Се упокои во Господа Старец Емилијан Симонопетриски

Денeска утрово, четврток, деветти мај 2019 лето Спасителово, се упокои во Господа поранешниот игумен на светогорскиот Манастир Симонопетра, Старец Емилијан Метеоритски и Симонопетриски.

Старецот Архимандрит Емилијан, во светот Александар Вафидис, Игумен на Манастирот Симонопетра од 1973 до 2000 година, се родил во Никеа Пиреос во 1934 година од благочестиви родители, со малоазиски корени.

Дошол во Трикала во 1960 година и се потчинил на тамошниот пастироначалник, којшто на 9 декември 1960 година го потстрижал за монах со името Емилијан. Како монах бил запишан во монахословот на Свештената Обител на Свети Висарион – Дусико. На 11 истиот месец, Високопресвештениот Митрополит го ракоположил за ѓакон во храмот на Света Параскева во Трикала и во продолжение го испраќал во различни манастири на Метеорите, кои во тој период имале недостаток на монаси, сѐ додека не го ракоположил за јеромонах во Светата Обител Витума, за време на празникот Успение на Пресвета Богородица, во 1961 година.

По неочекуваното заминување при Господа на блаженоупокоениот Митрополит Дионисиј, во јануари 1970 година, заради потребата за поголема тишина и соодветен монашки типик, подалеку од метежот и туризмот, како и поради настојувањето на тогаш недоволно населената Обител Симонопетра, кон крајот на 1973 година братството од Метеорите се преселува на Светоименитата Гора.

Бидејќи местото на игуменот во Светата Обител било испразнето  поради упокојувањето на блажениот Архимандрит Харалампиј, Старецот Емилијан, на 25 ноември 1973 година, бил избран за игумен од старите браќа на Манастирот, и согласно светогорскиот типик, бил востоличен на 17 декември од Свeшетената Заедница на Света Гора.

Старец Емилијан е една од најмаркантните личности во Православието во 20-от  и почетокот на 21-век. Тој спаѓа во редот на возобновителите на светогорското општежително монаштво. Беше духовен отец и на сестринството на Светата Обител „Благовештение на Пресвета Богородица“ во Ормилија. Зад себе остави огромно духовно наследство и возвишени поучителни беседи и дела.

Царство му небесно и вечен му спомен!