Црквата Христова му упати последен поздрав на блаженоупокоениот Старец Емилијан Симонопетриски

Блажен е патот што го врвиш денес, зашто ти се приготви место за почивка.

Со победоносното сјаење на пасхалните зраци од Христовата победа над смртта, засветли и душата на големиот светогорски старец и современ учител на Црквата Божја, Архимандритот Емилијан Симонопетрски, којашто во четвртокот утрото си замина мирно од овој привремен свет во пределите на безвремената ангелска радост.

Духовното величие на овој благороден Старец и вистински монашки татко допрва ќе се покажува. Но и самото негово погребение вчера, во Свештената Киновија „Благовештение на Пресвета Богородица“ во Ормилија, беше доволен показател за неговото непроценливо наследство.

Епископи, свештеници, монаси и монахињи и недоброен народ притекна од сите страни на Европа, но и од далечната Америка, за да ја испратат блажената душа на Старецот и да си земат последен благослов од него. Среде монашкото мноштво собрано во чест на отец Емилијан, беше и нашиот Старец, Архимандрит Партениј, со дел од своето братство и сестринство.

Претставникот на Вселенскиот Патријарх, Митрополитот Милетски, г. Апостолос, го прочита патријаршиското послание. Во продолжение Старец Продром, Игуменот на Свештената Обител на Великата Лавра, произнесе погребно слово, претставувајќи ја Светогорската монашка заедница. Следно говореше Старец Василиј Гондикакис, Игумен на Свештената Обител Ивирон, опишувајќи го накратко и со топли зборови делото и духовното богатство што ги остави зад себе блаженоупокоениот Старец.

Накрај, неговото духовно чедо и наследник, Старец Елисеј Симонопетриски, трогнат до солзи, го отпоздрави својот блаженоупокоен Старец. „Кој те запознал тебе, а не те возљубил? Кој разговарал со тебе, а не се утешил?“ – низ плач го запраша отец Елисеј својот духовен родител и го замоли: „И сега, кога си замина од одовде, немој да нѐ оставиш сираци, но застапувај се за нас пред Господа…“

„Моли се, Старче, и за нас, да преминеме од верата во љубовта и од надежта во доживување на Воскресението.

Си замина во ден на радост, во воскресниот период, во период кога пееме: ‘Христос Воскресе’.

Си замина од распадливоста и болеста, за веќе да се најдеш внатре, во земјата на нераспадливоста и на благодатта.

Си замина, ама не си замина. И ти вкуси смрт за да живееш вечно, како што секој човек го вкусува раѓањето за да дојде во светлина и во животот…

Вечен ти спомен, достојноблажен отче Емилијане!“

(Извадок од словото на архим. Павле Пападопулос)

Имате ли забележано кои луѓе се возљубени и барани? Оние што служат, коишто од крај до крај се мирни и волни да го примат мислењето на другиот, неговата желба, поглед, неговата енергија, неговиот грев, неговата страст, неговото благородство, неговото неблагородство, чијашто благочувствителност е свртена кон Бога и кон луѓето.

Спротивно, оние што сакаат да се заштитуваат себеси, кои сакаат да имаат место, мислење, поглед, да бараат право, да го наметнуваат своето мислење – слушни ме, велат, и потоа прави што сакаш – стануваат антипатични. Зошто да те слушам, бре брате? Јас тоа сакам да го правам. Секако, од смирение и мудрост – истото е тоа – ќе те слушам, но ти губиш. Оној што ги остава другите недопрени од неговото присуство, којшто ги остава слободни да прават што сакаат и единствената негова врска со нив е врската на служењето, на услужувањето, на последниот човек, простиот, смирениот, неизвештачениот, тој секогаш е возљубениот. Оние што бараат, посакуваат, настојуваат, нив, ги гледаш оддалеку и ги избегнуваш.

Сето ова нема место во една душа што се очистува и се подготвува за Бога. Кој не внимава и не ја поткрепува волјата Негова, мислењето Негово, тој стекнува непријателство, него не го сака никој.

— Старец Емилијан Симонопетриски

Нашето монашко братство најтопло им благодари на Старецот Елисеј и на неговото симонопетриско братство, како и на сестринството на Ормилија за евангелската љубов со која нѐ примија и нѐ примале, но и за сите добродетелства што, согласно Христовото учење за љубовта, ги имаат направено кон нас, кон нашата Црква и кон православниот народ во нашата земја. Навистина, духот на блаженоупокоениот Старец Емилијан продолжува силно да живее во овие две монашки заедници и во неговиот достоен наследник.

Христос Воскресе!