Како да не се заплеткаме во мрежите на слободата – V дел

Поредок во љубовта

Прашањата кои Августин ги покренува во спорот со Манихејците и Пелагиј засегаат особено важен дел на философијата – етиката. И тој го разгледува не само проблемот на доброто и злото, туку и на љубовта и среќата – на нив Августин им посветува сериозно внимание, особено на прашањето што е љубовта.

Ете Христос ни заповедал: „Возљуби Го Бога… Возљуби Го ближниот свој…“ Љубовта е она главното со што се спасува човекот и кое Христијанинот, пред сѐ, треба да го пројави во овој живот. А што значи тоа „љубов“? Љубовта може да биде разновидна: некој љуби да прави добро, некој пак, да прави грев. Доброто човекот го избира благодарение на благодатта Божја, а злото како последица на повреденоста од гревот. Токму затоа кај човекот има и добра волја и прељубодејна волја. Како да ја разграничиме едната волја од другата? Човекот секогаш стреми кон среќа. Тој стреми кон посакуваното, кон тоа што тој го сака. Бидејќи, „блажен е само оној којшто има сѐ што сака, но не сака ништо неразумно“ („За Троица“, XIII, 5). Но, кон што треба ние да стремиме? Правилно ли посакуваме? Правилен ли е предметот на нашите желби? И овде Августин се потпира на учењето на Аристотел за природните места. Да се потсетиме дека Аристотел даде објаснување зошто, да кажеме, каменот паѓа на земја кога е фрлен нагоре. Тоа е затоа што каменот се стреми кон своето природно место. Природно место на тешкиот предмет е центарот на Космосот. Земјата се наоѓа во центарот на Космосот и според тоа, каменот стреми кон природното место, поточно кон земјата.

И Августин пишува во „Исповеди“: „Секое тело како последица на својата тежина стреми кон своето место. Секој влече не само надолу, туку исто толку и кон своето место. Огнот се стреми нагоре, каменот надолу. Тие привлечени од својата тежина го бараат своето место. Маслото, доколку го сипеме надолу, ќе се крене над водата, таа, пак, налеана на масло ќе падне долу: тие привлечени од својата тежина го бараат своето место. Каде што нема поредок, таму е и немирот. Подредувањето успокојува. Мојата тежа е мојата љубов: таа се движи со мене, таму каде што јас не би се насочил“. Затоа моето природно место е во мојата љубов. А бидејќи Бог е Љубов, моето природно место е во Бога.

Но, ако каменот или маслото паѓа или се крева, потчинувајќи се на природните закони, човекот сепак, има слободна волја и доколку тој има неразумна волја, може и да не стреми кон своето природно место. Тој може да стреми погрешно кон она место кое не му е природно и нормално. Неговата љубов може да биде злобна љубов, а тој треба да има добра љубов. И Августин заклучува: „Треба да умееме да ја разликуваме добрата љубов од онаа злобната. Треба да ја љубиме добрата љубов т. е. љубовта кон Бога и да ја замразиме злобната љубов“. „И самата љубов треба да ја љубиме“, пишува тој, „запазувајќи извесен поредок, за да можеме на добар начин да го љубиме тоа што сме должни да го љубиме, за таа во нас да биде добродетел која го прави нашиот живот добар. Токму затоа, мене ми се чини концизна и точна таквата определба на добродетелта: таа е поредок во љубовта“ („За градот Божји“ XV, 22). А каков може да биде поредокот во љубовта? Ние треба повеќе од сѐ да Го љубиме Бога, а понатаму по хиерархија: колку е посовршено созданието Божјо, толку повеќе треба да го љубиме. Затоа својата душа треба да ја љубиме повеќе отколку телото. Но и телото треба да го љубиме, бидејќи и тоа е исто така Божја творба, но притоа не да го претпочитаме пред душата, доколку наеднаш се појави таква ситуација во која треба да бираме што да жртвуваме – душата или телото.

Доколку кај човекот постои тој поредок во љубовта и тој го достигнува своето природно место, таквиот човек достигнува блаженство и среќа. Бидејќи блаженството не може да постои без владеењето со доброто. Не треба да го посакуваме тоа што е зло, инаку тоа ќе го доведе човекот до несреќа. Да се насладува човек може само со безусловната добрина, со сѐ останато може само да се ползува. Да се насладуваме, тоа значи да го восприемаме нештото како нешто што постои апсолутно објективно, независно од човекот, како нешто што постои само по себе. Со едни предмети можеме да се насладуваме, со други можеме само да се ползуваме. Овде е многу важно да умееме да разликуваме со што треба да се насладуваме, а со што да се ползуваме. Доколку со нешто се ползувам, тоа значи дека тој предмет постои заради мене. Доколку со нешто се насладувам, треба да сфатам дека тој предмет постои независно од мене и во своето постоење на некаков начин зависам од него.

Расудувајќи вака, ние доаѓаме до заклучокот дека треба да се насладуваме само со Бога, со сѐ останато треба да се ползуваме. Но во животот ние постапуваме потполно спротивно: се ползуваме со Бога. „Господи, дај ми богатство, дај ми здравје, а јас потоа со тоа богатство и здравје ќе се насладувам“, бараме ние од Бога. Во тоа се пројавува повреденоста на нашата природа: ние се збунуваме кога станува збор за тоа со што треба да се насладуваме, а со што да се ползуваме и тоа нѐ води во несреќа. „Бидејќи кога творбата ја љубиме сама по себе, тогаш тоа е страст, и тогаш таа не му помага на оној кој се ползува од неа, туку му штети на оној кој ѝ се насладува. И бидејќи созданието е или рамно на нас, или пониско од нас, произлегува дека треба да се ползуваме од пониското заради Бога, а да се насладуваме во Бога. Бидејќи ти во себе треба да се насладуваш не со себе самиот, туку со Оној Кој те создал. Според тоа ти треба да се насладуваш со она кое го почитуваш како самиот себе“ (пишува Августин во трудот „За Троица“).

Крај