За да распалите во себе поголема љубов кон Бога, размислувајќи за небесната тајна на Телото и Крвта Христови, размислете за љубовта што Бог ја покажува кон вас со оваа Тајна.
Сетете се дека ние, од наша страна, не сторивме ништо за да ја заслужиме Божјата љубов. А Бог толку многу нè сакаше што ни се предаде нас, Неговите најнедостојни созданија.
Сетете се дека оваа љубов, во својата чистота, не личи на љубовта на човекот кон човек, која се дава и очекува нешто за возврат. Господ нема потреба од ништо надворешно. Затоа, ако не опсипа со љубов, не го стори тоа за Себе, туку само за нас.
Размислувајќи за тоа, кажете: Колку е прекрасно сето тоа! Севишниот Бог ми го понуди мене Своето срце, на Неговото најнепознато создание. Што сакаш од мене, Цару на славата? Што очекуваш од мене, кој сум само прашина? Во светлината на Твојата неизмерна љубов, гледам дека сакаш да ми се подариш Себе како храна и пијалок, и тоа без друга причина освен да ме претвориш во Тебе. Не затоа што Ти имаш потреба од мене, туку што јас имам потреба од Тебе; бидејќи со овој сојуз во љубовта, Ти живееш во мене, а јас во Тебе и станувам како Тебе. Со соединувањето на моето земно срце со Твоето небесно, во мене се создава божествено срце.
Ќе бидете исполнети со радост кога ќе станете свесни колку Бог ве сака и ве подигнува високо во желбата да го засакате и вие Него и да се оттргнете од приврзаност кон нештата и себеси и да му се принесете Нему, на вашиот Бог, како жртва сепаленица, така што во текот на целиот живот со твојот ум, волја и со сите чувства да владее само љубовта кон Него и силната желба да Му служиш. Затоа, гледајќи во светата тајна Причест, отвори го срцето и помоли се:
О, лебу небесен, кога ќе дојде часот да се жртвувам целиот за Тебе, не на кој било друг оган, туку на огнот на твојата љубов? Кога, Ти совршена љубов и Лебу на животот, ќе почнам да живеам само со Тебе, за Тебе и во Тебе? Кога јас, животе мој прекрасен, сладок и вечен, ќе се оттргнам од се друго и ќе започнам да те сакам само Тебе и да се хранам само со Тебе? Господи, мој Господи, откини го моето бедно срце од останатите обврски и склоности, украси го со Твоите свети доблести и исполни го со расположение да стори се само за да Ти служи. Тогаш ќе го отворам моето срце, ќе Те повикам да влезеш во него и да направиш во него сè што правиш во душите на оние кои ти се целосно посветени.
Во такви мисли и чувства, поминете ги вечерта и утрото, подготвувајќи се за света Причест. А кога ќе се приближи светиот час на Причест, со смиреност и топлина на срцето, живо замислете кој сте и Кој е Оној што треба да го примите.
Тој е Син Божји пред Кого треперат небото и сите сили, Свет над Светите, посветол од сонцето, самата чистота, Кој од љубов кон вас зеде форма на слуга, беше презрен, исмеваи и распнат, останувајќи Бог во чија рака е животот и смртта на целиот свет. А кој си ти? Ништо и понизок од ништо.
Потоа пристапете кон Света Причест со свет страв и љубов, велејќи: Јас сум недостоен, Господи, да Те примам затоа што сè уште не сум се исчистил од приврзаноста кон она што не го сакаш. Не сум достоен да Те примам, бидејќи сè уште не сум се предал целосно на Твојата љубов и Твојата волја. Но, Ти, предобар Боже мој, по Твојата безгранична љубов, удостој ме за да ме примиш, бидејќи ти приоѓам со вера.
