Духовното раководство како служба на помирување меѓу човекот и Бог – IV дел

Во суштина, духовниот отец прави апостолско дело. Тој го подражава апостолот Павле и го проповеда исклучиво „Христос, и тоа – Распнатиот“ (1 Kop 2, 2, cf. 1, 23; Гал 3, 1), та луѓето да познаат дека е Христос Божја сила и Божја мудрост” (1 Кор 1, 24). „Христијаните се вдахновени од видението на распнатиот Бог“, на „непорочното и чисто јагне-Христос“ (1 Птр 1, 19), кој ја носи тежината на превртената пирамида, та претпочитаат „да трпат неправда“ (1 Кор 6, 7), зашто да трпите неправда „поради Христос“ (cf. Фил 1, 29) е „угоден“ дар од Бога (1 Птр 2, 19-20).

Сите несреќи во историјата на Црквата се случуваат поради тоа што никој не сака да поднесе неправда. Сите сакаме да ги истакнеме нашето достоинство и правда; никој не сака да преземе вина или да претрпи мала неправда, иако Господ ни вели да не му се противиме на злото и да претпочитаме несправедливо страдање, како што св. Павле ги убедува Коринтраните, одошто да водиме спор пред граѓански суд (cf. Kop 6,7).

Постојано истакнувајќи им ја на своите чеда „теоријата“ на обратното гледиште од Евангелието, духовиот отец го распалува во нив дејството на Божјата благодат. Тој ги води до благословената чест да ги носат „белезите на Исус“ (Гал 6, 17) врз нивните тела и да страдаат несправедливо заради Христос, Кој „отпрвин нè возљуби“ и „се даде Себеси за нас“ (1 Jн 4, 19). Оваа „теорија“, со поддршка од духовникот, може да ги води неговите духовни чеда кон совршен подвиг и вдахновение, така што нивна животна цел да стане желбата „да се возвеличи Христос… – било со живот, било со смрт“ (Фил 1, 20).

Co други зборови, отец Софрониј истакнува дека од гледиштето на превртената пирамида, вистинска победа, онаа што неприкосновено трае цела вечност, е победата извојувана преку „раните“ (cf. Ис 53, 5) на добриот Пастир. Оние што одат по Неговите стапки, оние што, и покрај страдањата, остануваат верни на Неговата љубов, стануваат учесници и наследници на оваа победа. Како што вели св. Петар, врз нив почива „Духот на славата, Духот Божји“ (1 Птр 4, 14) и тие раѓаат невенливи плодови.

Животот на духовниот отец, кој долго пребива во покајна тага, богат е со промени меѓу радоста и болката. Следејќи Го Христос, Кој ги прегрна „во еден вечен чин небесата и земјата и подземните области“, и Божјиот слуга, минувајќи низ повторливи падови и возвишувања, цврсто и непрекинато ги донесува во своето срце „и рајот и пеколот“. Неговото око се избиструва, а неговото срце, како што имаше обичај да каже отец Софрониј, станува како радар што ја открива целата земја одеднаш, како молња што минува од едниот до другиот крај на земјата. Ова, всушност, отец Софрониј го сметаше за „знак на … доближување до Христовото подобие“.

Пребивајќи во иста состојба како и Христос, духовниот отец станува врата кон вечниот живот при секоја средба со духовното чедо. Како што семоќниот Бог изговори „зборови човечки“, но преку нив ја откри вечната мера на Своето апсолутно битие, така и Неговиот слуга кажува обични зборови, но ја пренесува благодатта и станува средство за повторно раѓање на браќата.

(Продолжува…)