Прекрасното житие за преподобниот отец наш Виталиј Монах

Преподобен Виталиј Александриски

Преподобниот Виталиј Александриски бил монах во манастирот на преподобниот авва Серид. Дошол во Александрија за време на светителството на Свети Јован Милостив, Патријарх Александриски (609-620).

Преподобниот Виталиј, кога достигнал старост (околу 60 години), се осмелил да земе на себе необичен подвиг: тој во својот поменик ги запишал имињата на сите блудници во Александрија и започнал усрдно да се моли за нив. Работел од утро до вечер и секој ден заработувал по 12 бакарни монети. Вечерта, Светиот си купувал малку гравче, коешто го јадел не порано од заоѓањето на сонцето. Останатите пари тој ги давал на една од блудниците, кон којашто приоѓал ноќе и ѝ велел: „Те молам, чедо, земи ги овие пари, сочувај се себеси чиста во оваа ноќ и не греши со ништо“. Потоа Преподобниот се заклучувал со блудницата во нејзината соба и додека таа спиела, Старецот цела ноќ се молел, читал псалми, а утрото тивко си заминувал од кај неа. И така тој правел секој ден, посетувајќи ги со ред сите блудници, при што барал од нив да се заколнат дека ќе ја чуваат во тајност целта на неговата посета. Жителите на Александрија, не знаејќи за неговата праведност, се смутувале од поведението на монахот, го навредувале на секаков начин, а тој покорно и кротко ги трпел сите исмевања и само барал од Бога благодат да не ги осудува другите.

Светите молитви на преподобниот Виталиј спасиле многу од грешните жени. Некои од нив длабоко се покајале и заминале в манастир, други се омажиле и продолжиле да живат во чесен брак, трети почнале чесно да работат. Но тие се плашеле да ја откријат причината за своето исправување и со тоа да ги отстранат сите обвиненија против преподобниот Василиј, затоа што биле врзани со заклетва што од нив ја барал Светиот. Кога една од жените ја нарушила оваа заклетва и фатила да го оправдува монахот, таа едноставно побеснала. После овој случај александријците воопшто не се сомневале во гревовноста на Преподобниот, сметајќи дека оваа жена ја стасала праведна казна бидејќи не ја говорела вистината.

Некои членови од клирот на Црквата, соблазнувајќи се од поведението на монахот, се пожалиле од него на светиот Патријарх Јован Милостив. Но тој не им поверувал на доносниците и им рекол: „Престанете да осудувате, а особено немојте да ги судите монасите! Зар не знаете што се случило на Првиот Никејски Собор? Некои од епископите и клирот доставиле едни против други писмени клевети до блаженоспоменуваниот цар Константин Велики. Тој наредил да му донесат запалена свеќа и дури не читајќи ги писмата, ги изгорел и рекол: ’Кога јас со сопствени очи би видел како греши некој епископ, или свештеник, или монах, би го покрил таквиот со својата одежда за никој да не би го видел неговиот грев‘“. Така мудриот Светител ги посрамил клеветниците.

Преподобниот Виталиј го продолжил својот тежок подвиг: прикажувајќи се пред луѓето како грешник и блудник, тој ги приведувал заблудените кон покајание.

Еднаш, излегувајќи од блудилиштето, Преподобниот се сретнал со некој младич – блудник што одел таму и младичот, пцуејќи го, го удрил силно по лицето, дерејќи му се дека го срами Името Христово. Преподобниот му одговорил: „Верувај ми дека поради тоа што ме удри мене, смирениот, и ти ќе добиеш таков удар по лицето, што цела Александрија ќе потрча на твојот крик“.

По некое време, Преподобниот Виталиј се населил во некоја мала колипка и во неа се упокоил, заминувајќи со душата при Господа, Кој дојде да ги спаси грешниците. Во тој час пред младичот којшто го удрил Старецот се појавил страшен бес, го удрил по лицето, викајќи: „Еве ти го ударот од монахот Виталиј“. Младичот почнал да беснее. Надвор од себе, се прпелкал по земјата, ја кинел облеката од себе и викал толку гласно, што се собрало мноштво народ.

Кога по неколку часа момчето си дошло на себе, истрчало кон ќелијата на Преподобниот, извикувајќи: „Помилуј ме, слуго Божји, зашто згрешив против тебе“. Пред вратата на ќелијата тој целосно си дошол при себе и на насобраниот народ му раскажал за неговата средба со преподобниот Виталиј. Потоа младичот затропал на вратата од ќелијата, но не добил одговор. Тогаш ја пробиле со сила вратата и виделе дека Преподобниот се претставил пред Бога, стоејќи на колена пред икона. Во неговата рака имало свиток со зборовите:

Луѓе александријци, не осудувајте пред време, додека не дојде Господ, Праведниот Судија.

Во истото време дошла и бесомачната жена, наказана од Преподобниот поради нарушувањето на тајната за неговиот подвиг. Допирајќи се до телото на Светиот, таа се исцелила и му раскажала на народот за сѐ што се случило со неа.

Кога за смртта на преподобниот Василиј дознале спасените од него жени, тие се собрале и раскажале за добродетелите и милоста на Светиот.

Светителот Јован Милостив се радувал што не им поверувал на клеветницте и не го осудил праведникот. Потоа, откако се собрале сите покајани жени коишто ги преобратил преподобниот Виталиј, светиот Патријарх торжествено ги пренел неговите чудотворни мошти низ целиот град и ги предал на чесно погребение. Оттогаш многу александријци си зеле на себе завет да не осудуваат никого.

По молитвите на светиот и праведен Виталиј, благиот наш Христос Бог и нам да ни дарува благодат да не осудуваме никого, знаејќи дека ако не осудуваме, нема ни ние осудени да бидеме.