Молитви кон Пресвета Богородица. Молитва втора

Владичице, Дево Богородице, благодатна Богородителке, преблагословена Богоблагодатна, сместилиште на Божеството на единородниот Син на бесмртниот и невидлив Отец, приклони го увото Твое и чуј ги словата што Ти ги испраќам од моите скверни и нечисти усни. Зашто, ете, со скрушена душа и со смирена мисла притекнувам кон Твоето благоутробие. Не презирај ме, бедниот, ниту допуштај да погине докрај Твојот недостоен раб, но Твојата мајчинска молитва ползувајќи ја, окајаната ми душа исцели ја, немилосрдно скрушена од моите лукави страсти – нека којашто лукавиот непријател, разривајќи ја со сластољубивите гревови, ја прикова за земјата.

Затоа исполнет сум со секаков срам и не се осмелувам, ниту лице имам да испросам од човекољубивиот Бог прошка на многуте ми гревови и исцеление на неизлечливите ми рани. Зашто храмот на телото го осквернив и со моите непристојни желанија страшно го извалкав и сите мои чувства со недозволени дела ги повредив. Затоа немам дерзновение да ги подигнам кон небото рацете, кои со лоши дела ги осквернив,  и да ги отворам за молитва усните, кои со злословие и клевета кон ближниот ги извалкав.

Поради тоа, сенепорочна Владичице, пред Твоите неизречени штедрости се фрлам, бедниот и блудниот; зашто немам друга надеж или прибежиште, освен Тебе, моето единствено утешение и брза закрила, Тебе, радоста на мојата душа, ослободување од скрбта, избавување од ропство, обожение на смртните, наше очистилиште и прибежиште, исправување на паднатите, пресоздавање на мојата душа и тело, искупување на гревовите мои, изливано од Бога, оросување на исушеното ми срце, лачезарен светилник на омрачената ми душа, покритие на мојата голотија, прекратување на моите воздишки, промена на моите несреќи. На Тебе се надевам, со Тебе се фалам. Не оддалечувај го од нас Твоето застапништво, но секогаш помагај, пази и не нѐ оставај. Се радува со Твоите молби единородниот Твој Син. Зашто, Оној Кој благоволи кон рабите да биде причислен, колку повеќе ќе го запази Своето положение и милост кон Тебе, Која си Му послужила со неискажливото Раѓање? Затоа Тој се радува на Твоите посредништва и почитувајќи ја Твојата слава како Своја сопствена, по долг ги исполнува прозбите Твои. Само не презирај ме мене, најбедниот, и непристојноста на моите дела нека не ја пресече безмерната милост Твоја, Богородице моја, превозљубено име, зашто ниеден трофеј не е посилен од Твојата победа.

Затоа, Пречиста и Посреднице за светот, во покајание Ти припаѓам, брза помош во нуждите, по Бога Помошница и сигурна и цврста моја Закрилница. Јас, виновниот за многу прегрешенија, од длабочините на своето срце викам: помилуј ме, благољубива и благоутробна, исполнетиот со секоја смрдеа и леност, и прими го ова жалко и ништожно моление. И макар што Ти го принесов мрзеливо и безгрижно, Ти, со Твоите мајчински молитви, направи го благопријатно на Твојот Син и Бог и удостој ме со небесното Царство мене, кој Го фалам и благословувам Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.


Извадок од: “Precationes ad dei matrem”, Sancti patris nostri Ephraem Syri. Оpera omnia, ed. Konstantinos G. Phrantzoles, vol. 6. Thessalonica 1995, 355-358.
Превод од старогрчки:
Братството на Свештената Бигорска Обител