Да бидеме како деца за да влеземе во Царството Небесно

Sv. Teofan Zatvorenik
Св. Теофан Затвореник

Преокупирани сте со прашањето за вечноста на мачењето. Тоа е добро дело! Но, кога почнавте да размислувате за тоа, во вас се собраа недоумици, кои не можете да ги решите, па почнавте да се двоумите и во самата вера на овој догмат. Ви се чини дека ако веќе постојат недоумици во однос на некој догмат, тогаш во него не може да се верува, зашто, божем во спротивно, верата не би била разумска туку слепа, т.е. би била рамна на суеверие. Поради тоа кај вас во главата се крена голема врева и бидејќи не сакате во ништо да се огрешите во однос на верата, барате вразумување. Јас сум подготвен да ја исполнам оваа ваша желба со задоволство и бидејќи кај вас целата забуна произлезе поради тоа што се плашите од слепата вера, па се зафативте за умствено расудување кое вас и ве заведе во магла, во која и сега се наоѓате, за почеток ќе ви кажам нешто за слепата и за созерцателна вера, и за тоа до кој степен треба да му се верува на својот ум во занимавањето со предметите на верата.

Значи, на слепата вера и е спротивна созерцателната вера. А што е тоа созерцателна вера? Созерцателна вера е онаа која јасно го гледа она во кое верува и поради кое верува. Јасното гледање во она во кое се верува, и ја опфаќа целата содржина на верата, е тоа дека Бог е Еден по суштина и Троичен во Лица; дека Тој целиот свет го создал со Своето Слово и дека за него промислува, како во целина, така и во делови; дека ние сме создадени за подобар живот, но сме паднале преку прародителите и еве се мачиме во прогонство; и дека сета оваа беда сме ја навеле самите на себе, но сме немале можност самите да се ослободиме од неа и затоа Синот Божји се овоплоти и нè ослободи нас од сето она на што се подложивме после падот, со Своите страдања, смртта, воскресението, вознесението на небесата и седењето од десната страна на Бога и Отецот – за секој од нас да стане заедничар во доброто на спасението извршено од Господа, Светиот Дух слегол врз Апостолите и преку нив ја основал Својата Црква на Земјата, за сите верни преку Светите Тајни да се препораѓаат за нов живот и да се поткрепуваат на секое добро, очистувајќи ги од секое зло и осветувајќи ги, подготвувајќи ги преку сето тоа за живот вечен и правејќи ги наследници на небесното Царство, а притоа сите верни синови и ќерки на Црквата Божја, кои себеси до крај ќе се сочуваат вакви, несомнено ќе го наследат Царството Божјо, додека оние кои и се неверни, ќе паднат во пеколот – на вечни маки. Сето тоа јасно го гледа и одредено го знае созерцателна вера.

Таа јасно и одредено ја гледа и причината, затоа што така верува. Значи, такви причини кај неа нема многу, туку е само една – таа така верува, затоа што Самиот Бог заповедал така, а не поинаку да се верува – и тоа е најразумната причина, од која нема ништо поразумно ниту поцврсто. Зашто, она што Бог го кажал, тоа е веќе, секако, најсовршена вистина, против која сите приговори се неумесни. Во полна смисла, вистинска вера е онаа кога некој верува само затоа што Бог така заповедал и кога за да би поверувал, не бара ништо повеќе да дознава од она што Бог го наложил да се верува и со тоа потполно се помирува, не допуштајќи си себеси никакви двоумења.

Ова е детска вера, безусловно верна на Бога – Својот Отец! Таква вера, всушност, Господ барал, кога рекол: Вистина ви велам, ако не се промените и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно (Мт. 18, 3). Од ова можете и самите без сомнеж да заклучите дали некој кој верува поинаку ќе влезе во Царството Небесно.

Таквата детска вера не е слепа, туку е созерцателна, и гледа сè со чисти очи. Таа не навлегува во умни испитувања и кога ќе дознае дека Бог нешто рекол, веднаш се помирува. Тоа е кај неа најверна, најцврста и најразумна основа на целото нејзино верување. Слепа вера е онаа која не знае во што треба да се верува, а ако знае, тогаш тоа е непотполно: исто така, не знае ни зошто треба да верува и не се грижи да го дознае ни едното ни другото. Таква е верата на поголемиот дел од нашиот обичен народ, но таа е присутна и кај образованиот слој, дури меѓу него има многу повеќе такви, ако не и најголем дел од нив. Кај обичниот народ не е реткост ниту силната детска – созерцателна вера, која секогаш е над учената вера.

Кај нас станал обичај на слепата вера да и се спротивстави разумната, под која се подразбира учената вера, т.е. онаа која не се задоволува само со причината дека Бог заповедал така и затоа верувам, туку на ова ги додава и сфаќањата на својот ум, и кога ќе почне да зборува за предметите на верата, за нив зборува така како тие да се достигнување на неговиот ум, срамејќи се дури и да спомне дека Бог така заповедал, зашто во тоа гледа понижување на својот ум. Кај други ова доведува до тоа тие да не сакаат да веруваат во ништо што не можат да го поведат според начелата на својот разум, и да го усогласат со множеството поими кои ги стекнале и ги востановиле во главата со погледите на постоечкото.

Нема никаков грев во тоа да се пронајдат некои мисловни поими заради појаснување на предметите на верата. Ова неретко го правеле и светите Отци. Но, треба да се забележи дека ова ништо не додава на суштината на верата и дека тоа е сосема споредно и додатно дело. Било тоа или не, верата во Бога, од тоа ништо не губи. Оној кој се здобил со такви поими кај Бога нема никакво предимство во однос на оние кои ги немаат, но искрено и јасно веруваат единствено затоа што Бог така заповедал. Оваа напомена треба цврсто да се држи во умот, за да не се роди во срцето лукаво претпоставување на своите сфаќања пред онаа единствена цврста основа: Бог така заповедал и затоа верувам. Во таков случај човекот излегува од детската вера и самиот себеси се изложува на опасности во кои се наоѓаат оние кои немааат таква вера.

Ако не бидете како деца, нема да влезете во Царството Небесно. Колку и да е мудар умот, тој крајно треба да стои на она дека Бог така заповедал и затоа верувам. Но, само по себе се подразбира дека според мерката на тоа како се дава првенство на своите сфаќања, верата слабее и го губи своето значење: а, каде што се верува само на своите сфаќања, таму и во потполност отсуствува верата, а насреде се умувањата за предметите на верата.

Кога во умот се изградуваат поими за предмети на верата, тогаш и најмногу доаѓаат недоумици кои ја колебаат верата. Навистина, тие се поткрадуваат и во душата со детска вера, но обично тука немаат место, зашто веднаш се истеруваат како некои искривени толкувања. Но, така треба да постапуваат и оние кои не се задоволуваат и не умеат да се задоволат со проста вера. Недоумиците против верата се во областа на верата, исто како што лошите помисли и извици кои се спротивни на добриот карактер и на заповедите се во сферата на животот. А, како ги среќаваме овие последните? – Ги одбиваме и тука е нивниот крај. Тоа истото треба да се прави и со првите. Дошле недоумици, изгони ги со мечот на верата, и крај. Тоа ќе биде најразумно дејствување. Кога јасно се знае, како Бог заповедал да се верува, дали е разумно против тоа да се допуштаат приговори? Кога Бог зборува, созданието е должно да слуша и да послуша.

Ова е првиот акт – да се одбие недоумицата и да се остане на страната на верата без двоумење. Кога тоа е направено и кога мирот на верата ќе се врати во срцето, тогаш оној кој сака може да бара разјаснувања против недоумиците. А, тоа не е тешко. Тие секогаш можат да се најдат во обновувањето на точното учење за предметот на верата, кој е подложен на напад од недоумици. Сите недоумици потекнуваат од тоа што некој предмет на верата се затемнил и јасниот поим за него не се согледува. Штом овој недостаток е надополнет веднаш и недоумицата се расејува самата по себе.

Против ова многу грешат оние кои штом ќе се јави некоја недоумица, веднаш преминуваат на нејзина страна и се подготвени непријателски да истапат против верата, мечтаејќи притоа дека започнуваат да дејствуваат на некој возвишен начин, а не како другите слепци. Прави ли добро оној кој само што ќе се појави лоша желба, преминува на нејзина страна и ја исполнува? Секако дека тоа е лошо. Зло прави и оној кому штом ќе му се роди некоја недоумица, веднаш заедно со неа се наоружува против верата. Кога недоумицата се допира до предметот за кој е познато Божјото определение, тогаш ваквото дејствување е богоборство. Законитиот начин на дејствување треба да биде следниот: кога ќе се појават недоумици, не ги пуштај до срцето и не го поматувај со нив мирот на верата; оттурни ги, стоејќи со срцето на страната на верата, а потоа барај разјаснување. Ако дојде разјаснување, тоа е добро; ако не дојде, тоа не е голема несреќа. Мирот на верата е сочуван, и тоа не на слепата, туку на онаа која гледа и знае, како што заповедал Господ. Заповеда нелажниот Господ, а недоумиците ни ги создава нашето умче – бунтовно и слепо.

Со овие појаснувања ќе се ограничам засега, а разјаснувањето на вашите недоумици го оставам за следниот пат.


Извадок од книгата: Св. Теофан Затвореник, Писма на вечното спасение, Журче – Демир Хисар 2015, 5-10