Мајка

„Најважното дело што човекот може да го направи Христа ради е она кое тој може и треба да го направи во својот сопствен дом. Мажите имаат свој удел во тоа, тие се храбри, сериозни, но вистинскиот творец на домот е мајката. Начинот на којшто таа живее на домот му дава посебна атмосфера. Бог им се открива на децата најпрвин преку нејзината љубов. Како велат: ’Бог ја создал мајката за да им стане поблизок на сите‘. Прекрасна мисла! Мајчинската љубов како да ја овоплотува Божјата љубов и таа го опсипува животот на детето со нежност“, напишала царицата Александра Фјодоровна. Да се биде мајка – тоа е служење, а првиот услов за верно служење е несебичноста. Мајката која е вистински предадена на својот призив, не вели: „Еве го мојот син што за себе си го родив“, туку: „Еве го човекот кој е роден за да му биде полезен на светот“, вели протојереј Димитриј Соколов.

Родителите треба да бидат такви какви што еден ден би сакале да ги видат и своите деца, и тоа не само во зборовите, туку пред сѐ во делата. Особено мајките треба неуморно да бдеат над своите чеда, да ги воспитуваат во духот на побожноста, послушноста, кротоста, трпеливоста, смирението, добрината, радоста, љубовта. Тие се должни да ги поучуваат децата преку сопствениот животен пример. Денес не ретко се случува мајките да не сакаат да најдат време да се занимаваат со своите деца, било поради својата професија, поради кариерата, или, пак, поради домашните обврски. И најчесто нивните деца се воспитани од улицата, од надворешниот свет во кој главно провејува духот на егоцентризмот, себичноста, безбожноста. Некои од денешните жени можеме само да ги сожалуваме, зашто живеат во околности кога мајчинскиот труд и пожртвуваност не се вреднувани ни од средината во која живеат, ни од општеството, ниту пак, од државата; сѐ почеста појава е таткото да не е во состојба да го прехрани семејството, така што жената е принудена сама да работи и да придонесува за семејството и како последица на тоа да одвојува само малку време за својот сопруг и деца. Девојките – идните мајки, и воопшто сите млади луѓе, не чувствуваат никаква сигурност во иднината, брзаат да стекнат образование, да специјализираат за да не останат без парче леб. Да, сето тоа е убаво и особено потребно во современиот свет. Но водејќи грижа само за овие второстепени нешта, младите како да немаат време да размислуваат за идниот семеен живот, го занемаруваат она најважното што Господ го очекува од нив, особено од родителите, – грижата за децата, а пред сѐ за нивните души. За бесмртните човечки души кои Он, од раѓањето па сѐ до нивната зрелост, ги доверил на татковците и мајките.

Консултирана литература: „Како васпитавати децу“, Марина Кравцова