Во духот и силата на Илија

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на празникот Илинден, на Божествената Литургија отслужена во храмот „Св. Вмч. Георгиј Победоносец“, во с. Лазарополе

 

 

Денес, мили мои, го славиме големиот и свет, старозаветен пророк Илија, родум Израилец, кој бил особено истакнат по својата огнена љубов и ревност кон вистинскиот Бог. Како што добро знаете, во епохата на Стариот Завет, во времето пред Христа, единствено израилскиот народ исповедал права вера во единиот вистински Бог Творец, Седржител, Избавител. Меѓутоа, имало и периоди кога израилското општество, опкружено од многу пагански и во тешка прелест западнати народи и племиња, ги примало лошите влијанијата од тие свои соседи. Имено, во тие времиња многу од Израилците склопувале бракови со незнабошци, па на тој начин и меѓу избраниот Божји народ се ширела религиозна заблуда. Еден од заблудените, но и распространувач на погрешното поклонение бил и царот Ахав, кој се оженил со инородната и иноверна Језавела, ќерка на сидонскиот цар Етбаал и поклоничка на лажниот бог Ваал. По примерот на жена си, и царот Ахав го ширел култот на Ваал, а му подигнал дури и светилиште, со што Го разгневил Господ, Бог Израилев, повеќе од сите претходни израелски цареви (Сп. 3. Цар. 16,30-33). Тогаш навистина израилскиот народ западнал во голема и страшна духовна беда. Тој кој дотогаш се држел во морална и духовна чистота и правомислие, коешто доаѓало од неговото правоверие, и имал силно општество со здрави семејствата, почнал да се поистоветува со одвратната нечистотија карактеристична за незнабожечките народи. Светиот пророк Илија, гледајќи ја ваквата разорителна појава, а во исто време исполнет со љубов и ревност кон Бога, енергично вознегодувал во себе. Тој бил избран од Бога да биде Негов проповедник и подражател на вистинската вера среде народот, па затоа почнал многу решително и заплашувачки да проповеда, спротивставувајќи се дури и на тогашната царска власт, изобличувајќи го лично и царот Ахав. Тој отишол при него и бестрашно му кажал дека Господ нема веќе да испраќа дожд на Израилот, доколку не се откаже од погрешното верување и лошите дела (Сп. 3. Цар. 17,1;18,18). За таа необична смелост, се разбира, неопходна му била посебна Божја помош. Па така, иако царот не сакал да го послуша, Свети Илија, поткрепен во својата проповед со моќни Божји знаци и чудеса, успеал да го преобрати сиот израилски народ. Неговиот пример ни покажува што може некогаш само еден човек со силна вера да направи за својот народ. Верата го прави човекот непоколеблив, бестрашен, правдољубив, подготвен да понесе жртва за вистината и со тоа да стане голем добротвор за поширокото негово опкружение.

Од житието на Свети Илија, од неговиот блескав пример, имаме многу што да научиме, а меѓу другото, да не примаме лекомислено туѓи штетни влијанија, туку да ја чуваме нашата свештена традиција, која произлегува од богооткриеното ни правоверие. Отците на Црквата за нашата вера кажале: ’ортодоксиа – ортопраксиа‘ (ὀρθοδοξία – ὀρθοπραξία), т.е. православие и праводејствие. Доколку човек не е исполнет со права вера, тој не може ни правилно да расудува, следствено – ни правилно да живее. Затоа, да ги оставиме сите општествено штетни модернистички експерименти на новиот светски поредок, за кои насекаде се пропагира. Од друга страна, добро е што сѐ уште има каква-таква демократија и секој е оставен да верува и размислува како што наоѓа за сходно. Значи, оставено е на нашата слободна волја да избереме по кој пат ќе тргнеме. Не треба да заборавиме да го цениме дарот на слободата и правото на избор, знаејќи дека во блиското наше минато имавме и такви тоталитарни општества, во кои не беше дозволено човек да верува и да се изразува како што сака. Повозрасните меѓу нас живеевме во едно такво тоталитарно општество, кое нанесе страшен удар врз верата меѓу народот. Последиците од тоа интензивно се чувствуваат и до денес. Не знаејќи во што веруваат, многу наши современици и сонародници немаат соодветен внатрешен механизам да се справат со современото општество и да направат правилен и спасоносен избор. Последниве денови видов една анкета којашто беше поразителна за нас, православните Христијани. Написот што го прочитав гласеше некако вака: Парадоксот на православните Христијани во Македонија. Запрашани на која вера припаѓаат и во што точно веруваат, дури 30% од испитаниците што се декларирале како православни Христијани, одговориле дека, всушност, веруваат во постоењето на некаква енергија, а не во некој конкретен Бог. Голем процент, пак, иако се нарекле православни Христијани, изјавиле дека воопшто не веруваат во Бога. За разлика од нив, најголемиот дел од припадниците на другите поголеми религии одговориле дека се припадници на одредена религиска заедница и веруваат во Бог, како што тој е опишан во книгите што тие ги сметаат за свети. Гледате ли какво незнаење и простотија среде нашиот христијански народ?! Треба да се засрамиме од ова нешто и да се потрудиме во иднина, да дознаеме и самите ние нешто повеќе за нашата убава и света традиција и духовните ни корени, а да ја воспитуваме во нив и нашата младина. Зашто во спротивно, не ќе можеме да изградиме здраво општество. Сведоци сме како денес не се уважува дури ни семејството; тоа повеќе не го зазема своето вистинско место, како што било во нашата свештена христијанска историја. Од една толку света заедница, црква во мало, од основна клетка во општеството, денес бракот се претвора во само една привремена правна спогодба помеѓу двајца, а согласно новите општествени трендови, таа спогодба може да биде и меѓу истополови единки. Затоа, мили мои, да се обратиме со молитва кон вистинскиот Христос Бог наш, Бог на милоста и љубовта, да ни даде просветление, та и себеси да се научиме, а да ги научиме и нашите деца на Неговата љубов. Зашто само преку верата и љубовта во Христа, тие ќе бидат во состојба искрено да ги сакаат ближните и Татковината и утре да склучуваат бракови на исправни основи. Божјата благодат ќе ги просветлува дека бракот не е само една идилична состојба додека трае еросот, туку и една пожртвувана љубов еден кон друг, љубов која треба да трае до крајот на животот, без разлика на сите искушенија што неминовно ќе доаѓаат.

