„Нема Бог“ – значи: Немам Бог

Еден е Бог и Он е севишен, семоќен, семудар и предобар. Од Него доаѓаат сите созданија и кон Него се враќаат. Он е без почеток и без крај, без потреба и недостаток. Од него зависат сите безбројни светови, и тие се движат околу Него. Он почива на средина, како неподвижна оска во тркалото. Оската стои и држи, а тркалото се движи. Во Бога е сета сила, и нема сила надвор од Божјата. И силата на светлината, и на воздухот, и на водата, и на каменот е Божја сила. Силата со која мравката оди, рибата плива, и птицата лета е Божја сила. Силата на семето да израсне, и на тревата да дише, и на човекот да живее е Божја сила. Дури и силата на ѓаволот е позајмена од Бога, позајмена и за зло употребена, како што лудиот може да позајми оган од ковачот за да се загрее, па да си го стави огнот во пазуви. Сета сила е Божја и сите суштества позајмуваат своја сила од Бога. Бог секому му позајмува колку што сака и зема назад кога сака.

Во секое Божјо создание има Божја добрина

Бог е семудар. Во Бога е секој мудрост, и нема мудрост ниту знаење надвор од Бога. На секое создание Бог му позајмил од Својата мудрост. Затоа немој да мислиш дека Бог му дал мудрост само на човекот. Мудрост има и волот, и коњот, и пчелата, и мувата, и ластовичката, и штркот, и дрвото и каменот, и водата и воздухот, и огнот и ветрот. Во сè има Божја мудрост, и ништо не би можело да постои без барем малку мудрост. По мудроста Божја секое суштество и секоја твар ги извршува дадените му должности во корист на својот вид и на сите созданија.

Бог е предобар. Својата добрина Бог му ја позајмил на секое свое создание. Затоа во секое Божјо создание има Божја добрина. Дури и во ѓаволот има Божја добрина, според која ѓаволот си посакува за себе добро, а не лошо, но по својата глупост мисли дека со зло ќе дојде до доброто, односно, дека правејќи им зло на сите Божји созданија, на себе ќе си напра- ви добро. Ох, колкава е Божјата добрина во секое Божјо создание! Во каменот, во растението, во животното, во огнот, во водата, во воздухот, во етерот!

И да немаш други богови освен Мене. Но што ќе ти се други богови ако Го имаш Господ Бог Саваот? Штом имаш два бога, знај, дека еден од нив е ѓавол. А ти не можеш да му служиш и на Бога и на ѓаволот… Колку повеќе богови имаш, толку ќе бидеш понесреќен, послаб, потажен.

Парабола за богатиот и сиромавиот Лазар

Богатството како втор бог. Многу луѓе богатството ги заведува и опива и им постанува идол, кому што тие почнуваат да му служат и робуваат сè повеќе и повеќе, сè додека, најпосле, не ги одвои од Бога и им постане втор бог, а тие негови робови. А тој втор бог, според зборовите на христијанските отци, особено според Златоуст, е најсуровиот тиранин и убиец. Како пример за ова служи оној богатиот од параболата на Спасителот, пред чијашто врата, додека тој со пријателите се гостел, веселел и уживал, лежел гладниот сиромав Лазар (Лука 16, 19-31). Затоа Господ Исус нè предупредил дека не можеме истовремено да им служиме на двајца господари: на Бога и на Мамона или на богатството (Мат. 6, 24), а светиот апостол Павле – дека среброљубието (љубовта кон парите и општо кон богатството) е корен на сите зла (I. Тим. 6, 10). Затоа многумина богати христијани се одрекувале од богатството и го ставале во служба на ближните (свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст, света Меланија Римјанка и др).

„Нема Бог“ – значи: Немам Бог. Оној кој тврди дека „нема Бог“ со тоа не докажува дека Бог навистина не постои, туку само себеси се уверува дека тој самиот нема Бог, и со тоа сведочи дека со него нешто не е во ред, дека му недостасува внатрешно духовно сетило со кое Го чувствуваме и гледаме Бога. Затоа на таквиот треба да му кажеме:

Погрешно велиш, пријателе, дека нема Бог. А правилно ќе кажеш ако речеш: немам Бог. Бидејќи и ти самиот гледаш дека останатите луѓе околу тебе Го чувствуваат Бога, па затоа и велат: има Бог. Значи, не дека нема Бог, туку ти Го немаш Бога.

Господ без човекот останува да биде Господ! Човекот без Господ е НИШТО!

Погрешно велиш, како болен кој би рекол: нема здравје во светот. Тој единствено може да рече, без да лаже: јас немам здравје.

Погрешно велиш, како и слепиот кој би рекол: нема светлина во светот. Има светлина, сиот свет е исполнет со светлина, само ти не ја гледаш.

Погрешно велиш, како просјак кој би изустил: нема злато во светот. Има злато и на земјата и под земјата, само ти го немаш.

Погрешно велиш, како злосторник кој би рекол: нема добрина на светов. Има добрина, само во тебе ја нема.

Исто така погрешно зборуваш кога велиш: нема Бог! Бидејќи она што ти го немаш, не значи дека никој го нема. Кој те овластил да зборуваш во името на целиот свет? Кој ти дал право својата болест да им ја припишуваш на сите, и својата немаштија да им ја наметнуваш на сите? Ако пак признаеш и речеш: немам Бог, тогаш кажуваш вистина и се исповедаш. Бидејќи имало и има исклучителни луѓе кои навистина немаат Бог. Но Бог ги има нив, ги има до нивниот последен здив. Но ако и на последната воздишка изјават дека немаат Бог, тогаш и Бог нив повеќе ги нема. И ги отпишува во расход. Затоа те молам, пријателе мој, заради твојата душа, заради вечниот живот и царство, заради солзите и раните Христови – те молам, претвори ја твојата пркосна исповед во покајничка исповед. А она што треба понатаму да го правиш, ќе ти го каже црквата, прашувај.


(Епископ Николај, 121. Мисионерско писмо: До поштарот Илија К. За доказот на Божјото битие. Битола, 1933)