Молитви кон Пресвета Богородица. Молитва прва

Пресвета Владичице, Богородице, единствена најчиста и по душа и по тело, единствена повисока од секоја чистота, целомудрие и девство, единствена Која исцело обител на целата благодат на Сесветиот Дух си станала; Која уште тука и самите невештествени Сили, по чистота и светост на душата и телото, неспоредливо си ги надминала, погледни кон мене проклетиот и нечистиот, кој си ги оцрнив душата и телото со скверноста на страсниот и сластољубив мој живот; очисти го острастениот ми ум, измиј и исправи ги заблудените и заслепени мои помисли, приведи ги во поредок и раководи ги чувствата мои, ослободи ме од мачителната, зла и гнасна навика кон нечисти предрасуди и страсти, сопри го секој грев што дејствува во мене и дарувај му трезвеност и расудување на помрачениот и окајан ми ум за исправање од моите порази и падови, та избавен од гревовната темнина, да се удостојам со слобода да Те прославувам и да Те воспевам Тебе, единствената вистинска Мајка на вистинската Светлина – Христос, нашиот Бог; зашто си единствена со Него и преку Него благословувана и прославувана од секоја видлива и невидлива твар, сега и секогаш и во веки веков. Амин.


Извадок од: “Precationes ad dei matrem”, Sancti patris nostri Ephraem Syri. Оpera omnia, ed. Konstantinos G. Phrantzoles, vol. 6. Thessalonica 1995, 354-355.
Превод од старогрчки:
Братството на Свештената Бигорска Обител