Архимандрит Анатолиј Зографски

Светиот пророк Илија во тој дух на правата вера го поучувал израилскиот народ и со Божјо содејство успеал да го врати на вистинскиот пат. Ние во нашиот род сме имале безброј такви праведници и пророци на своето време, кои го просветувале народот во вистината и правдата, така што тој се одржал и до наши дни, и покрај сите историски премрежија и неприлики. Би сакал во оваа прилика да го пофалам црковниот одбор на ова село, кој пожртвувано се труди околу овој историски храм-споменик. Неговите благочестиви членови последново десетлетие направија навистина многу за овој храм: го очистија ѕидниот живопис, реставрираа дел од иконите, сложно ја пребродија и несреќата со кражбата на иконите. Еве, гледаме како веќе почнуваат да се пополнуваат отворите каде што беа старите икони со нови. Ние со ова, секако, нема сосема да се утешиме, туку ќе се молиме старите икони да бидат пронајдени и вратени. Но денес сакам особено да ја искажам својата радост што после богослужбава, ќе биде откриен спомен-биста на еден мошне значаен великан од ова село, со кого треба сите да бидеме горди – отецот Архимандрит Анатолиј Зографски, еден од втемелувачите на нашата сенародна преродба. Тој израснал во ова село, се замонашил во Бигорскиот Манастир, а потоа заминал во Манастирот Пречиста, па во Зограф на Света Гора, во Русија, во Цариград, бил конзул во Атина, голем духовник, преродбеник, дипломат, учебникар… Им благодарам на членовите на одборот и на сите што помогнаа да се направи споменикот. Идејата за него ја дадовме на една заедничка средба со членовите на одборот, бидејќи тие веќе имаа направено биста од легендарниот Ѓурчин Кокале, па прилегаше до неа да стои и бистата на неговиот најголем сотрудник и соборец – Архимандритот Анатолиј. Тие двајцата биле несомнено еден добар ѕевгар на нивата на народното просвештение, како Светите Браќа Кирил и Методиј, и успеале да го изградат овој прекрасен храм. Но и уште повеќе – тие дале огромен придонес во градбата на духовниот храм во срцето на нашиот народ. Имено одовде, од Мијачијата, започнала преродбата, не само во овие граници во кои се наоѓа денес македонската држава, туку слободно можеме да кажеме дека оттука дошол првиот импулс за сеопштата преродба, дури до Црното Море. Во овие мијачки краишта дејствувале првите народни учители и писатели, оние коишто први на хартија го ставиле народното слово и ги напишале првите словенски книги среде духовниот мрак на отоманското владичество.

Чеда сме на големи преродбеници, на луѓе во кои моќно дејствувал духот и силата на Илија. Затоа да учиме што повеќе за нивните животи и подвизи и нека ни бидат тие вдахновение  за тоа какви треба да бидеме.

Да сте благословени и на многаја лета!