(Седми дел)
Арапски историчар ал-Масуди (940 г.)
ал-Масуди е еден од најзначајните историчари во исламскиот свет, (896-956) и е роден во Багдад. Освен што се занимавал со историја тоа тој бил и истакнат географ, етнограф, астроном и истражувач. За чудото на Св. Оган, тој зборува во две свои дела. Во првото од нив наречено „Златните ливади и рудниците на драги камења“, кое е своевидна историја на светот и општа енциклопедија, ал- Масуди пишува:
„Во петиот ден од сирискиот месец тисрин (октомври) се одржува прослава во Храмот на Воскресението во Ерусалим. По тој повод се собираат христијани од сите краишта на светот. Од небото слегува пламен меѓу нив и со факели се шири во сите правци. Многу муслимани присуствуваат на оваа празнична служба од љубопитност; таму собираат маслинови лисја. Што се однесува да тој чудесен пламен, тој се создава со некоја многу суптилна техника и со помош на некоја голема тајна“.
Муслиманите немајќи објаснување за споменатово чудо а не сакајќи да го признаат, се задоволиле со верувањето дека зад појавата на Огнот се крие некоја вешто смислена измама и тајна која досега никој не успеал да ја открие. Во текстот погрешно се наведува дека прославата се одржува во октомври; таа грешка била исправена во другото Масудиево дело под наслов „Книга за знакот и прегледот“ (Al-Tanbih wa-l-Ashrav), исто така општа енциклопедија, во која постои краток, но многу значаен запис:
„Елена во Аелија (Ерусалим) соѕидала храм кој денес е познат како Храм на Воскресението и од она време Огнот се појавува во тој (храм) на денот на Велика Сабота спроти Воскресението“.
Арапскиот правник Ибн ал-Кас (940 г.)
Ибн ал-Кас се родил кон крајот на IX век, а се упокоил во 946 г. Бил извонреден познавач на исламското право и писател на доста теолошки дела, меѓу кои спаѓа и „Kitab dala ‘il-al-qibla“, каде за прв пат е забележан еден многу важен опис на службата на слегувањето на Благодатниот оган. Преводот е на францускиот преведувач Луј Шико (Luis Cheikho), додатно преконтролиран од проф. за арапски јазик, др. Гамал ал-Тахира, за да биде што поблиску до оригиналот. Во своето дело Ибн ал-Кас пишува:
Од оваа сведоштво се гледа дека за време на богослужбата за слегувањето на Благодатниот оган муслиманите учествуваат толку посветено и свечено, што изгледа како да се работи за нивна служба. Во моментот кога се појавува Св. Оган, муслиманите сметаат дека се работи за божествена бела Светлина, која нема никаква поврзаност со земниот оган.
Многу е битно и сведочењето дека светиот Оган не пече. Ибн ал-Кас во својот опис потполно ја разграничува Светлината што се појавува во внатрешноста на Гробот од пламенот што верниците го имаат на своите свеќи, неколку минути после земањето на Огнот.
Во моментот кога се пали неугасливото кандило во внатрешноста на Гробот, пламенот е бледо син и воопшто не пече. Неколку секунди подоцна се претвора во обичен пламен, кој, како што востановил писателот на оваа книга, а и илјадници други верници, секако пече, но не со иста јачина како обичниот пламен. Поради тоа многу поклоници го принесуваат светиот пламен до своето лице.
Имамот го пренесува Благодатниот Оган во најсветото муслиманско место во Ерусалим, и со тој Оган го пали „кандилото во џамијата“. Тука се мисли на џамијата на Купола на Карпата, која се смета за трето најсвето место на исламскиот свет, после Мека и Медина.
Сето тоа се случувало во X век, во периодот кога христијанскиот и муслиманскиот свет се наоѓале во остар судир. Земајќи ја предвид строгоста на исламската религија, изгледа неверојатно дека најважното чудо на Христијанството, поврзано со Христовото Воскресение, било прифатено од самите муслимани во Ерусалим и свечено прославувано и од страна на политичките и верските старешини на градот.
Презвитерот Отмар
Единствен познат податок за латинскиот свештеник Отмар е дека го посетил Ерусалим и бил сведок на слегувањето на Благодатниот оган. Неговиот расказ бил пронајден на еден латински ракопис од X век, откриен и издаден во 1610 година во Баварија од страна на Јакоб Грецер, во неговото дело под наслов „Градината на Чесниот Крст“ (Horti Sanctae Crucis). Германскиот теолог Јохан Мосхајм смета дека зад презвитерот Отмар всушност се крие германскиот светител Отмар кој се упоколил 759 година. Ако ова е вистина, тогаш сведоштвото на Отмар е најстарото сочувано сведоштво за чудото на Благодатниот оган.
Латинскиот текст што следи е препис од ракописот што го открил Грецер, додека пак преводот на грчки е дело на докторот по филозофија Димостен Георговасилис:
Визија на презвитерот Отмар: „Го отварам ова прашање поради внатрешниот копнеж на моите пријатели. Од сè што милоста Божја ми допушти мене грешниот да видам во Ерусалим со своите телесни очи, ништо повистинско од ова не може да се каже. Видов, баш онака како што се гледа со очите, некаква невидлива Светлина која слезе од небото кон Господовиот Гроб. И навистина, таа се запали и стана сосема јасно видлива“.
Значи Отмар, како очевидец на богослужбата, нè уверува дека со своите очи го видел слегувањето на Огнот од небото; нешто кое, како што вели самиот, било „сосема јасно“ видливо.
(Продолжува…)
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица