Догмите во нашиот живот – II дел

Догмите се закон Господов, кој е „беспрекорен, кој ги обраќа душите“ од заблудата па дури и од смртта. Тие се „сведоштво Господово“, кое е „вистинито“, кое и младенците ги умудрува. Тоа се права Божји кои го радуваат срцето, а совеста човечка ја прават светлина, светлина што гледа и го разгонува мракот.

Тоа, мили мои, е догмата што ја поддржувал и Св. Григориј Палама. Но пред да продолжиме, ајде накратко да разјасниме што значи поимот догма.

Догма е мислење, увереност, некаква заповед што ја дава царот, или некој владика, или Соборот. Догмата е нешто што е заповедано. Но зборот догма има и едно подлабоко значење што се користи во богословието, значи заедница со Бога. Доаѓа од глаголот δέχοθμαι (прима, прифаќа), кој во себе го содржи поимот на личносно придвижување кон оној кого го прифаќам, и кој, според мојата волја, сега веќе управува со мојот живот. Според тоа, догмата значи дека Го примам Бога „каков што е“. Го примам личносно, слободно, со доброволна вера. Доброволно себеси, срцето свое го правам сад за да би можел да го исполнам со словото Божјо. Догмата, значи, е учење и мудрост на Црквата што ја избирам и спремно прифаќам од љубов кон Мајката Црква, која е чувар на богатството на Божествената благодат. Тоа значи дека од сега па натаму, Го избирам Бога, онака како што за Него учи и верува Црквата.

Догмата ме соединува со Бога и со Црквата. Таа за мене е заедница, присуство Божјо кое го прифаќам, кое го примам, па според тоа догмата е моја прегратка со Бога. Догмата е автентично мислење на Црквата, православно чувство за Бога, самосвест на Црквата дека е тело Христово, тело на Вистинскиот Бог, дека таа самата е Христос. Тоа е исто како да кажам: јас сум тој и тој. Јас го знам тоа, и верувам во тоа. Тоа е мојата догма. Не го менувам својот идентитет. Таа е потполна сигурност на Црквата и верните, не се обидува да ги убеди другите, не бара ништо, само во своите прегратки го прима Оној Кој доаѓа.

Догмата не е наметлив закон, не е несфатлив философски поим, ниту репресивна и задолжителна обврска, ни заканувачка одредница на нашиот живот, не подлежи на философски толкувања. Таа е идентитет на Црквата: ни кажува што е Црква, а што (Кој) е Бог.

Догмата го поедноставува она што е таинствено и тешко разбирливо, за да ни биде поедноставно и подостапно. Бог како суштина е непоимлив, недопирлив, недостапен, непристапен, трансцендентен, небесен. На човечкиот ум му е невозможно да ја сфати Неговата природа. За да можеме да Го разбереме, треба некој да ни објасни како Он дејствува, како се надвиснува над нас. Зарем не вели: „Отецот Мој до сега работи“? Бог постојано дејствува во срцата наши, во Црквата Своја, во човечката заедница, во рајот, дури и во длабините на пеколот, во подрумите на ладните срца и загушливата совест, и во непромислените човечки умови, за ако може некого да спаси. Како дејствува Бог? Како несоздадената Божја енергија доаѓа до нас? Токму тоа како, на кој начин, откровението на Бог Кој слегува, е всушност догма.

Да претпоставиме дека набљудуваме некој како полека, храбро слегува од врвот на некоја планина. Со леснотија го следиме, неговите траги се веќе видливи. Догмата е баш тоа: Следење на енергиите Божји, оцртување на Неговите чекори. Ако сакам, можам да Го уловам Бога, да Го гушнам, цврсто да Го прегрнам, да се хранам со Него, да Го поставам во себеси, така што да пребива во срцето мое, кога јас ќе бидам Негов син и ќерка, и ќе ми биде според Бога. Несоздадениот Бог слегува од високите планини, од небото, доаѓа кај мене создадениот, грешен човек за да ме соедини со Себе. Бог слегува за јас, создадениот, во својата утроба да Го примам Духот, несоздадената енергија. Како можам да го постигнам тоа? Тоа ми го кажува Самиот Бог, и ние тоа го нарекуваме догма.

Продолжува