Силна жештина и тешка суша, но не пресушила вашата подготвеност, ниту, пак, се изгаснил вашиот копнеж за слушање. Впрочем, таков е огнениот и буден слушател: полн со љубов за слушање, сè поднесува, само да ја задоволи својата духовна желба, па така ни студ, ни суша, ни секојдневните обврски, ни мноштвото грижи, ниту нешто слично не може да го спречи. Исто како и оној што сака да се истегнува и лежи не би можел да го подигне ни благорастворен воздух, ни слободното време и сигурноста, ни леснотијата и опуштеноста, туку тој продолжува да спие во некаков сон за многумина достоен за осуда. Но, вие не сте такви, туку сте подобри од оние дојденци кои го населуваат нашиот град. Бидејќи главата на овој град сте вие, толку полни и трезвени, вие кои со силна строгост ги следите беседите. Таа глетка е величествена, поголема од царска одаја. Бидејќи, работите таму што се даваат, какви и да се, исчезнуваат заедно со овој живот, збунувачки се и исполнети со грешки, а тука нема ништо од тоа. Тука е целата сигурност, почитување ослободено од грешки и тукашната власт нема крај. Таа не завршува со смртта, туку тогаш уште посилно продолжува да суштествува. И ве молам, немојте да ми ги посочувате оние што седат во колите со подигнати веѓи и куп копјеносци (телохранители) околу нив, ниту нивното опкружување; немојте да ми карактеризирате владетели на ваков начин. Опиши ми владетел според неговата духовна состојба, доколку ги совладува своите страсти, доколку ги совладува болестите на душата своја. На пример: доколку владее со похотата за парите, доколку ги совладува своите телесни страсти, доколку не го јаде завист, ако не го измачува тешката страст на суетата, доколку не се плаши од сиримаштвото, од промени кон полошо. Таквиот ас покажи ми го, бидејќи тоа е власт. А, доколку тој од една страна владее со луѓето, а од друга страна му робува на страстите, јас за него би рекол дека тој од сите луѓе е најголемиот роб. И е налик на оној кој длабоко во своето тело има скриено воспаление, но на површината на телото ништо не се покажува – а лекарот секако потврдил дека воспаление има, без разлика што обичните луѓе тоа не го забележуваат. Токму така и јас би постапил со оној кој има робовска душа, кој е заробеник на страстите, иако однадвор ништо не се покажува; тој е најголем роб, бидејќи таквиот длабоко во себе има пожар од зло и тиранија од страсти кои се востоличиле во неговата душа. Додека, пак, првакот, асот кој е послободен и поголем цар од сите цареви, и во искината облека да го одведат, и во темница да живее окован со окови, тој кој тргнал од себе таква тиранија, кој не е зафатен од страсти, ниту, пак, има бесмислен страв од сиромаштво и немање висок општествен сталеж, таквиот не се плаши од оние работи кои во овој живот се сметаат за мачни.
Таквата власт не се купува со пари, ниту, пак, со себе ја носат завидливците; за неа не знае јазикот на клеветникот, ниту, пак, окото на озборувачот; таа не знае за подметнување на сплетки, туку живеејќи како во некој азил на мудрољубието, засекогаш останува несовладлива и не отстапува во тешките животни околности, до самиот крај. Тоа го докажуваат Мачениците, чиишто тела се распаднаа и станаа прав и пепел, но нивната власт секојдневно живее и делува, изгонуваат демони и лекува болести. Гледате ли дека не залудно се рекло дека оваа глетка е повеличествена од царска одаја? Тамошните настани се налик на листови кои венеат и сенки што ползат, а она што тука се прикажува изгледа како усвитено железо, или уште подобро: и од него е поцврсто, бидејќи тоа се бесмртни работи, неподвижни, кои никогаш не трпат никакви промени, а сепак, оние кои ги љубат приоѓаат без страв, ослободени од антагонизам и кавги, од завист и осуда, од сплетки и кодошења. Затоа што овоземните добра носат многу завидливци, а духовните, колку повеќе ги има, толку повеќе го покажуваат своето богатство. Тоа може да го видите со беседите. Зашто своите беседи ги давам на сите; ако, пак, ги задржам дома, за себе, станувам посиромашен, а ако ги излеам на вас, како сеење семе на нива, ја зголемувам својата благосостојба, правејќи ве вас побогати, а со тоа нималку осиромашувајќи се себеси; станувам побогат, што со пари не може да се случи. А ако решам своето насобрано злато да го разделам на сите, повеќе не ќе можам да го споделувам претходното богатство, бидејќи тоа со делењето се намалува.
Превод: Ана Масларова