Потребна е голема борба, затоа што страстите имаат голема сила. Но храбриот подвижник, кој се подвизува со сите свои сили, ќе победи преку благодатта Божја.
Телесниот труд и изучувањето на Божествените Писанија ја чуваат чистотата на умот. Потребно е уште и многу молитва, за Божјата благодат да го осени подвижникот. За да ја придобие некој благодатта на Светиот Дух потребна е голема духовна борба, зашто човекот лесно се наклонува кон злото и во еден миг го губи она што го имал стекнато со големи подвизи.
Во срцето на човекот постојат и доброто и злото. Од нашата борба зависи кое од двете ќе надвладее. Ако се оставиме себеси опуштени, без да се присилуваме, ќе надвладее злото. Во спротивно, ако се подвизуваме ќе победи доброто и добродетелта.
Таа борба е тешка. Ќе паднеш и ќе станеш и пак ќе паднеш и пак ќе станеш. Целиот живот – борба. Бидејќи сатаната не нè остава невознемирени ниту еден момент. Чека само еден миг на невнимателност, та веднаш да го искористи за да ѝ наштети на нашата душа.
Како што рековме погоре, во духовната борба потребно е смирение. Зашто Господ ја слуша само молитвата на смирените. Молитвата на смирениот доаѓа до ушите Господови. Очите Господови се насочени кон смирените по срце. Со смирено чувство повикај силно кон Господа и речи Му: Господи, Боже мој, ако сакаш, можеш да ја просветиш темнината на мојата душа.
Кога душата ќе се загрее од љубов кон Бога, тогаш сè смета за отпад и ништожност. Дење и ноќе не размислува за ништо друго, освен за Исуса Христа. Допирот на човекот со Бога е посладок и од најубавото и највкусно јадење. Кога душата ќе се соедини со Бога, тогаш доаѓаат и солзи на духовно веселие. И тие солзи те следат и кога јадеш, и кога пиеш, и кога читаш, и кога се молиш, како плод од борбата на душата. Тоа е платата што ја дава Бог на работниците на Неговите заповеди, коишто како цел на својот живот ја поставиле ползата на душата.
Кога ќе те посетат тие солзи, осмели се и продолжи со поголема сила, за да го поминеш морето на страстите. Но внимавај да не го изгубиш духовното богатство од борбата, било од егоизам или од небрежност.
Ако се немаш трудено во добрите дела, не треба да зборуваш за добродетелите. Зашто секоја добродетел што станува без труд, се смета за отпад во очите Божји. Воздишките на твоето срце, молитвите и бденијата, ќе ти помогнат да стекнеш добродетел. Но колку и да викаш со молитви кон Господа, нема да те послуша, доколку тие не се проследени со смиреномудрие. Исполнувањето на заповедите, но пред сè, смиреномудрието, го прават човекот бог на земјата. Верата и милосрдието го носат побрзо во чистота.
Извадок од книгата: Ἰσάακ τοῦ Σύρου, Τὰ σωζόμενα ἀσκητικά, Θεσσαλονίκη 1995 (φωτοτυπικὴ ἀνατύπωσις τῆς ἐκδόσεως 1871)
Превод од грчки: Глигорчо Пуреовски