошто да се одрекуваме од оваа вера и да бидеме следбеници на некои „нови спасители“, кои нè уверуваат дека се основачи на Црквата? Обидете се да забележите и да размислите за ароганцијата која тие ја поседуваат! Ние, кои имаме ваква богата и благословена традиција, имаме голема одговорност пред Бога. Низ ересите, ѓаволот се обидува да ја порази Црквата, но на крајот – тој е поразен. Тој смета дека ќе му направи зло на христијанскиот род, борејќи се против него, но Бог нема да го заборави Својот народ, зашто Он се грижи за неговото добро.
Гледате ли колку е возвишена смислата на човековиот живот? Човекот не е создаден за да стане подобар, поморален, поправеден, поблагороден, туку да стане бог по благодат. Ако човекот се соединува со Бога, Кој е Бог по природа, тој исто така станува бог по благодат, поради милоста Божја и заради благодатта Негова.

Поради ова, браќа, да останеме до крај постојани и цврсти во нашата православна вера и да имаме света цел. Така, ќе ја примиме благодатта Божја и благословот на Пресветата Богомајка – надежта на нашето спасение.