Константинопол падна, но не и идејата за него. Зашто неговиот дух, духот на Ромејското царство продолжува да живее кај сите православни народи што духовно се поврзани со византиската цивилизација. Нашата Татковина, пак, непосредно принадлежи на тој историски источно-римски цивилизациски сплет, и, како негов нераскинлив дел, продолжуваа да живее со наследството од тоа духовно и културно богатство. Затоа, денес, 565 години после физичкото освојување на Константинопол од страна на османлиските номадски завојувачи, Бигорската Свештена Обител повторно со благодарност си спомна за Градот од каде што нашиот народ го примил светото просвештение, и се помоли за покој на сите оние што паднале на константинополските ѕидини, бранејќи ја спасоносната православна вера.
Ним, и на сите други што ги положиле своите животи за единственото вистинско Божјо Откровение, нека им биде споменот вечен!