Држи го својот ум во адот и не очајувај (III дел)

Божјата љубов дава сила цела ноќ да се молиме, но, ете, јас сум немоќен поради својата главоболка и морам да се одмарам. Оваа болест ми е дадена затоа што бев упорен во своето барање и што отидов од економија во пустина да имам повеќе слобода за молитва. Но, Господ сакал цел век да го поминам во манастирот како економ.

Двапати ме поставија за ѕидар, а еднаш за постар економ. Јас тоа го одбив и Господ ме казни. Подоцна сфатив дека секој е потребен на своето место и дека се спасуваме независно од положбата во која се наоѓаме.

Кога Соборот (манастирските старци) ме постави за економ на местото на отец Северијан, јас, откако дојдов во ќелијата, застанав на молитва:
Господи, ми ја доверуваш грижата за нашата голема обител. Помогни ми добро да ја извршувам својата работа”.

Во душата добив одговор: „Сеќавај се на благодатта од Светиот Дух и труди се да ја стекнеш”.

Мојата душа е тажна. Поради болеста не можам да Му служам на Господ. Ме мачи главоболката, а немам благодат која победува болест. Кога благодатта ќе се умножи, душата посакува да страда. Таква благодат имале мачениците и нивното тело се радувало заедно со душата додека ги мачеле за Господа, Кого Го љубеле. Оној кој ја почувствувал таа благодат, го знае ова дека ние треба да трпиме болести.

Болеста и неволјите го смируваат човекот до крајност. Еднаш отидов до болниот отец С. и го прашав: „Како живееш?” Тој од јад наместо одговор, само ја фрли капата на земјата. Му реков: „Благодари Му на Бога за болеста, а ако не, тешка ќе биде твојата смрт. Прими схима, и благодатта ќе дојде, и ќе те утеши во неволјите.”

Утредента, откако прими потстриг, повторно дојдов кај него и го запрашав: „Како ти е?” Тој со радост ми одговори: „Господ ми ја даде Својата благодат како на светото Крштение”.

Оттогаш тој лесно ја носеше својата болест и се упокои многу мирно, затоа што сладоста на Светиот Дух ја надминува сета радост на овој свет.

Господ им ја дава на грешниците благодатта на Светиот Дух, па затоа е и јака нашата вера. Како да Му се заблагодариме на Господ за Неговата љубов која секојдневно и секој час ја чувствуваме.

Го прашав еден млад схимник дали ја сочувал благодатта која ја примил при потстриг во схима? Оттогаш досега поминаа 12 дена. Ми одговори: „Иако сум болен, во душата, сепак, ја чувствувам благодатта Божја”. По 10 дена му го поставив истото прашање и тој со весело лице ми одговори: „Слава на Бога, ја чувствувам милоста Божја”.

Кога мојата душа го изгуби смирението, станав раздразлив. Но, душата се сети на Христовото смирение и почна да копнее по него. Почнав да се молам на Бога да ми прости и да ме очисти од гордиот дух и да ми дарува мир. Кога мојата душа го намрази гревот, Светиот Дух ме научи на непрестајна молитва и љубов. Знаев колку Господ ги љуби Своите луѓе, особено починатите, и секоја вечер пролевав солзи за нив. Жал ми е што луѓето се лишуваат од милостивиот Господ. Еднаш му реков на духовникот: Жал ми е за луѓето кои се мачат во адот, и секоја ноќ плачам за нив и мојата душа толку пати што почнувам да ги сожалувам и злите духови. Духовникот ми рече дека таа молитва доаѓа од благодатта Божја.

Еден подвижник ме запраша дали плачам за своите гревови. Јас му одговорив: „Да, помалку, но за починатите многу солзи пролевам”. Тогаш тој ми рече: „Плачи за себе, а за останатите Господ ќе се смилува. Така советуваше игумен Макариј”. Го послушав и започнав така да правам. Престанав да плачам за починатите, но престанаа и солзите.

Ова го раскажав на еден друг подвижник кој имаше дар на солзи. Тој многу сакаше да размислува за страдањата на Спасителот, за тоа како Господ, Царот на славата, толку многу страдаше за нас, и секој ден пролеваше многу солзи. Го запрашав дали треба да се молиме за починатите. Воздивна и рече: „Доколку може, јас би ги извел сите од адот, и дури тогаш мојата душа ќе се успокои и ќе се зарадува”.

Изговарајќи го ова, со рацете направи движење како да собира снопови по полето и му потекоа солзи од очите. По ова, продолжив да се молам за починатите и солзите се вратија и многу плачев, молејќи се за нив.

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Архимандрид Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 480-486