Верата како природна состојба на човекот – I дел

Како луѓето да стекнат природна вера? Тоа можеме да го сфатиме ако знаеме зошто и како луѓето ја изгубиле верата. Преп. Максим Исповедник објаснува: сме ја изгубиле верата кога после гревопадот се изменила нашата природа – се изобличила нашата душа. Душата, целосна и единствена по својата природа, после гревопадот ја изгубила таа целосност. Додека првосоздадените души на совршените Адам и Ева биле насочени кон Бога и разумното начело на нивните души раководело со сите останати нивни сили, со нивните чувствени начела и слободна волја, по првородниот грев душата се изменила. „И жената, гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење и убав за гледање“ (Битие, 3, 6) – чувствата стекнале првенство, разумот им се потчинил и ете таа промена на душата, таа промена на нејзината природа, како нејзино своевидно разделување на различни сили, довело до губење на верата. И затоа верата, истакнува Преп. Максим Исповедник, е некаква целосност на нашата душа, кога сите сили се соединети заедно во едно својство. Затоа верата не може да биде спротивставена на разумот. Разумот, тој е само едно од својствата на нашата душа, кое се разликува од нашата слободна волја и нашите чувствени перцепции и емоции. А верата е својство на целата душа.

Токму затоа верата не е против – разумна, туку надразумна. Како што пишува, на пример, Св. Григориј Палама: „А јас и светата наша вера би ја сметал за предводничка на секое чувство и секое сфаќање од созерцанието на нашето срце, бидејќи таа ги надминува сите умствени способности на нашата душа“. А Преп. Максим Исповедник оди уште подалеку во таинственото, мистичко толкување на многу фрази во Светото Писмо; тој вели: „Христос е, како што сметаме ние, воипостасна вера“; „Верата во Бога е исто што и самото Царство Божјо и тие само мислено се разликуваат едно од друго. Бидејќи верата е неоформено Царство Божјо, а Царството Божјо е вера која на божествен начин стекнува своја форма“.

Отците на Црквата нѐ приведуваат кон еден заклучок: верата не е само слободен избор на човекот, не е само согласност со секаква одредба; верата е една природна состојба на човекот, којашто се изгубила како последица на гревопадот. Верата, како што пишуваат руските философи Иван Василевич Киреевски и Алексеј Стефанович Хомјаков, може да биде споредена со видот. Верата е способност да се види светот, а неверието е слепило. Ние сега сме како слепи во однос на Бога, и за да се излечиме од тоа слепило неопходен ни е добар лекар. Како што физичкото слепило се исцелува само со хируршки зафат, извршен од искусен лекар, така и духовното слепило – неверието – може да биде излекувано само од Лекарот – Бога, Кој ни дава благодат и ги соединува сите сили на нашата душа во некоја единствена целосна состојба. И во таква состојба – повторно прекрасните зборови на Св. Јован Златоуст – невозможно е да не се верува на невидливото. Ете токму тоа и е вистинската, правилна вера.

Продолжува