-Старче, дали човек кој живее свет живот сфаќа дека некој е лукав?
Да, ја препознава лукавоста исто онака како што ја препознава светоста кај еден свет човек. Го согледува злото, но истовремено го гледа и внатрешниот човек и согледува дека злото е од ѓаволот и доаѓа однадвор. Со очите на душата ги гледа своите гревови како големи, а туѓите – мали. Навистина ги гледа како мали, а не лицемерно. Може да станува збор за престапи, но тој ги оправдува во добра смисла на зборот и делата на лошиот човек, не го презира, не го смета за подолен од себеси. Дури може да го смета и за подобар од себеси и свесно, поради многу причини, да ги трпи неговите слабости. На пример ја гледа злобата на еден престапник, но си мисли дека тој дошол до таму да прави лоши дела поради тоа што во животот немал помош од никаде, и смета дека можеби и тој би се нашол на неговото место доколку Бог не му помогнел. Поради тоа тој прима огромна благодат. Спротивно на ова, лукавиот човек, макар и да ја гледа светоста на другиот, нема да ги препознава неговите добри помисли, исто така како што ни ѓаволот не ги знае.
Оној што внимава на себе на духовен план, ги оправдува другите, а не себеси. И колку повеќе напредува духовно толку послободен станува и толку посилно Го сака Бога и луѓето. Тогаш тој не може да разбере што значи злото, зашто има само добри помисли за другите, помислите му се чисти и сѐ гледа со духовниот вид, свето. Извлекува полза дури и од падовите на ближните, ги ползува како силна кочница за и тој самиот да не падне. Спротивно на тоа, ако човекот не се очисти тогаш тој размислува на лукав начин и на сите работи гледа лукаво. Со своето лукавство тој ги оцрнува дури и добрите нешта. Не стекнува полза ниту од добродетелите на другите, туку веднаш, бивајќи помрачен од мракот на човекоубиецот ѓавол, ги толкува со својот лукав речник. Постојано е растроен, а и своите ближни ги растројува со својот мрак. Ако сака да се ослободи, треба да разбере дека неопходно е да се очисти, за да може да стекне духовна јаснотија, очистување на умот и срцето.