Откако ќе се причестите, затворете се во длабочините на вашето срце, заборавете на сето создание и молете се:
Севишен Цару на небото и земјата, Ме удостои мене недостојниот со Твојата љубов. Помогни ми во жртвеникот на моето срце да гори само огнот на мојата љубов кон Тебе и тој да ја изгори секоја друга љубов и секоја друга желба, освен желбата Тебе да Ти се принесам како жртва сепаленица. Никогаш не сакаше ништо друго од мене и сега не сакаш.
Слушни ги сега, Господи, заветите на моето срце! Тука ја соединувам мојата волја со Твојата волја и како што ми се даде целиот Ти мене, и јас исто така ти се предавам целиот на Тебе за да бидам целиот во Тебе, Знам, Господи, дека тоа не може да биде ако не се одречам целосно од себе, ако во мене остане и најмала трага од самољубие, ако во мене остане расположение да ја направам мојата волја во што било, или да ги ценам моите мисли, или да ги задржам моите навики на самоугодување.
Затоа отсега сакам и посакувам да се спротивставувам на себе си во сè, ако мојата душа сака нешто што не ти е угодно и да се принудам да направам сè што е според Твојата волја, дури и ако сè во менеи надвор од мене се крева против тоа. Јас не можам да успеам во тоа со моја сопствена сила, но бидејќи од сега си со мене, се надевам дека Ти ќе правиш во мене она што е потребно. – Сакам моето срце да биде едно со Твоето и се надевам дека ќе биде со твојата благодат. – Не сакам да гледам, да слушам, да мислам и да чувствувам ништо друго освен она што ме учат Твоите заповеди и се надевам дека со Твоја помош ќе го постигнам тоа. – Сакам моето внимание да не се оддалечува од срцето во кое се наоѓаш, туку постојано да престојувам во него, да гледа во Тебе, да се грее со топлината што доаѓа од Тебе и се надевам дека, благодарение на допирот со Тебе, ќе биде така. – Отсега натаму, сакам да бидеш мојата единствена светлина, моќ и радост, и се надевам дека ќе биде така, благодарение на твоето спасоносно влијание врз мојата душа. Затоа се молам и ќе се молам постојано.
О, Премилостив Господи, нека биде така, нека биде така!
Потоа, грижете се од ден на ден сè повеќе да ја загревате во себе желбата да ја примате оваа тајна и обидете се да ја правите само волјата Божја и таа да биде ваша патеводителка во сите духовни и телесни дела. Секој пат кога ќе се причестувате, причестувајте се со бескрвната жртва и принесувајте се како жртва на Бога, односно изјавете ја својата совршена подготвеност дека од љубов кон Господа, Кој се жртвуваше за нас, ќе претрпите секаква неволја, секаква тага и секакво неправедно обвинување што може да ви се случи во животот.
Свети Василиј Велики, зборувајќи за должноста што Светата Причест ни ја налага, ги спомнува зборовите на апостол Павле дека оние кои се причестуваат со Телото и Крвта на Господ, ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде (I Кор. 11:26). И Господ претрпе смрт за сите луѓе, и секако за оние кои се причестуваат. За што? А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна (II Кор. 5:15). Затоа, оние кои се причестуваат со вера, љубов и подготвеност да бидат верни На Божјите заповеди, дури и по цена на својот живот, ја преземаат обврската да не живеат повеќе за себе, ниту за светот, ниту за гревот, туку за Оној Кого со Светата Причест го примија – за Господ Бог Кој умре и воскресна за нив,
Конечно, примајќи Го во светата Причест Господ, Кој се жртвуваше за нас и силата на таа жртва, вознесете му на небесниот Отец и во нејзино име благодарење, пофалби, а потоа и молитви за вашите духовни, душевни и телесни потреби, за светата Божја црква, за своите домошни, за своите добротвори и за душите на оние што умреле во верата.
Соединети со жртвата со која Синот Божји ни измоли од Отецот секаква милост, овоа молитва ќе биде услишана и нема да остане без плод.
Извадок од книгата: Свети Никодим Агиорит, Недвидлива борба, Повардарска епархија – „Св. Ѓорѓи Полошки“, 2021 стр.:151-155